вторник, јуни 10, 2008

Охридски цреши


Убави цреши ќе најдете и во скопско Нерези, Чифлик и на други места во Македонија, но никој не спори дека најубавите се таму, во Охрид, охридските цреши, охридските черешни

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Андон ДАВЧЕВ

Одењето на пазар отсекогаш е посебно доживување, екскурзија на умот и задоволство за сетилата, макар и да тргнете со малку пари в џеб, а задоволството е уште поголемо кога ќе дојде сезоната на свежото овошје и младиот зеленчук.

Уживате ли деновиве шетајќи по пазарите, гледајќи ги тезгите натоварени со купови свежо овошје? Тогаш, сигурно посебна радост ви се црвени крупни цреши. Им се радувате, ги јадете со поглед минувајќи низ тезгите и брзате да купите навреме, да ги стигнете пред да им заврши сезоната. Но, место за разочараност. Тамам ќе завршат скопските - одите на одмор во Охрид, а таму токму тогаш почнува сезоната на прочуените охридски цреши - уште поубави, уште покрупни, топчести, јајцести, црвени, жолто-портокалови, жолти и црни. Убави цреши ќе најдете и во скоско Нерези, Чифлик и во другите делови на Македонија, но никој не спори дека најубавите се таму, во Охрид, охридските цреши, охридските черешни.. Овојпат ве водиме таму, на еден од охридските овоштарници со цреши.

САМО ВО ОХРИД И ВО ВОДЕН

Се распрашавме по нашите пријатеи во Охрид. Ни рекоа дека еден од најценетите одгледувачи на охридски цреши е Владо Ставрески, од село Лескоец. Има околу 80 стебла цреши што ги подигнал самиот, а една година толку му родиле што берел дури по 400 килограми цреши од стебло. Одгледувањето черешни го научил од татко му, пред триесетина години, а за черешните почнал да се интересира на возраст од околу 15 години.

"Со черешните сум откако знам за себе. Отсекогаш биле присутни околу мене. Во Лескоец речиси нема куќа што нема цреши. Кој една, кој две.. секој има по нешто. Ова се крупните цреши, охридските. Вакви успеваат само во Охрид и во Воден, во Грција. Кај нас најмногу се одгледуваат во Лескоец, во Велгошти, Лакочереј, Требеништа и во Мешеиште", ни рече Владо отворајќи ја вратата од овоштарникот, по кусата средба кај договореното место, на патот Охрид-Лескоец.

Кусиот разговор не’ потсети дека, навистина, такви цреши сме пробале само во Охрид и во Грција, од продавачите што носат овошје од околината на Воден и Лерин. Го прашавме дали сортата била пренесена од Охрид во Воден или обратно.

"Не сум чул за такво нешто, ама мислам дека причината што успеваат само во Охрид и во Воден е сличната клима. Овде и таму има најдобра клима за одгледување цреши, во рамките на сите земјите од соседството. Ни барале расад и од други градови во Македонија, ама не успева. Пред две-три години дадов во Прилеп, ама не успева. Во Скопје би можело", ни рече.

ДОЛГА, БРЗА, ДАЛБАС..

Од неколкуте видови цреши што се одгледуваат во Охридско, најзастапени се сортите долга шишка, брза черешна и далбас или далбазлија. Специфични за Охрид, но нешто помалку застапени се темно црвената грчка черешна, и светлата, жолта черешна, која најмногу се користи за правење слатко од цреши. Во мометнов на пазарите се продаваат само цреши од сортата брза черешна. Сортата се нарекува така зашто брзо созрева, брзо расте и рано стасува. За 5-6 дена на ќе се појави и далбазлијата, а долгошишките ќе стасаат за берење околу 25 јуни. Најценета и најпрочуена сорта е долга шишка.

- Ова уште не е ништо. За две недели ќе станат речиси црни и ќе добијат двојно повеќе тежина. Допрва ќе растат и ќе добиваат на квалитет. На вкус, оваа сорта е поблага од другите и расте поголема. Очекувам годинава да достигне откупна цена од околу едно евро за кило. Предноста на оваа сорта пред другите е што плодот трае подолго време и затоа може да постигне повисока цена", ни рече домаќинот, покажувајќи ги долгошишките од првите неколку дрвја од овоштарникот.

Иако на изглед се убави и привлечни, ретко кој одгледува жолти цреши. Како што научивме од домаќинот, светлата и далбазлијата не се многу исплатливи и лесно страдаат од ветер и од дожд.

СЕ’ СИ ИМА МАЈСТОРИЈА

Годинава родот во Охридско е малку послаб од минатата година, но черешните на Владо се легнати од род - очекува во просек од едно дрво да набере по 300 килограми цреши. Споредено со лани, родот кај брзите черешни е подобар за околу 20 отсто, а кај далбазлијата достигнува и до 100 отсто повеќе од минатата година.

Влијаат ли мајсторијата и искуството!?

"Па, може да се рече. Грижата си го прави своето. Погледнете - дрвјата се полни, плодот е здрав, а и листот е зелен - свети. Годинава повеќе пати им фрлив гној од овци и од кокошки и мислам дека моиве черешни се едни од најдобрите. Некои не ги наводнуваат, но јас редовно ги наводнувам и затоа има добар принос. А и времето беше сончево, а черешните бараат сонце. Секоја година ги прскам по два пати - додека се во цут и кога зазрева плодот. Прскањето помага плодот да не го нападнат црви, а листот да биде здрав, за да ја одржува влажноста на дрвото, што го помага зреењето", ни објасни Владо.

Во краткиот курс за одгледување охридски цреши научивме дека нема никаква разлика во негувањето на дрвјата од различни сорти и дека сите сорти бараат иста грижа - и долгата шишка, и брзата, и далбазлијата. Дрвцата се калемат на дива подлога, што им дава поголема издржливост на климатските промени и ги прави поиздржливи од болести.

- Почнуваат да раѓаат во петата година од засадувањето. Се калемат во втората година и колку што е постаро дрвото, толку е подобар и родот, но, по 20 години старост квалитетот на плодот станува послаб, а дрвото ја губи отпорноста на болести. Најотпорни се и родот е најквалитетен кога дрвото е на возраст од околу петнаесет години", ни рече во следната лекција.

СЕ БЕРАТ ПРИКВЕЧЕР

Најдобро време за берење на црешите, како што научивме, е 5 часот попладне. Тоа е најдобро време за самото дрво, а е попријатно и за берачите.

"Дрвото си бара за берење малку да спадне сонцето, да не е во најголемата жега. Береме качени на скали, а за да ги извадиш на пазар, црешите мора да се набрани со шишки. Најлесни за берење се дрвјата на возраст до 15 години. Нив можеш целосно да ги обереш со скала, без да се качуваш на дрво. Искусен берач бере и по 100 до 120 килограми цреши на ден", ни рече Владо, качен на скалата покрај една од стасаните брзи цреши.

Во работата околу овоштарникот се ангажирани и жена му и син му, но во сезоната на берењето и нивната помош не е доволна, па ангажираат и работници. Најдобри приноси даваат дрвјата што се на возраст од 10 до 15 години и од нив, во просек вади по 370 килограми цреши.

Нешто поголем принос можат да дадат постарите дрвја черешни, но одговорниот черешнар, како што вели Владо, навреме засадува млади дрвца, што ќе ги заменат постарите по петнаесеттата година. Така, веќе засадил друг овоштарник со млади дрвја, кои за три годишни веќе ќе даваат квалитетен род. Тогаш вкупно ќе има има 10 стебла брзи цреши, 4 далбас и 70 долга шишка.

"Сега некако се постигнува, помагаат роднини и пријатели, некогаш ангажирам и берачи, но кога ќе стигнат младите, тешко дека ќе можам сам да постигнам со осумдесетина стебла. Тогаш ќе морам да ангажирам луѓе за орање, за ѓубрење и за берба", вели Ставрески.

400 КИЛА ОД ЕДНО ДРВО

Набраните цреши некогаш се чувале во кошници и кошови, а денес најчесто се пакуваат во гајби, зависно амбалажата што ќе ја донесе откупувачот. Во последните неколку години, черешните од Охридско најчесто биле извезувани во Албанија, во Холандија и на Косово, а родот на Владо често завршува во Скопје, во големите луксузни супермаркети, по цена од 120 денари. Го прашавме колку е исплатливо одгледувањето черешни.

- Ова е една од најисплатливите земјоделски култури. Не бараат многу работа и се поисплатливи од другите овошки. Брзата черешна во моментов оди на големо од 60 до 70 денари. Минатата година крупната, долгата шишка се откупуваше за 40, годинава се надеваме на 60 до 70 денари за кило", вели Ставрески.

Негови цреши веќе се продаваат на пазарот во Охрид, а наскоро ги очекува откупувачите од Скопје и од Косово.

ЈУЛИ МИРИСА НА СЛАТКО

Но, не само во овоштарниците. Черешните се многу присутни и во домовите на луѓето од Лескоец. Домаќинките од нив најчесто прават слатко и компот од черешни, а во јули, како што ни кажаа мештаните, Лескоец мириса на слатко од цреши. Пред да заминеме го прашавме Владо кој е најголемиот мајстор за одгледување цреши во селото.

- Нормално, јас ќе ви речам дека јас сум најголемиот, ама има и други. Ќе ги пофалам мојот братучед Стево Ангеловски, а меѓу попрочуените черешнари се и браќата Диме и Пере Тодоровски.

Разговорот за черешните нема крај. Се напифме кафе и тргнавме секој по својот пат - ние накај Скопје, Владо накај скалите под черешната. Часовникот веќе покажуваше 5:15 попладне, а мобилниот телефон на Владо веќе зовре од нарачки.


0 comments: