Разгледница! Една фотографија, адреса на примачот и порака со малку текст. И, сосем доволно. Знаете каде е вашиот пријател, знаете во какво расположение бил во моментот кога ја напишал картичката и имате слика каков е амбиентот таму некаде, каде што се движи наоколу. Се' друго е во сликата - една фотографија, која со денови ќе ве повикува да ја погледнете, барајќи во неа одговор како е таму, како му е таму на тој што ви ја праќа разгледницата и што интересно би имало таму за вас.
Да погледнеме малку низ историјата!
Според една неофицијална претпоставка поштенските картички потекнуваат од времето по Тројанската војна, откако Одисеј поштено си го окркал од жената му, Пенелопа - кај 20 години го немало дома, туку, не му текнало ни абер да и' прати. Така, оттогаш почнал да праќа разгледници од следните патувања.
Една од официјалните дефиниции вели дека разгледница е дописна поштенска карта, со слика, фотографија или цртеж на предната и празен простор за пишан текст и адреса на примачот од задната страна. Една друга дефиниција разгледниците ги опишува како дописни картички отпечатени на правоаголно парче дебела хартија или тенок картон, наменети за допишување. Препорачливи димензии на картичките се 12,7 сантиметри должина и 8,9 сантими широчина. Картичките се испраќаат по пошта, без плик, а трошоците за поштарина се помали од трошоците за испраќање писмо.
Во официјалната историја на поштенските картички во САД е запишано дека првата разгледница била патентирана во 1861 година од Џон П. Чарлтон од Филаделфија. Девет годни подоцна поштенските картички се појавуваат и во Европа. Кога се појавиле првите разгледници испраќачот ја пишувал пораката на предната страна, покрај сликата, а задната страна била резервирана исклучиво за името и адресата на примачот. Златното време на поштенските картички почнува во 1907 година, со појавата на картичките со поделена позадина, какви што ги знаеме денес, со простор за пораката на левата половина и поле за адресата од десната. Популарноста на поштенските картички до толку пораснала, што на крајот на 20 век во светот се испраќале повеќе од 4.000.000 разгледници дневно, а на територијата на Македонија, од времето на Османлиите до денес, биле отпечатени повеќе од 700 разгледници што се однесуваат на Скопје.
Но, како наеднаш се промени времето!? Каде се денес разгледниците? Зарем не ве фаќа носталгија за поштенските картички, за она време кога поштенското сандаче беше кутија од која излегуваат пријатни изненадувања, денес, кога го отклучуваме како да ја отвораме Пандорината кутија, чекајќи да видиме што, каде и колку имаме за плаќање и кој се' наумил да ни ги земе парите, смислувајќи милион начини да не' убеди дека нешто одамна ни е потребно!?
Каде се оние шармантни времиња кога разгледниците стигнуваа недела-две откако ќе се вратите од одмор?
Човек ќе појде некаде во странство, во еден ден ќе изнаслика стотина фотографии и уште истиот ден можете да ги видите во и-мејлот пораката што ви ја испраќа или во еден од неговите он-лајн албуми на интернет. Но, колку време ви останува да се задлабочите над секоја од нив, на секоја од тие неколку стотини? Бидете фер - некому му недостасува вашата картичката над телевизорот!