четврток, мај 28, 2009

Циронки

Кога се во езеро, или кога се свежи, пржени или печени се 'преспански белвици'. Но, кога ќе ги исушиш, посолени, пресувани, стануваат циронки - деликатес на селата од западниот брег на Преспанско езеро - Стење и Коњско, подготвени според уникатен традиционален рецепт за чувување риба до следната риболовна сезона


Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Андон ДАВЧЕВ

Би било некоректно од нас ако не ве предупредиме читањето на оваа репортажа да ја оставите за некој од оние мигови кога толерантно се прекоруваме себеси дека сме изеле повеќе од што било нужно, моментите кога задембелени во некој лад би сакале да прочитаме што има по неделниците и магазините. Овој пат ве водиме во Стење, на западниот брег на другото езеро, Преспанското, да видиме како се прават циронките, сушените рипчиња што одвреме-навреме, во летните месеци, ги гледаме на картонските кутии на пазарџиите од Мала Преспа, исто така од западниот брег, веднаш зад границата со Албанија.

СЕГА ИМ Е ВРЕМЕТО

И овојпат тргнавме преку Охрид, уште еднаш да се почестиме да ја видиме Галичица, да бидеме изненадени од другото, поинаквото езеро, додека се оддалечуваме стрмнините над Трпејца. Уште сто пати нека ни кажат преспанци дека побргу се стигнува преку Велес, Прилеп и Битола!


Стигнуваме во Стење. И овојпат доцниме, како по правило - онолку минути колку што ни биле потребни за борбата со себе, да се одлепиме од магнетизмот на панорамите на патот меѓу двете езера.


"Ве чекав порано, до десет и пол, ама појќе не можев да чекам. Времето е жешко, не можеш многу да одложуваш, па почнав да работам", ни раскажа стариот познаник Ванчо Стојаноски, кој веќе почнал да ги средува рибите што ги уловил претходната ноќ.


Сепак, не беше толку доцна. Имавме прилика да фатиме од се што требаше да видиме, за да видиме одблиску како се прават сушените преспански белвици, циронки, како што ги нарекуваат во Преспа.


Најпрвин бевме љубопитни за името - циронки, но, ниту Ванчо, ниту повозрасните од неговата околина, ниту пак кој и да е од повозрасните стенчани што ги прашавме, не знаеја да ни објаснат што значи и од каде потекнува.


Седнавме спроти Ванчо и почнавме да редиме од полесните прашања.


Научивме дека циронките се прават од мај до јули, кога езерото е најбогато со белвица, а времето најпогодно за сушење на низите со риби.


"Како оди сонцето, така одиме и ние. Низите секогаш треба да бидат на сонце и мораш да внимаваш да не заврне", ни рече Ванчо, покажувајќи дека веќе е време да се поместат неколкуте низи белвици што се сушеа покрај ѕидот на другиот крај на дворот.


Со следниот одговор научивме дека би биле наивни ако помислиме дека така обесените низи би можеле да бидат добра гозба за мачките од Стење. Рибите се толку солени, што дури и мачките можат да им одолеат, особено во Коњско, каде што циронките ги прават уште посолени, за да станат уште побели.

ОД СТАРИ, ПРАСТАРИ..

Додека Ванчо ни покажуваше што се’ треба да им се направи на уловените риби, љубопитноста ја привлече да ни се придружи и баба Ангелина Стојаноска, мајката на Ванчо. Ја искористивме приликата да ја распрашаме да ни раскаже од кога ги памети циронките, од каде потекнува името, кој и како ги подготвувал кога била дете.


"Ова' работа е од напред (демек, од времиња!), од стари, престари.. Со векови е ова. Напред немаа мрежи, одеа со пезул (вид мрежа што се носи на рамо). Се ловеше и од на нога и од чунки, сред езеро. Големите одеа на работа, в поле, ние помалите, децата си нижевме циронки. А името - не знам. Откако знам за себе, ги викаме: циронки. Зошто, како - не знам да ви кажам", ни рече баба Ангелина.


Рибите најпрвин се чистат (се вадат) од мрежата. Откако ќе се исчистат се солат, малку по малку, во тепсија. Откако ќе се посолат, се редат во буриња или во канти, најгоре се покриваат со блостур (растение со зелени листови, како штавел) и врз блостурот се става нешто тешко, обично камени плочи, за да држат тежина врз рибите, да се испресуваат. Врз бурето се става капак и така затворени стојат седум дена.


До тогаш седум пати ќе се сврти кругот. Додека рибите убаво да се испресуваат во бурето и додека убаво да попримат од солта, домаќинот секоја вечер, со првиот мрак, околу девет часот навечер, оди в езеро, со мрежите и кајчето.


"Ова се рибите што се фатени денес, преспанска белвица. На 10 кила риби се става едно кило од крупната сол. Се суши и крап и скобуст, ама, најногу се сушат белвици. Откако убаво ќе се исушат, низите се прибираат во хартиени вреќи и така исушени можат да се чуваат до следната година, до следната сезона за правење циронки, ни раскажа домаќинот.


НАЧУЛЕНИ НАД ЕЗЕРОТО

Бевме љубопитни за ловењето. Од Ванчо и од баба Ангелина дознавме дека денес се лови поразлично и дека се’ помалку стенчани го паметат ловењето со сакови и со пезул, сред езеро или покрај брегот.


"Како и да ловиш, најважно е да бидеш тивок и да го следиш движењето на рибите. Тој што е искусен го слуша шумот од рибите, додека се мрестат. Самиот звук ќе каже каде се рибите. Мрежите се фрлаат малку подалеку и се оставаат така околу шест часа. Ловењето е многу интересно, здравје, ќе дојдете. Пред да ја фрлиш, мрежата треба да е обрибена, да мириса на риба. Не смееш да ја допреш со рака, ако ја допираш, можеш да ја допреш само со чисти раце. Рибите се многу осетливи - веднаш ќе побегнат. Езерото е богато со белвица и ноќе е полно со рибари, се’ докај три часот наутро, пред да се појават пеликаните. Ако се задржиш повеќе од што треба, ќе ти ги направат парче мрежите и ќе ти ги изедат рибите пред очи", ни раскажа Ванчо.

ЗВУЧИ ВКУСНО?

Рибите што биле уловени претходната ноќ веќе се наредени во кантата, покриени со блостур, поклопени со тежина. Наоколу во дворот веќе се сушат низите со рибите што биле уловени пред седум-осум дена. Им останува уште малку пат до трпезата.

Откако ќе се исушат, може да се јадат и живи, но преспанци ќе ви кажат дека циронките се највкусни кога се потпечени. Се подготвуваат на неколку начини и се вкусно мезе за со вино или со ракија. Некои ги сакаат потпечени на плотна, зачинети со лук, магдонос, црвен пипер и масло, но, често се јадат и пропржени во тавче, со масло, црвен ппер и лук.


Звучи вкусно? Прашајте ги вљубениците во Преспа и сите ќе ви го кажат истото - тоа мора да се проба. Тогаш, палете кола и тргнете накај Преспа. Како што ни рекоа стенчани, во Стење нема куќа што не прави циронки.