петок, февруари 20, 2009

Диктафонот


Решив да си купам нов диктафон, дигитален. Одлично ме служеше и касеташот, ама, сепак, решив да го сменам. Ми се смачи да им слугувам на касетите и со секоја следна етапа од дигитализирањето да се прекорувам себеси што значаен дел од слободното време да го поминувам над успорениот домашен компјутер. Решив технолошки да си олеснам во исполнувањето на желбата личната фонотека да ја збогатувам со снимки од репортерските патувања низ Македонија.

Речено-сторено. Веднаш штом се појави првата прилика за некакви лесни пари, дел од неочекуваните приходи одвоив за диктафон - дигиталец, и - тргнав во продавница. Како што обично бива, есапот од дома и не излегува како есапот на пазар, па решив да ја прифатам понудата на шефот на продавницата на Швабингтон во Урбаната алашвериш периферија, да купам користен диктафон, од моделот што го барав, за една третина од регуларната цена поевтино. Решив да му поверувам дека навистина единствената причина што бил вратен не бил некаков технички проблем, туку дека навистина наишол муштерија-табиетлија, кој нашол да ситничари што на декларацијата пишувало Made in Japan, а на самиот производ - Made in China, па затоа решил да го врати. Гарантниот рок - две години од денот на новата купо-продажба - беше добар дополнителен мотив и уште еден аргумент плус.

***

Како да остане човек резистентен на искушението дали да ги преслуша 56-те мистериозни тонски записи што останале снимени од претходниот сопственик, кој решил да му го врати диктафонот на продавачот, независно која и да е причината!? Би можеле ли да се победите себеси и да и’ одолеете на љубопитноста што се’ се крие во фолдерот А по неколкуте записи, во кои возрасен човек, тивко и спокојно, преблиску до микрофонот, неколку пати едно по друго кажува на англиски молитва за чесен и квалитетен живот, за божја помош да биде интелигентен, доблесен, корисен за својата земја..!? Се прашувате: што ли е сега ова, кој е човеков, од каде е? Се обидувате да му влезете во трага според изговорот, според содржината на молитвата, но - попусто. Во кој фолдер да се обидете - истото! Помислувате дали можеби се работи за некаков свештеник, кому од којзнае какви причини му текнало да ги снима исповедите во исповедницата!? Белким не е!? Од случајно снимените фајлови, во некој од следните фолдери, дознавате дека записите се снимени во мала просторија, со отворен прозорец, на пролет или лете, приквечер - штурците почнуваат да свират, а небото го надлетуваат јата чавки. Се враќаме повторно од почеток, во фолдерот А, каде што не’ чека следното изненадување. Го слушаме истиот глас, одбројува од еден до пет, на македонски! Човеков мора да е од Македонија - изговорот е премногу природен. Се обидуваме фолдерот Б и - бинго! - уште еден лик во приказната: зад фајловите со молитви женски глас ненадејно ќе запее: Ајде море Цацко, почасети кафе..! Што ли е сега ова!?

Влегувате во нова серија истражување, одново и одново преслушување. Странец - не е! Сигурно е од Македонија, сигурно е возрасен, женет, живее во побавно темпо.. Нешто не упатува кон фолдерот Д, во неколкуте фајлови подолги од 35-40 секунди. Клучот на се’ го наоѓаме во фајлот DW D0081. Го слушаме сопственикот, застанат до телефонот во претсобјето, листа Златна книга. Од разговорот со соговорниците, дознаваме дека ја бара Организацијата за заштита на потрошувачите, имал некаква поплака. Неколкуте обиди се покажуваат јалови. Нигде ги нема! Диктафонот снима, пак истото! Тогаш доаѓа клучната информација. До следниот обид, сопственикот решава да заврши друга работа, телефонски разговор кој ни го состави мозаикот докрај. "Добар ден. Се јавува професор Китан Китанов (вистинското име и’ е познато на редакцијата) . Запишете го насловот на трудот што го пријавувам за симпозиумот...".

***

Ми откажа. Полн со фајлови. Го користев два месеца, без никаков проблем. Според шефот на Швабингтон, сервисерите рекле - нема чаре. Или да доплатам, па да земам друг, понов модел, или - да ми ги вратат парите. Решив да си ги земам парите, и да си купам понов модел, со доплата, од друга продавница. На следниот купувач му оставам полни фолдери со фајлови, има материјал колку што му душа сака - слободно нека ги користи и нека напише што сака. Има материјал за приказна, за расказ, за роман..

среда, февруари 11, 2009

Дексион


Главниот лик во оваа приказна не е ниту човек, ниту група луѓе, ниту организација формирана од луѓе. Ова е приказна за еден челичен профил, приказна за тоа како една скопска населба го добила името по еден градежен елемент и приказна за тоа како и колку еден челичен профил може да стане дел од животите на луѓето од една населба

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Андон ДАВЧЕВ

Сигурно има некој што тоа го истражувал на научно ниво или постои и посебна научна дисциплина што се занимава со тоа, но доволна ќе ни биде и една лаичка анализа за да заклучиме како населбите во градовите ги добиле своите имиња.

Разгледајте ги, на пример, имињата на скопските населби и барем на уште еден град што добро го познавате и ќе заклучите дека главно се тоа имиња на видни личности од историјата, имиња што упатуваат на местоположбата на населбата на мапата на градот, климатско-географските специфики на местото каде што била подигната населбата, според имињата на видни личности или семејства што живееле во некое маало или според потеклото на луѓето што ја основале населбата, на пример.

Но, има и некои имиња кај кои ќе запнеме, за кои нема да имаме идеја од каде и како произлегле. На пример, би знаеле ли дека скопската населбата Хром го добила името затоа што била подигната за населување на некогашните вработени во рудникот за хром во Радуша? Или, би знаеле ли, ако не знаете добро турски, дека населбата Маџир маало го добила името според османско-турскиот збор муаџир, како што биле нарекувани Македонците што се доселиле од Мала Азија по размената на население по Балканските војни.

Но, ви паднало ли на ум дека има и населби што името го добиле според градежниот материјал од кој биле направени? На пример, сте знаеле ли дека името на населбата Тафталиџе потекнува од турскиот збор тахта (дрво), а го добила по дрвените вили што биле подигнати таму за големците во времето на османлиското владеење?

Овојпат ве водиме во една друга населба со такво име, населбата Дексион, последната населба на западниот излез на Скопје, која го добила името според еден челичен профил, изум на англиската компанија Дексион.

ПРОФИЛ, БАРАКА, НАСЕЛБА..

Сè почнува во првите десетина дена по катастрофалниот земјотрес во 1963 г., во првите денови од август, додека градот се созема од првиот шок и спасувањето на луѓето под урнатините, лекување на повредените и идентификување на настраданите. Денови кога требало да се реагира молскавично, за подготвено да се пречека зимата. Биле потребни итни мерки за да можат да се згрижат околу 70.000 граѓани чии домови биле целосно разурнати, или обележани со црвено, како ризични за употреба. Меѓу многуте понуди за хуманитарна помош пристигнува и донацијата на британската хуманитарна организација Борба против сиромаштијата.

Се враќаме 46 години во минатото, кај бавчите во некогашно Ханриево, денешно Ѓорче Петров. Ги слушаме повремените довикувања на работниците од македонските градежни фирми кои се обидуваат да се разберат со инженерите од британската компанија Дексион. Пред нив е задачата да подигнат 700 бараки за луѓе од разни делови на градот, чиј нов дом ќе бидат англиските бараки. Одвреме-навреме се слуша одѕвонување на клуч десетка врз винклите со дупчиња, патент на фирмата Дексион, додека работниците поставуваат конструкции за идните покриви на бараките. На местото на овоштарниците полека се распознава идната улица 1215, денешна Панајот Гиновски, во која меѓу првите ќе се доселат Исмаил Елмаз, Славе Николовски и Вели Мумин - оџачарот (дедо на познатиот боксер Вели Мумин).

Единствената прилика автентично да се чуе искуството на британските градители беше гостувањето на поранешниот директор на компанијата, Дејвид Вотфорд, на патрониот празник на училиштето Ѓорче Петров во населбата, во мај 2007 г.

"Скопје беше една од многуте области на несреќи во светот каде што мораше да се посвети внимание. Во 1963 г. земјотресот за 4 минути направи разурнувања во размери што тешко можам да ги замислам. Името на компанијата, Дексион, доаѓа од грчки збор што значи вистинско решение или вистинскиот начин. Тоа е и причината што логото на компанијата е знакот за проверено или одобрено, кој истовремено личи и на челичен Л-профил, првиот производ на Дексион. Компанијата беше основана во 1947 г., на крајот на Втората светска војна, во време кога имаше голем недостаток на сурови материјали и голема побарувачка за конструкциски материјали што можат да се користат повеќекратно. Основачот на компанијата, Деметриос Комино, беше страсен во давање помош на посиромашните земји, главно во материјали и со пренесување на знаење, за да им помогне на луѓето да си помогнат себеси. Така се случи и одлуката да им се помогне на настраданите во Скопје", рече г. Вотфорд зборувајќи пред домаќините во Дексион за потеклото на името на нивната населба.

СТАЛАЖА, КАФЕЗ, СТАТИВИ..

Луѓето што се родени или кои некогаш живееле во оваа населба добро ги паметат англиските бараки - нарекувани, исто така - Дексион, според основниот градежен елемент од кој се составени.

Добро ги паметат малите двособни куќарки, со кујна, спална и бања, со мали дворчиња, во кои сè уште останала по некоја овошка од некогашните овоштарници на Ханриево, или - Ѓорче Петров.

Профилот Дексион секогаш бил дел од нивниот живот, независно дали бил скриен под плочите од иверица од кои биле направени ѕидовите на бараките, или под таблите од салонит, кои биле замена за малтерисана фасада, типична за објектите од цврста градба. Профилот бил присутен во нивните животи и на најнеочекуваните места - од класичниот пример - правење скелиња по кои лазеле маалските лозници, до нивното ненадејно појавување како материјал од кои децата правеле стативи за фудбал на мали голчиња, до скали за берење овошки од дрвцата во дворовите, до изведбата во која најчесто се среќаваат - како сталажи за чување зимница во подрумите и шпајзовите.

Кој како ги доградувал или надградувал бараките, кој како изградил куќа на нивното место, ги зачувал винклите за некоја идна намена. Но, не бил само профилот магичната лего коцка која отворала море за манифестации на креативноста на луѓето од Дексион. Оние што некогаш растеле таму ќе ви раскажат дека важен дел од креативноста им припаѓа и на шрафовите со кои меѓусебно се врзувале винклите. Многумина од нив и ден-денес се сеќаваат како со спојувања на два шрафа со мутерче правеле мини-конструкции како згодна замена за пиштолите плашливци.

"Меѓу двата шрафа ќе наполниш фосфор од кибрит или ќе ставиш книжни или пластични каписли и - ете ти занимација за цел ден", ни рекоа некогашните деца од Дексион.

Шетајќи низ Дексион, го сретнавме познатиот истражувач на пештери, спелеологот Иван Жежовски. Ја искористивме приликата да го прашаме за тоа колку и како профилот бил присутен во неговиот живот, дали и тој му нашол некоја идна примена.

"Како не. Нормално дека го памтам профилот. Сега кога ќе размислам, прво ми текнува дека имам некои рафтови во подрумот, направени од тоа. Инаку, го користеа луѓето за разни работи - од огради, до кафези за зајаци и птици. Ние ја демонтиравме бараката, направивме куќа, а профилите од бараката ги употребивме за рафтови и за некои други работи", ни рече Жежовски.

Би било неправедно да заборавиме да кажеме дека бараки од типот Дексион биле подигнати и во скопската населба Бутел 2. Но, англиски бараки ќе најдете и на други места низ Македонија. Луѓето од Дексион ни раскажаа дека елементите од кои биле составени бараките важеле за многу квалитетни, па кога граделе куќи, ги продавале за добри пари. Којзнае каде сè ќе ве изненадат?