вторник, септември 30, 2008

Света Спасица од Вишни


Која била светителката со сребрена маска?

Пишува. Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ

Однапред ве замолувам за прошка, почитувани читатели, ако оваа репортажа ја доживеете како текст со понагласено зборување во прво лице. Сигурно би било поедноставно да се правам дека не ги познавам луѓето што ни се соговорници, луѓето што нe' водеа до местата што ги видовме и дека однапред не знаам некои од работите што ги видовме. Но, но зарем не е тоа поголем грев од искрено зборување во прво лице? Којзнае?

За црквата Свети Спас сум слушал уште од дете, за време на летните одмори, кога дел од распустот поминував со моите родители во селото Вишни, Струшко, местото од каде што потекнуваат Марковци. Спомнувањето на пештерската црква Свети Спас, едно од седумте светилишта во селото, најчесто одело неразделно со благ прекор од блиските роднини што толку пати сум бил во Вишни, а уште не сум бил Свети Спас, како што велат вишенци, испуштајќи го зборчето во, кога сакаат да кажат дека биле негде или дека одат некаде. Многумина многупати ми раскажувале дека тоа е едно од местата што треба да ги види секој што ќе го посети Вишни, село на 7 километри од Струга, на планината Јабланица, на 1.060 метри надморска височина.

Прпват ја посетив минатата година, додека татко ми лежеше на смртната постела во нашата куќа во селото, но, сепак, на сета мака наоѓаше сили да ми се израдува, да се израдува што синот цврсто решил да го запознае родниот крај на неговите потомци, изворите, шумите и светилиштата во околината на селото. Оваа репортажа ја чувствувам како аманет од татко ми, кој често пати ненаметливо знаеше да каже, читајќи ги моите текстови во Форум: Треба да направиш една репортажа за Свети Спас.

Овојпат ве водиме таму, во тој дел од Непозната Македонија.

СПАСЕ И СПАСИЦА

Според договорот, во Вишни нe' пречекаа Роза и Борис Ѓоргоски. Сакајќи да фатиме колку што можеме повеќе од дневната светлина, пред да фати некој посилен дожд, решивме веднаш да тргнеме накај Свети Спас.

Патот до светилиштето почнува кај големата чешма на сретсело, а продолжува зад селото, низ кањонот на реката Сушица.

Одејќи натаму, некаде кај последните куќи, ни се придружија и Фана и Алексо Секулоски, вишенец и радожданка отселени во Пула, во Хрватска. Не ни требаше многу да настојуваме за да ги убедиме да дојдат со нас, и покрај дождливото време - уште една потврда за култот на вишенци кон ова светилиште.

Движејќи се покрај пресушената река, имавме прилика да ги слушнеме преданијата за животот на Света Спасица од Вишни и за некогашните големи празнувања на Спасовден, во кањонот на реката Сушица.

Според преданието, над селото Заграчани, што е под Вишни некогаш имало манастир Свети Спас. Во манастирот служеле две сирачиња, брат и сестра, Спас и Спаса, или - Спасе и Спасица, како што почесто се спомнуваат.

"Како што се раскажува, за време на турските освојувања во овој крај, манастирот бил осквернавен, ама Спасе и Спаса успеале да избегаат. Тогаш, Спаса си нашла живеалиште во карпата над Сушица, во Вишни, а Спас направил црква во планината над Вевчани. Спаса живеела осамена, посветена на Бога, во околината на црквичката имала мали бавчички за да преживее, а за да се заштити од студ ткаела на разбој на дрвена платформа меѓу карпите. Под карпата уште се гледаат дрвените греди од платформата", ни раскажа пензионираниот полковник Ѓоргоски.

ТРПЕЗИ ПОКРАЈ СУШИЦА

Светилиштето и Света Спасица направиле вишенци масовно да го празнуваат Спасовден, четириесет дена по Велигден, уште откако паметат за себе. На празникот целото село доаѓало да запали свеќа во пештерската црква, по што секоја фамилија поставувала празнична трпеза покрај брегот на реката.

"Секоја фамилија си имаше свое место за трпеза и секогаш си славеше на тоа место", ни рече Ѓоргоски, покажувајќи ги каскадните терасички распоредени од двете страни на Сушица.

"Се знаеше. Мораше да има погача, преснец, кисело млеко, зелена салата, сирење, ракија, вино и печено јагне. Секој си печеше јагне покрај реката. Ден пред празникот, си носевме дрва, ги расчистувавме секој својата трпеза, и ги постилавме со лисје. Ручекот почнуваше откако свештеникот ќе ја благослови трпезата. Додека седевме тука, свирачите свиреа од трпеза на трпеза, а празнувањето завршуваше пред да настапи квечерината", ни рече Секулоски, присетувајќи се на деновите од детството.

Славењето продолжувало на ледината пред селото, некогашсо песна, некогаш со тепачки меѓу испијанетите другари.

КРВТА НА СВЕТА СПАСИЦА

По половина час пешачење стигнуваме во подножјето на карпата во која Света Спасица си нашла прибежиште. Погледнувајќи ги шарите на карпите, лесно препознавме дека тоа е местото за кое по пат ни го раскажаа преданието за крајот на животот на Света Спасица.

"Како што прикажуваа старите, кога разбрале Турците дека тука се сокрила Света Спасица, дошле од горната страна, сакајќи да ја фатат и да ја казнат зашто им побегнала. Немајќи друг излез, решила да скокне од карпата и да си го одземе животот. Оттогаш се прикажува дека шарите на карпата се траги од крвта на Света Спасица", ни раскажа тетка Роза.

Оние што имале прилика да ги видат моштите, сигурно забележале дека черепот е оштетен и му недостасуваат делови. Во селото се прикажува дека некогаш верниците поткршувале парчиња од черепот за да ги чуваат како реликвии, за здравје и за благослов. Немајќи потврдени историски податоци за животот на светителката, останува простор за размислување дека черепот бил оштетен од падот врз карпата.

До светилиштето се стигнува по стрмни тесни скали, дел издлабени во карпите, дел изѕидани од камен - скалилата се тешки за искачување, но, како што ни рекоа Ѓоргоски и Секулоски, никогаш досега не се случило некој да падне, (освен дедо Тане Ѓоргоски), иако на Спасовден некогаш по скалите се разминувале по неколку стотини луѓе.

Престојувајќи во келијата на Света Спасица, чувствувате дека конечно сте допреле од мирот што долго време сте чувствувале потреба да го доживеете.

Погледот спонтано шара низ просторот. Се обидувате да ги препознаете светците на фреските на горната камена површина, насликани за кои се претпоставува дека имаат врска со угледните охридски манастири Света Богородица - Перивлепта и светиклментовиот манастирот Свети Пантелејмон.

Како што ни раскажаа нашите водичи, во задниот дел на карпата има извор со света вода, но, не можевме да го видиме откако иструлела старата скала.

КОВЧЕЖЕТО СО СРЕБРЕНА МАСКА

Грмежите најавија нов бран со силен дожд, па решивме да побрзаме накај селото. По половина час, влегуваме во дворот на селската црква, Свети Атанасие, местото каде што почиваат вишенци. Душата ми се исполнува со милина, поминувајќи покрај гробот на татко ми, небаре ме благословува што конечно сум решил да дојдам за работа во Вишни.

Влегуваме во храмот, да се поклониме и да го видиме ковчежето. Зелено ковчеже, со бел чаршав и сребрена маска врз чаршавот. Света Спасица!

"Внатре се моштите. Се верува дека им носат благослов на немажените девојки, па затоа секоја година, еден ден пред Спасовден, немажена девојка ги измива коските со вино, ги враќа во ковчежето и ги носи моштите во Свети Спас. За да го добие благословот, ноќта спроти Спасовден преспива во црквичката. За таквата моќ на моштите се расчуло надалеку, па ни доаѓаат девојки и од подалеку, дури и од Битола", ни раскажа низ шепот тетка Роза.

Како што раскажуваат вишенци, сребрената маска била порачана кај врвни мајстори во Влашко, каде што некогаш работеле вишенските градителски тајфи, а ја нарачала невеста од соседното село Мали Влај, што се омажила за вишенец.

Останавме уште малку во тишината, пред да заминеме секој дома му. Беше петок, па секој брзаше да си ги провери огнот и тенџерето со грав.




понеделник, септември 22, 2008

Ајвар


Можат Словенците колку што сакаат да го регистрираат како своја трговска марка, а гевгеличани колку што сакаат да нè убедуваат дека ајвер не е нужно решение, туку дека луѓето од тој крај навистина така го нарекуваат ајварот. Едно не може никој да оспори - дојде ли втората-третата недела од септември, саботите почнуваат да мирисаат на печени пиперки, а неделите на ајвар, како што неодамна запиша колегата Владо Апостолов.

Би можеле ли да замислите вториот дел од септември и првите недела-две од октомври да не бидат такви, колку и да ги одбегнувате обврските што би сакале да ви ги накалемат жените од семејството подготвувајќи се за големиот подвиг правење ајвар, колку и да наоѓате спас и да му се радувате на подобрувањето на квалитетот на индустрискиот ајвар од супермаркетите?

Сè почнува со операцијата купување пиперки и со вестите за поплаките на земјоделците за ниската откупна цена на ајварката. Пред вас е предизвикот да најдете добри пиперки, добро да се исценкате и да го надмудрите продавачот, кој наумил да ве надмудри продавајќи ви вреќа со убави пиперки однадвор и еден тон ситни во средината.

Вреќите се веќе дома, затоа, сакале или не, време е да си подготвите постари алишта: следната задача е да тргнете во ануалната истражувачка мисија - подрумот, полн со пајажина и прав. Додека жените од фамилијата почнале да ги подготвуваат садовите и да ги пребришуваат пиперките, вашата задача е од подрумот да ги извадите исчаденото ќумбе, големото тенџере и големата дрвена лажица за мешање и да прегледате колку празни тегли ви останале на располагање од претходната сезона.

Доаѓаме до следната фаза (небаре сме учесници во Изборот на Доналд Трамп), во која од вас се бара да подготвите картонски табли за јајца, стари весници и да нацепите дрвца за потпалување на огнот.

Огнот е веќе запален, пиперките се веќе на ќумбето и полека полека почнуваат да црцорат. Кесите за прибирање почнуваат да се полнат, а комшиите, ако веќе не разбрале од чадот, веќе со сигурност знаат во чиј двор овој викенд ќе се прави ајвар. Затоа, подгответе ги ракијата и приборот за кафе, зашто, кај и да е, ќе пристигнат да ви посакаат аирлија работа и да се понудат за помош. Секако, помошта се однесува на подоцнежните фази од правењето, особено фазата лупење пиперки, пресудниот момент што одлучува дали некој ќе ужива во правењето ајвар или ќе ги презира соседите што го прават тоа.

Како Македонец кој десетина пати, во различни периоди од животот, активно учествувал во правење ајвар со семејството или со различни друштва, одговорно тврдам дека тоа е пресудниот момент и едно непознато задоволство и уникатен креативен процес, предизвик што е рамен на свирење во бенд. Вежбате пиперка по пиперка со кратки паузи за сок на растварање, пиво или.. (што и да е тоа што ви прави штимунг), вртите убав муабет и - потајно или јавно - со нетрпение го чекате моментот на јавната промоција на материјалот - до доцна во ноќта.

Следната фаза е уште една од вообичаено женските фази и најчесто се случува на почетокот на следниот ден, обично во недела наутро. Мелење. Ако печењето пиперки беше главниот социјален момент во процесот, следува моментот на најголемата драма - да се додадат модар патлиџан и луто или не! Многу често ова знае да биде моментот на жестоки дебати во кругот на семејството и неизвесност дали ќе преовладее струјата што се залага за количина или струјата што се залага за подобар вкус, препржен, дури повторно да излезе маслото - како халва, што би рекла покојната баба Зумбула, експерт за ајвар во моето маало.

Пред вас е големото финале, пржењето, ако се апстрахира реално последната фаза, собирањето на готовиот ајвар во тегли. Најдобар начин да се опише промоцијата на материјалот, пробувањето, веројатно е анегдотата за крадците што чекале домаќините да си легнат, за да почнат да оперираат во станот што го набљудувале отспротива. Чекале, чекале, но го загубиле трпението. Тогаш решиле да пратат еден од колегите во извидница. Мисијата била откажана откако виделе дека домаќините вечераат, а на масата имало леб, ајвар, сирење и јогурт.

Можеби сево ова ви изгледа компликувано, можеби ги презирате соседите што прават ајвар пред зграда или во дворовите и можеби сè повеќе го прифаќате индустрискиот ајвар како решение. Можеби не е случајно што во поглавјето ајвар на 13 јазични изданија на Википедија, Црна Гора не се спомнува меѓу земјите во кои се прави ајвар. ("Да је био добар и пси би га јели!“, како што рече еднаш комшијата чичко Адем, на изворен црногорски, кога женскиот дел од фамилијата побара да помогне за ајварот, демонстрирајќи црногорска инвентивност како да се избегне работа).

Но, едно е неспорно - независно кој го регистрирал ајварот како своја трговска марка и независно од најновата форма на прохибиција во сапунскиот серијал Проевропски реформи - есенските недели уште долго ќе мирисаат на ајвар.