вторник, април 15, 2008

Гевгелија без Грци


До самитот на НАТО во Букурешт беше речиси невозможно да најдете место за паркирање на уличките околу гевгелискиот пазар од паркирани грчки автомобили. Денес место ќе најдете многу лесно, дури и во четвртоците, кога е пазарен ден. Грците ги нема.


Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Андон ДАВЧЕВ



За луѓето што првпат ја посетуваат Гевгелија, до неодамна, еден од најинтересните моменти во запознавањето со градот беше впечатокот колку неговите жители секојдневно комуницираат со Грците од соседните населени места и колку неговата економија е поврзана со Грција. Одговорот ќе го најдете кај секого што ќе посакате да го прашавте за тоа - секој ќе ви каже дека кај луѓето што живеат покрај граница владее друга психологија и оти за нив границата е можност повеќе, а не хендикеп. Но, ако првпат сте биле во Гевгелија пред неколку месеци и ако ви се случило за вторпат повторно да ја посетите деновиве, веднаш ќе забележите една разлика - Грците ги нема.


ПАЗАРОТ СЕ ИЗПРАЗНИ


Сакајќи да видиме дали грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт променило нешто на теренот, во секојдневниот живот на луѓето што живеат покрај македонско-грчката граница, решивме да појдеме во Гевгелија, на пазарен ден, во четврток, денот во кој до неодамна не можеше да се најде место за паркирање околу пазарот од паркирани грчки автомобили. Барајќи го одговорот дали нешто се променило по грчкото вето во Букурешт најпрвин отидовме на пазарот.


"Ги нема. Од пред еден месец се’ помалку доаѓаат Грци, а од Самитот во Букурешт речиси воопшто не доаѓаат. А и прометот се преполови", ни рече нашиот прв соговорник, Топлица Пешиќ од Кавадарци, кој секој четврток продава грниња, тави и глинени садови на пазарот во Гевгелија.


Следниот пазарџија со кој поразговаравме беше Ване Костов, од Струмица, кој во четвртоците доаѓа во Гевгелија да продава текстил.


"Вака е месец и пол. Дали поминаа два-тројца денеска? А и тие што доаѓаат се од блиските села. Се зборува дека локалните медиуми во Грција ги заплашувале луѓето да не доаѓаат, дека може да бидат нападнати. Се зборува и дека на нивната граница не ги пуштале да доаѓаат во Македонија. Не знам дали ќе се вратат брзо. Со нив ништо не се знае, а и со нас, да бидеме искрени. Кај мене оди така-така, средно, ама поголем проблем си имаат луѓето што продаваат зеленчук и супермаркетите, зашто Грците најмногу доаѓаа по храна и зеленчук ", ни рече Костов.


Движејќи се меѓу тезгите со храна и зеленчук застанавме на тезгето со ориз, грав, леќа, ореви и штавел на Зорица Грамбозова од село Вељуса, Струмичко, која ни кажа дека пазарот е слаб но не само поради тоа што ги нема Грците.


"Денеска слаб е пазарот - уште не е префрлена пензијата. До следниот четврок луѓето ќе земат пензија - ќе биде подобро, нема пари народот. Ќе земат пола кило грав, пола кило ориз и - толку. Се’ е на пола кило. Грците идат, сега помалку, ама и тие се ценкаат. Оревите се 360 денари - тие сакаат да ги земат за пет евра. Не доаѓаат како порано. Некни, пак, имаше, денеска - не. Дали се плашат, дали не не’ сакаат - нешто има!? Тешко е, сине", ни рече Грамбозова.


ЗНААТ МАКЕДОНСКИ, АМА СЕ КРИЈАТ


Иле Досков, од Гевгелија продава зеленчук. И тој вели дека се помалку Грци доаѓаат на пазарот, главно откако повторно почнале тензиите околу името, но чудно било што во Гевгелија ги нема, а колку-толку ги има на пазарот во Богданци.


"Таму е пазарен ден во недела, па одат повеќе зашто во недела се послободни. Тие што се слободни идат и овде, ама малку се", ни рече Досков.


Го замоливме да направи споредба на цените, какви муштерии се Грците, на кој јазик се разбираат и што е тоа што ги мотивирало да ја преминуваат границата за да пазаруваат во Гевгелија.


"Едно време ние одевме да купуваме кај нив сега тие доаѓаат овде, ама - се’ помалку ги има. Обично купуваат храна, зеленчук - се’ што им треба за една недела. Некому му е скапо, некому евтино. Им спуштаме, ама најчесто бараат уште поевтино. На пример, кај нив плаќаат едно евро за три лукчиња - јас им давам шест врзопчиња (18 лукчиња) за евро. Малку им било - бараат уште едно. Компирот е 25 денари за кило - ним им го давам пет кила за две евра, ама сакаат да го земат за помалку. Не им попуштам многу - ако сакаат нека земат, ако не, нека одат кај друг. Сите знаат македонски, ама се кријат. Се разбираме некогаш на грчки, некогаш на македонски. Понекогаш им кажувам цените на македонски - се’ разбираат. Не знам зошто не доаѓаат во последно време. Тука е мирен народот. Никој ништо нема да им направи - ни ним, ни на колите", ни рече.


ПРАЗНИ СЕ И СУПЕРМАРКЕТИТЕ


Разговорот го продолживме со Александар Србов, шеф на супермаркет во Гевгелија. Вели дека и кај нив прометот не е како што бил до пред самитот во Букурешт.


"Многу помалку доаѓаат. Порано доаѓаа речиси секој ден - 30-40 проценти од муштериите беа Грци. Се жалат и колегите од другите супермаркети. Велат и по казината ги имало помалку. Општо, за нашиов крај, Грците се многу важни за економијата", ни рече Србов.


Го замоливме да ни објасни што е тоа што ги привлекувало да пазаруваат во гевгелиските супермаркетите.


"Разликата во цените, овде и кај нив, е многу значајна за нивниот семеен буџет. Овде за 50 евра ќе наполнат три колички, таму - нема да наполнат ни една. Исплатливо им е - доаѓаа да пазарат се’ што им е секојдневно потребно во домаќинството. Се зборува дека се плашат да доаѓаат, но не гледам причина, никој ништо нема да им направи. Се надевам дека брзо ќе се смени ваквата состојба", ни рече шефот на супермаркетот.


СПОРОТ НЕ Е ОД ВЧЕРА


Оптимистички прогнози и оптимистички тонови чувме и од градоначалникот на Гевгелија, Драги Делев, кој и официјално ни потврди дека е намален бројот на Грците што секојдневно доаѓаат во градот.

"Ги нема. Не доаѓаат. Периодот е прекраток и не можеме да ви понудиме никаква статистика, но се забележува дека многу е намалено. До пред месец-два влегуваа по 5-6.000 Грци неделно. Претежно доаѓаа во казината и на пазар. Секој втор автомобил низ градот беше грчки - но, сега ги нема. Многу посетени беа и стоматолошките ординации и супермаркетите, но и тие се жалат дека се’ помала е посетеноста. Сепак, добро е тоа што нема инциденти. Досега никој никому не му го изгребал или не му го оштетил автомобилот. Луѓето што имаат овде фабрики или погони редовно си доаѓаат и досега ништо не се пожалиле. Имаме 40 грчки фирми во Гевгелија, најголемиот дел од нив се мешовити, но има и фирми со 100 проценти грчки капитал. На гевгеличани не им е во интерес да прават било какви проблеми, затоа што така ќе ја нарушат својата егзистенција - од тоа живеат. Проблемот со името не е вчерашен и не очекувам нешто многу да се смени со самитот во Букурешт. Резултатот од Букурешт можеше да се претпостават и да се предвиди. На крајот повторно ќе треба да седнеме на маса и да се постигнеме некаков договор. Лично, не верувам дека скоро ќе се реши спорот, но тоа не значи дека до тогаш не треба да живееме заедно и да не соработуваме", вели градоначалникот Делев.

ИНАЕТОТ Е НА НАША ШТЕТА

Независно дали разговарате со пазарџиите, со случајните минувачи или со претставниците на локалната власт разговорот завршува со истиот заклучок - сите сметаат дека бојкотирањето на грчките производи и осудувањето на луѓето што планираат да одат во Грција на одмор може само да им наштети на гевгеличани и на Македонија, воопшто.


"Треба да се прави разлика. Поинаку размислуваат граѓаните што живеат далеку од границата, а поинаку мислат луѓето што живеат блиску до границата. Кога живееш на 100 метри од границата, не е пријатно чувството да живееш до затворена граница. Бевме изненадени од тоа што го гледаме на вестите од Скопје - летоци за бојкотирање, анкети во кои граѓаните се прашуваат дали ќе одат на одмор во Грција.. Никој нема корист од тоа", ни рече Кире Јанишлиев, советник за односи со јавноста на гевгелискиот градоначалник.

0 comments: