Можат Словенците колку што сакаат да го регистрираат како своја трговска марка, а гевгеличани колку што сакаат да нè убедуваат дека ајвер не е нужно решение, туку дека луѓето од тој крај навистина така го нарекуваат ајварот. Едно не може никој да оспори - дојде ли втората-третата недела од септември, саботите почнуваат да мирисаат на печени пиперки, а неделите на ајвар, како што неодамна запиша колегата Владо Апостолов.Би можеле ли да замислите вториот дел од септември и првите недела-две од октомври да не бидат такви, колку и да ги одбегнувате обврските што би сакале да ви ги накалемат жените од семејството подготвувајќи се за големиот подвиг правење ајвар, колку и да наоѓате спас и да му се радувате на подобрувањето на квалитетот на индустрискиот ајвар од супермаркетите?
Сè почнува со операцијата купување пиперки и со вестите за поплаките на земјоделците за ниската откупна цена на ајварката. Пред вас е предизвикот да најдете добри пиперки, добро да се исценкате и да го надмудрите продавачот, кој наумил да ве надмудри продавајќи ви вреќа со убави пиперки однадвор и еден тон ситни во средината.
Вреќите се веќе дома, затоа, сакале или не, време е да си подготвите постари алишта: следната задача е да тргнете во ануалната истражувачка мисија - подрумот, полн со пајажина и прав. Додека жените од фамилијата почнале да ги подготвуваат садовите и да ги пребришуваат пиперките, вашата задача е од подрумот да ги извадите исчаденото ќумбе, големото тенџере и големата дрвена лажица за мешање и да прегледате колку празни тегли ви останале на располагање од претходната сезона.
Доаѓаме до следната фаза (небаре сме учесници во Изборот на Доналд Трамп), во која од вас се бара да подготвите картонски табли за јајца, стари весници и да нацепите дрвца за потпалување на огнот.
Огнот е веќе запален, пиперките се веќе на ќумбето и полека полека почнуваат да црцорат. Кесите за прибирање почнуваат да се полнат, а комшиите, ако веќе не разбрале од чадот, веќе со сигурност знаат во чиј двор овој викенд ќе се прави ајвар. Затоа, подгответе ги ракијата и приборот за кафе, зашто, кај и да е, ќе пристигнат да ви посакаат аирлија работа и да се понудат за помош. Секако, помошта се однесува на подоцнежните фази од правењето, особено фазата лупење пиперки, пресудниот момент што одлучува дали некој ќе ужива во правењето ајвар или ќе ги презира соседите што го прават тоа.
Како Македонец кој десетина пати, во различни периоди од животот, активно учествувал во правење ајвар со семејството или со различни друштва, одговорно тврдам дека тоа е пресудниот момент и едно непознато задоволство и уникатен креативен процес, предизвик што е рамен на свирење во бенд. Вежбате пиперка по пиперка со кратки паузи за сок на растварање, пиво или.. (што и да е тоа што ви прави штимунг), вртите убав муабет и - потајно или јавно - со нетрпение го чекате моментот на јавната промоција на материјалот - до доцна во ноќта.
Следната фаза е уште една од вообичаено женските фази и најчесто се случува на почетокот на следниот ден, обично во недела наутро. Мелење. Ако печењето пиперки беше главниот социјален момент во процесот, следува моментот на најголемата драма - да се додадат модар патлиџан и луто или не! Многу често ова знае да биде моментот на жестоки дебати во кругот на семејството и неизвесност дали ќе преовладее струјата што се залага за количина или струјата што се залага за подобар вкус, препржен, дури повторно да излезе маслото - како халва, што би рекла покојната баба Зумбула, експерт за ајвар во моето маало.
Пред вас е големото финале, пржењето, ако се апстрахира реално последната фаза, собирањето на готовиот ајвар во тегли. Најдобар начин да се опише промоцијата на материјалот, пробувањето, веројатно е анегдотата за крадците што чекале домаќините да си легнат, за да почнат да оперираат во станот што го набљудувале отспротива. Чекале, чекале, но го загубиле трпението. Тогаш решиле да пратат еден од колегите во извидница. Мисијата била откажана откако виделе дека домаќините вечераат, а на масата имало леб, ајвар, сирење и јогурт.
Можеби сево ова ви изгледа компликувано, можеби ги презирате соседите што прават ајвар пред зграда или во дворовите и можеби сè повеќе го прифаќате индустрискиот ајвар како решение. Можеби не е случајно што во поглавјето ајвар на 13 јазични изданија на Википедија, Црна Гора не се спомнува меѓу земјите во кои се прави ајвар. ("Да је био добар и пси би га јели!“, како што рече еднаш комшијата чичко Адем, на изворен црногорски, кога женскиот дел од фамилијата побара да помогне за ајварот, демонстрирајќи црногорска инвентивност како да се избегне работа).
Но, едно е неспорно - независно кој го регистрирал ајварот како своја трговска марка и независно од најновата форма на прохибиција во сапунскиот серијал Проевропски реформи - есенските недели уште долго ќе мирисаат на ајвар.
0 comments:
Post a Comment