Сакајќи да привлече што повеќе посетители, Музејот на Македонија од неодамна воведе бесплатни викенд посети, секој последен викенд во месецот. Доволен повод и таму да побараме дел од непознатата Македонија.
Пишува. Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ
Сте помислиле ли дека можете во еден ден да прошетате низ временски појас од десетина илјади години, низ минатото што го памети просторот во кој денес се движите, а за тоа да не ви биде потребна временска машина или некаков друг уред што ќе ве пренесе низ времето? Сакате ли еден поинаков викенд, кој ќе ја освежи вашата креативност, будејќи подзаборавени хоризонти од вашата генетска меморија, без да морате да одвоите многу пари за такво задоволство? И тоа го има, на еден километар над центарот на Скопје. За максимално уживање, потребно е да одвоите три-четири часа, да го исклучите мобилниот телефон и да ги понесете вашата љубопитност и, евентуално, некој за добро друштво.
ПОКАНА ПЛУС ЗА ПОСЕТИТЕЛИТЕ
Не ни требаше многу да ја загриземе јадицата да појдеме во ризницата на националното културно богатство, откако ја прочитавме веста за бесплатните викенд посети што неодамна ги воведе управата на Музејот на Македонија.
Одејќи на закажаната средба со директорката Мери Аницин - Пејоска (десно), уште еднаш се потсетивме дека покрај нас поминале уште неколку години, носејќи ги истиот монолог и истиот немукает како изговор во главите - се’ се токмиш да појдеш, ама никако да најдеш време да отидеш во Музејот. Последен пат си бил како дете, како ученик во основно или во средно и - толку. Во меѓувреме чат-пат си бил на некоја изложба, на некоја промоција и - толку.
Бевме изненадени што токму тој феномен беше една од првите работи што ни ги кажа Пејоска како причина за воведување на бесплатните посети.
"Конкретно, најмногу ни недостасува публика од средношколската и студентската младина. Преку едукативната програма на Музејот, имаме многу проекти со градинките и со основните училишта, за ученици од прво до четврто одделение. Тие се редовни посетители, но младите ги снемува кога ќе дојдат на тинејџерска возраст. Тоа е комплексен проблем, кој треба да се решава во многу насоки, а една од нив се бесплатните викенд-посети, секој последен викенд во месецот - иако цената никогаш не била проблем за посетеноста. Бесплатниот влез е само мотив плус или покана плус за публиката", ни рече Аницин - Пејоска.
КУЛТУРНА ПАТЕКА
Во акцијата за анимирање на посетителите на Музејот ќе бидат вклучени и студентите од Архитекстонскиот факултет, од Ликовната и Музичката академија и од средното музичко училиште. Мразот го пробиле студентите по архитектура, кои во текот на минатиот семестар подготвиле ентериерни и просторни решенија за поставките, влезот на Музејот и за музејската продавница.
"Работата не е само да ги поканиш еднаш да дојдат, туку да бидат овде постојано присутни и да го чувствуваат Музејот како свој. Студентите ќе дадат ново освежување. Имаат многу посмели идеи, кои мислам дека треба да се имплементираат во Музејот. Најважно е што тие веќе се присутни тука и го доживеаа Музејот како свој", вели Пејоска.
Меѓу решенијата што ги понудиле младите архитекти е и проектот Културна патека, која треба да ги поврзе културните вредности во околината на скопското Кале и Старата чаршија. Од постоечките содржини, во трасата на патеката влегуваат Музејот на современата уметност, тврдината Кале, црквата Свети Спас, Музејот на Македонија и Старата чаршија, а како нови содржини се планирани археолошки парк на Кале и парк на скулптури кај Музејот на современата уметност.
"Една од идеите е да соработуваме и со Ликовната и Музичката академија. Сугестијата беше студентите од Ликовната академија, првите вежби за композиција и пропорција наместо да ги работат на бисти и скулптури во Академијата, да ги одржуваат во Музејот, и да работат со нашите археолошки скулптури. Тоа би било подолготраен процес, кој, исто така, треба да им го направи Музејот близок. Со Музичката академија се договоривме секој настан во Музејот - изложби, проекции и промоции - да биде поткрепен со настап на студентите од Академија, а од минатата година, учениците од Средното музичко училиште ги одржуваат завршните концерти во изложбениот простор на Музејот", вели Пејоска.
ДА СЕ ЗАБОРАВИШ ОД ГЛЕДАЊЕ
Но, што е тоа што толку сака да им го покаже Музејот на Македонија на посетителите? Ако сте подзаборавиле, верувајте - има што да покаже, како што се уверивме со нашата прошетка, во што ни помогна Нада Андоновска, музејскиот соработник за односи со јавноста.
Сте помислиле ли дека одлагајќи го моментот да појдете во Музејот, пропуштате на едно место да ги видите Големата мајка од Тумба Маџари, тетовската Менада, накитот на пајонската свештеничка од Марвинци, теракотните икони од Виничко кале, царските двери од црквата Свети Пантелејмон во Нерези, униформата на генерал Михајло Апостолски, фотелјата на Крсте Мисирков, или машината за пишување на Димитрија Чуповски. Не е доволно? Тогаш, не забравајте на макетите на традиционални македонски куќи, реконструкциите на македонски градски и селски соби, женската носија што тежи повеќе од 50 килограми или камените споменици од лапидариумот во Куршумли Ан.
"Музејот има огромни, атрактивни и импресивни културни богатства, но многу е важно и како се тие презентирани. Од гледна точка на презентирањето најимпресивен е етнолошкиот дел. Имаме огромно етнолошко културно богатство, кое е импресивно и специфично, особено за странците. Често имаме коментари дека ние немаме царска династија, но во етнолошката поставка имаме артефакти, особено невестински носии, што се побогати од било која царска облека. Сум шетала во многу музеи во светот, но не сум видела толку богата облека. Една од највредните колекции што ја имаме е галеријата на икони, која знае и да ги расплаче луѓето кога ќе видат дела како иконата Богородица Пелагонитиса од манастирот Зрзе, кај Прилеп. Нејзината вредност, во светски размери, се вреднува колку и едно дело на Пикасо", вели Аницин - Пејоска.
И самите можевме да забележиме дека артефактите што се изложени во витрините би можеле кажуваат повеќе кога би биле поставени во контекстуален амбиент, наместо во витрини. Покрај воодушевувањето, тоа е една од почестите забелешки што ќе ги прочитате во книгата на впечатоци на излезот од Музејот. Ги прашавме нашите домаќини дали планираат такво нешто.
"Во моментов правиме реконструкција на неолитска куќа во која ќе бидат поставени артефактите од тој период. Истовремено подготвуваме и реконструкција на поставката Бронзено време. Нашиот музејски уметник направи скулптурална претстава на пајонската свештеничка од Марвинци, преку која ќе ја презентираме колекцијата Македонски бронзи. Во тек е и повеќемесечен зафат, со кој ја реконципираме историската поставка, а за дел од другите поставки подготвуваме и видео-презентации, кои ќе ја дозаокружат приказната на експонатите што се изложени во витрините", ни рече Пејоска.
Пред да заминеме бевме љубопитни колку време е потребно за да можат посетителите прописно да прошетаат низ сите делови од поставките. Како што не’ посоветува Андоновска, ако не сте биле подолго време, или ако одите во Музејот првпат, најдобро би било да одвоите четири до пет часа.
НА КАФЕ ВО МУЗЕЈ
Октако ја разгледавме музејската продавница, полна со пријатни изненадувања, само од себе ни дојде прашањето дали има каде да се земе здив додека трае една таква прошетка. Ни одговорија со уште едно пријатно изненадување.
Сакајќи и на тој начин да привлече посетители, Музејот наскоро повторно ќе го активираме музејското бифе. Дел од кафулето ќе биде на отворено, опкружен со поставка камена пластика од лапидариумот во Куршумли Ан. Идејата, како што ни рекоа, е музејското бифе да биде пријатно место за средби и за дружење, во несекојдневен музејски амбиент.