За малку ќе заборавев дека ќерка ми ми порача порано да ја земам од градинка, откако се договоривме што музика ќе слушаме по пат од дома до градинката. Веќе бев далдисан во работа кога брат ми ми јави дека завршил работа, направил сe' што требало со човекот што се пазариле да го купи стоеденот. Завршиле сe' - и кај нотар, и во станица за технички преглед - му останало време уште колку да го фотографира, како што му порачав.Стоеденот! Не знаев дека разделбата со него ќе ме натера да подзастанам, да ги одложам за малку обврските над работната маса и да подразмислам што сe' значеше тој автомобил во мојот живот и во спомените на моето семејство.
Умот ми отиде во 1977 година, еден топол летен ден, кога татко ми, ненајавено, ме зема порано од градинка. Излеговме и, без било што да очекувам, ми покажа нешто ново - нов автомобил, стоеден, трева-зелен, со портокалови тапацири, заштитени со најлони. Го погледнав подзачудено, па ми кажа дека пред малку купил автомобил и дека тој стоеден е наш - неговиот прв автомобил, поточно - нашиот прв автомобил, како што претпочиташе да ги нарекува работите што ги поседуваше.
Во мислите почнаа да ми се вртат спомените врзани за стоеденот, автомобилот што засекогаш остана во зборовите на моите родители како вистински, добар автомобил, лимузина, независно што по него имаа и други, дури и подобри автомобили.
Движејќи се низ меморијата погледот најпрвин ми отиде над висината главата и го видов таванот обложен со гумено-пластична бела фолија со дупчиња, над тенок слој од сунгер, исто како во албумите за значки. Голем волан, со свирка во форма на бледо црвена пластична плочка со натпис Застава на средината. Под висината на погледот е шалт-таблата, равирана на 160 километри на час, поделена на две округли полиња, која бараше вистински напор да прочитате што ви покажува ноќе.
Главен фактор што правеше моделот Лукс да остава впечаток на блескав автомобил беа хромираните браници, кои имаа помодерен дизајн во споредба со браниците моделот Стандард, и блескавите раткапни, што го красеа нашиот стоеден сe' додека помалиот син во семејството не науми од нив да направи чинели, откако емајлираните капаци за тенџериња не се покажаа како добра идеја. Блескавиот впечаток го дополнуваа ново дизајнираната маска однапред, со две хоризонтални сребрени линии, но најважен од сe', што подоцна го правеше сe' повреден, беше италијанскиот мотор, Фиат.
Навраќајќи се на неговата историја, би можел да ги набројам неколкуте (лесни) повреди што ги доживеа стоеденот додека беше во наши раце, почнувајќи од првата, што му ја нанесе Мазо од босанското маало, преку пруга.. да ја кажам историјата на малите жмигавчиња кои ги доби со новите крила, по една моја мала сообраќајка со ивичњак кај гимназија Георги Димитров, бегајќи од еден насилник кому како тазе возач сум му го засекол патот. Последната повреда беше третата, што ја доби од некој камион, кој удри во татко ми додека чекал во колона на некој надвозник кај Гостивар. Но, нека не се грижи новиот сопственик - долго време ќе биде раат од каросеријата, тркалата се со две гуми Goodyear, половни, здарви, 155-ки, а има и нов акумулатор!
Можам ли да не ја спомнам автоматската антена, од Кувајт - имаше ли некој таква, со копче нагоре-надолу, од десната страна на радио-касетофонот.
А радио-касетофонот беше приказна за себе! Доволно е само да се сетам дека на него првпат слушнав попска музика, кога, едно враќање од традиционален одмор во Струга, брат ми пред мене ја промовираше касетата снимена со Падот на Византија и Тело-наука совршена.. или, првото слушање на Маљчики од Идоли за време на едно друго враќање од Струга или првата средба со Трежрс од Кокто Твинс, за време на кусата пауза кај Стоби, одејќи на одмор во Грција..
Уф, не знаев дека толку ќе ми недостасува.. не знаев дека без него уште повеќе ќе ми недостасува татко ми.. Но, којзнае, можеби токму таму, кај што е татко ми, кај што му порачав да ни изгради куќа во вечноста, некогаш ќе го видиме стоеденот паркиран пред куќи!?
Само едно знам - имам уште многу да учам од него - задоцнив за во градинка.