сабота, мај 24, 2008

Матуранти и по 60 години


Во мај весниците се полни со огласи за прослава на 5, 10 или 20 години од матурирањето. Меѓу нив годинава се појави една навистина ретка инфомрација - првата генерација народни учители годинава прослави 60 години матура.

Пишува. Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ

Колку ли далечна и недостижна од денешниот ден им личи 2051 година на луѓето што матурирале во времето кога се распаѓаше СФР Југославија, и можат ли да го замислат Скопје во 2068 година младите момчиња и девојки што деновиве ја живеат матурската треска?

Како ќе се именува тогаш нашата држава, во кој воен или политички сојуз ќе членува, ќе никнат ли стокатници во Топаана и во Дебар маало и дали Смарт дотогаш ќе направи евтини двосед-летала за низ град? Дали пензионерите и тогаш ќе се собираат во Жена парк или ќе преферираат средби на интернет, во виртуелното лице на нивниот омилен парк?

Тешко дека некој би можел колку-толку да им го доближи амбиентот 60 години по матурирањето.

Но, одговорот не е толку далечен, како што не беше далечна ни 2000 година, за која мечтаевме како деца, калкулирајќи кој колку години ќе има кога ќе дојде двеилјадитата и замислувајќи ги нашите маала опкружени со роботи и летечки чинии.

Не можејќи да ви понудиме проекција во каков амбиент ќе живеат луѓето од Македонија во 2051 или во 2068, ви го пренесуваме искуството на учениците од првата генерација повоени учители, кои деновие прославија 60 години од матурирањето во Учителската школа Никола Карев во Скопје.

ДРУГАРКИ И ДРУГАРИ..

Повеќе пати сме виделе во вестите како поголема група белоглави мажи и жени се собрале во сезоната на матурските прослави пред интересен портал некаде во Скопје, за кој од прилогот сме разбрале дека бил влезот на некогашното османлиско средно училиште Идадија, и оти по Втората светска војна објектот бил пренаменет во Учителска школа.

Веста во еден од весниците дека на 24 мај токму на тоа место првата генерација народни учители од учителската школа Никола Карев ќе одбележи 60 години од матурирањето беше момент што не смеевме да го пропуштиме. Така и направивме - на денот на Словенските просветители, Свети Кирил и Методиј, во 11 часот, бевме пред порталот на некогашна Идадија, зад бараките на скопската општина Центар.

Свеченоста на моментот можеше да се почувствува веднаш - педесетина белоглави луѓе, елегантно дотерани, стамено се движат накај порталот, разговарајќи на чист македонски јазик, срдечно и ведро.

Уловивме дел од разговорите:

Не си се изменил... а и како да не те познам, толку време сме поминале заедно... Како нема да се измениш, поминале толку години... се видовме на свадба кај (тој и тој)... ааа, ја гледав ќерка ти на телевизија..

Прославата почна.

"Другарки и другари славеници, денес сме посебно горди и среќни зашто славиме многу значаен јубилеј, 60 години од нашето матурирање во учителската школа Никола Карев во Скопје, во далечната 1948 година", разговорот го пресече Душко Станиславски, претседател на Одборот за прослава и еден од славениците од првата генерација повоени учители.

ЖЕД ЗА ЗНАЕЊЕ

Учителската школа Никола Карев, била формирана на 5 септември 1944 година, еден месец по првото заседание на АСНОМ, а првите ученици под тоа име ги примила на 1 март 1945 година.

"Нејзини ученици бевме ние, дел од напредната младина, избрани од штотуку формираните народно-ослободителни одбори ширум Македонија. Секој од нас говореше на својот дијалект - не’ имаше од сите делови на Македонија - но веќе од првиот час ни беше предочено дека ќе го совладуваме македонскиот литературен јазик и говор, говорот од централна Македонија. Првите две години беа тешки и макотрпни - слаба исхрана, дрвени обувки, студени простории - но, жедта за знаење и за дружење, љубов, почит и помош беа повеќе од се’", рече Станиславски во својот реферат.

Како изгледало секојдневието на првите учители додека се школувале, малку подоцна ни раскажа Благоја Јордановски, ученик од првата генерација по потекло од Штип, во кусиот разговор кај влезот на некогашна Идадија.

"Еее, којзнае колку пати сум поминал низ оваа врата. Пред да дојдеме тука, два месеца учевме во зградата на Трговската академија, кај денешна Градска болница. Кога дојдовме во оваа зграда, бевме изненадени - беше големо здание, а ние бевме млади, дојдени од разни страни. Овде учевме, спиевме, имавме кујна во посебна зграда, бања и базен со риби - се’ беше тука. Долу беа училниците, а горе беа спалните. Паркот ни беше близу, одевме, си учевме во паркот, имавме мир, тишина .. а имавме и специјални училници, занимални, читални", ни раскажа Јордановски додека се напрегавме да го чуеме низ вревата од авто-алармот што свиреше додека разговаравме.

ЧЕСТ И ОБВРСКА

Учењето, како што ни кажаа и Јордановски и Станиславски, не било баш лесно - немале учебници, пишувале на рака... но кај сите владеела силна воljа за успех и чувство на обврска да го постигнат тоа, зашто Народно-ослободителните одбори токму ним им ја дале привилегијата да се школуваат за учители.

"Не’ водеше јасната цел дека и’ требаме на државата и на нејзините жители. Со помош на нашите професори, младинските организации и сојузи не ни беа тешки ниту расчистувањето на повоено Скопје, ниту борбата против комарците, пошумувањето на Водно и Гази Баба и други помали или поголеми акции. Сево ова придонесе да се изградиме во зрели и хумани личности", ни рече Станиславски.

Неговиот пријател од класот, Јордановски, радоста на учителствувањето првпат ја почувствувал на 17 години, кога, за време на летниот распуст, описменил 70 рудари од рудниците во Злетово.

"Пред да завршам 4 клас, за време на летото по завршувањето на 3 клас, отидов да работам во Злетово, за да заработам некој динар за да имам додека се школувам. За едно лето описменив 70 рудари и формирав секции - пејачка, играорна.. држевме приредби во соседните места - во Пробиштип.. Управникот на рудникот беше многу задоволен и ми предложи веќе следната година да основа училиште и да ме земе за учител, но желбата да продолжам да учам ме однесе во друг правец", ни кажа Јордановски.

По полагањето на стручните испити, 244 ученици матурирале со звање народен учител, а неколку месеци подоцна, во септември 1948, со решение на Министерството за образование на НР Македонија, секој од нив бил распореден на работа во сите краишта на државата.

МАТЕРИЈАЛ ЗА ЕДНА КНИГА

Подвигот на првата генерација учители и нивните достигнувања во општеството биле вистински предизвик за новинарот на Македонската телевизија Иван Глигоровски, кој подготвува книга за нивниот животен пат.

"Во книгата има многу раскажувања за животот во школата. Во неа учеле луѓе од сите краишта на Македонија и само еден ученик од Егејска Македонија, Крсте Василевски. Највпечатлив од се’ е нивниот голем ентузијазам. Дружењето со нив секогаш е добра инспирација", ни откри дел од впечатоците.

Средба на генерацијата, како што ни раскажа учителот Јордановски, годинава се одржала по шести пат, но не чекаат 10 години за да се видат со пријателите од класот. Со другарите од другите градови се собираат на 10 години, но со другарите од Скопје се гледаат почесто.

"Веќе неколку години, секој прв вторник во месецот се собираме со петнаесетина другари на ручек во кафеана, а здравје, ќе се собереме и за 70 години, ако сме здрави-живи", ни рече учител Јордановски, испраќајќи не со неговиот оптимизам.


0 comments: