среда, јуни 18, 2008

Патот на езерата


Скршнете пред Стража накај Маврово и Дебар и така стигнете до Охрид. Ќе видите три езера повеќе, Радика, живописни села и Дебар. За промена, наместо 174, поминете 200 километри - сликите што ќе ги видите вредат многу повеќе

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Андон ДАВЧЕВ

Можеби сто пати сте поминале покрај тој знак и сто пати сте го одминале како нешто што не ве засега, како нешто што се однесува на некој друг, додека итате накај Стража, за миг порано да земете здив, па да продолжите накај Охрид. Но, вреди да подзастанете, да подразмислите и да си дозволите да паднете во тоа искушение - да скршнете вдесно и да продолжите преку Маврово и Дебар.

ДЕСЕН ЖМИГАВЕЦ

Се почнува на крстопатот кај Ново Село, веднаш над каменоломите над Гостивар, кога веќе ви доаѓа преку глава од возење втора-трета-втора-трета. Сината табла ви нуди две можности - да продолжите по магистралниот пат М-4 накај Кичево или да дадете десен жмигавец и да тргнете во непознат правец, низ нови пејзажи, по Патот на езерата, преку Маврово, Дебар и Струга.

Песимистички гледано, имате 26 километри повеќе за возење, патувањето ќе трае еден час повеќе, ќе потрошите малку повеќе гориво и ќе стигнете во Охрид еден час подоцна. Но, оптимистичкиот поглед нуди многу повеќе. Ќе видите пејзажи што ги гледате првпат, три езера на патот до Охридското, живописниот кањон на Радика, нови места за починка што нудат нова закуска наместо мекиците на Стража... "Свети Јован Бигорски", живописни села како Јанче и Косоврасти, да ѕирнете преку границата со Албанија... а цената е да си го нарушите комодитетот и да преминете од магистрален на регионален пат.

Тогаш, зар нема да се решите за вожња во трета, да ги послушате Монти Пајтон и да погледнете на светлата страна на животот или да се сетите на Џон Ленон и да му дадете шанса на мирот.

КАЧАМАК ВО ТРНИЦА

Наместо на Стража, на кафе-пауза застанете во Маврови Анови, првото населено место на брегот Мавровско Езеро. На десетина минути можете да скршнете и преку браната, накај Маврово, за одблизу да ја видите потопената црква "Свети Никола", која во моментов е над нивото на водата. Ако сакате закуска, не пропуштајте ја можноста да застанете во ресторанот "Кораб" кај селото Трница, на десетина минути возење од браната накај Дебар. Тука ќе го најдете најубавиот качамак на светот, а приказна за себе се киселото млеко и сирењето. Најчестата реакција на посетителите е дека задоволството чини многу, но вреди да се проба, а и газда Урош треба да подразмисли за цените. Но, продолжуваме по светлата страна на животот...

Заминувајќи од Трница накај Дебар, некаде пред крстопатот за Жировница, ќе ја здогледате Мавровска Река, а малку подоцна, кај да е, ќе се појави Радика. Еве ви можност одблизу да ја видите реката за која сте гледале милион и една репортажа на програмите на Македонската телевизија.

Можеби ќе ви одземе повеќе време од планираното, но имајте на ум дека од ридовите на Жировница, Битуше, Ростуша и Велебрдо најубаво можете да го видите манастирот "Свети Јован Бигорски".

ГЕРМАНСКИ ТУРИСТИ

Посетата на манастирот, освен што е можност да го почувствувате духот на монашкиот живот, е и можност да ги видите врвните достигнувања на прочуените градители, копаничари и фреско-живописци од реканскиот крај, низ кој минувате.

Градежни машини на патот најавуваат дека, кај и да е, следната сезона возењето ќе биде поудобно, а патот поширок и попрегледен. По десетина минути возење ве чека уште еден пример за градителските вештини на луѓето од овој крај - селото Јанче. Велат, овде се прави одлично сирење, а глетката прави да не можете, а да не застанете, барем колку да го фотографирате селото. Тука првпат го забележавме комбито на германските туристи кои, привлечени од убавините, како договорени со нас, застануваа секаде каде што ќе застаневме да фотографираме.

Патот води низ живописниот крај што го најавува мост преку Радика кај Скудриње. Полека насетувате дека, кај да е, пред вас ќе се појави Дебар. Одлево се двои патот за Лазарополе и Гари, а оддесно - ново изненадување - убавина што не сте можеле ни да претпоставите дека ќе ја видите - куќи на брегот на Радика, изградени во хармонија со природата. Добредојдовте во Долно Косоврасти!

НА УБАВОТО СИНО ДЕБАРСКО

Претчувството не ве излажало. Веднаш зад Косоврасти останувате заслепени од нова убавина - таква синевина не сте виделе. Сфаќајќи дека пред вас е Дебарско езеро, си велите: знаат рибарите што прават. Помислувате дека во рибарските муабети намерно да ја вртат темата на тоа кој поголема риба фатил, за да не дознаете за местата што сакаат да ги зачуваат само за себе. А и германските туристи знаат што е убаво. Бевме изненадени кога повторно се видовме на првата височинка по мостот преку Дебарско, пред манастирот "Рајчица", барајќи згодно место за фотографирање. Стоејќи таму повторно наоѓате повод да се израдувате што сте тргнале по Патот на езерата и гледајќи го Дебар над езерото сфаќате дека пред вас е веројатно градот со најубава местоположба во Македонија. За да елиминирате каква било можност да се покаете што сте тргнале за Охрид преку Дебар, ако тоа е можно откако ќе ги видите сите убавини што ви ги нуди, бидете внимателни на радарската контрола на излезот од градот.

НАЈДЕТЕ СИ ГО МИРОТ

Оддалечувајќи се од Дебар накај Џепиште, најблиската точка на патот до македонско-албанската граница, веќе се прашувате дали водата што ја гледате е уште Дебарското езеро, дали можеби е река, Црн Дрим или веќе почнало следното езеро - Глобочичко. Одвојте неколку минути и застанете над новото село Глобочица, изградено на брдото над старото, кое било потопено по изградбата на браната. Најдете си го мирот патувајќи низ Дримкол.

До финалето има уште десетина километри. Кругот се затвора кога ќе го здогледате Охридско Езеро, доаѓајќи од Вевчани и Велешта во Струга. Ви останува уште да отидете во Охрид.

Со првото кафе во охридската чаршија или негде на брегот, сигурно ќе посегнете по телефонот, да се пофалите на некој пријател, ако ви успеало да се воздржите да не им ги пренесете впечатоците од самото место.

Зар не е возвишено чувството кога имате желба секому да му се пофалите за убавините на некој крај, а да немате локал-патриотски мотив да го правите тоа?

0 comments: