понеделник, јануари 21, 2008

Влез во внатрешниот свет


Врати, капии, порти.Секоја од нив зад себе крие по еден свет, различен од другите. Нивното надворешно лице сведочи за времето во кое биле направени, зборува за луѓето што живеат зад неа и за настаните што се случувале пред и зад нив.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ

Секојдневно минуваме низ нив. Минуваме низ толку врати, што дури не можеме ни да изброиме низ колку врати во денот сме поминале. Меѓу нив има врати за кои и во сон би можеле да кажеме на која страна се отвораат, на кој агол од отворањето почнуваат да чкрипат, која колку силно треба да ја поттурнеме, а да не биде премногу.

Но, среќаваме и илјадници други врати низ кои никогаш не сме поминале, а кои секогаш ја будат нашата љубопитност, оставајќи ни ги неодговорени прашањата како: кој живее тука, каков јазик се зборува зад оваа врата, кој мајстор изработил ваква убавина или кој член на семејството ја одбрал токму оваа боја за вратата?



Ако сте од оние што уживаат во набљудувањето на вратите, ве водиме на уште едно патување низ непозното покрај кое секојдневно минуваме.

ВРАТАТА НА РАЈОТ

Би било преамбициозно да се бара одговорот кога и како настанала првата врата. Затоа, како мала утеха нека ни послужи податокот дека најстарите врати во историјата на човештвото биле забележани на египетските хиероглифи, а за најстара дрвена врата во историјата се смета вратата на храмот на царот Соломон, изработена од маслиново дрво.


Многу почесто низ историјата се споменуваат градските порти, околу кои се случувале главните настани од заедничкиот живот на градовите и чие затворање го означувало почетокот на ноќта и времето кога секој требало да се прибере во своите домови и преноќишта. За најпрочуени важат вратата на пеколот и вратата на небесното царство, за кои говори Христос во Евангелието според Матеј, или вратата на рајот, опеана во мега-хитот на поп-иконата Боб Дилан, Knocking on the Heavens door.

ОД МАНДАЛО ДО БЛИНДОР

Трагајќи по историјата на вратите во Македонија патот ќе ве одведе во најстарите археолошки наоѓалишта, каде што нема да можете да видите како изгледале плочите што го одвојувале внатрешниот од надворешниот свет, но нема да останете покусо за задоволството да ѕирнете низ прагот и да видите барем дел од она што се криело зад нив. Таква возбуда зад себе кријат праговите на Куќата на Партение или на коцкарницата во Стоби, изградени во периодот од 4 до 6 век.


Шетајќи низ постарите маала, ќе го сретнете феноменот комши-капиџик - малечката врата меѓу соседните дворови која некогаш била шорткат за побрза и поедноставна комуникација меѓу соседите, кои живееле со почит и доверба, независно од верските и етничките разлики.


Движејќи се кон поновата историја, ќе дојдете до индустриските, кофекциски врати, главно произведени во дрвните комбинати.

Во нивниот асортиман ќе сретнеме внатрешна, надворешна еднокрилна или двокрилна врата, гаражна врата со или без далечинско упраување, но и некогашниот хит - шибер или хармоника врата. Така доаѓаме до денешните автоматски врати со фотокелија, до смртниот непријател на клучарите - вратите што се отвораат со картичка и блиндираните врати зад кои, според рекламите, никој ништо не ви може.

ПОЧЕТОК НА ПРИВАТНОСТА

Колку и да се разликуваат, сепак има нешто што е заедничко за сите врати низ кои и покрај кои поминуваме.

Секоја врата зад себе крие по еден свет, различен од другите, свет за себе. Нејзиното надворешно лице го симболизира времето во кое била направена, зборува за луѓето што живеат зад неа и за многуте настани на кои била сведок. Вратата е местото каде што завршува улицата и местото каде што почнува приватниот живот, премин од меѓу внатрешното и надворешното.


Никој не може со сигурност да каже што ќе види кога ќе премине низ нив.

Заеднички за сите се и елементите од кои се составени. Макар и да е мрежа за заштита од комарци, нема врата без шарки или пафти - оските, или зглобовите со кои вратата е прицврстена за касата и за ѕидот.


Можеби нема на сите да најдете резе, рајбер, брава или мандало, но, тешко ќе најдете врата на која нема квака или некаква рачка за да можете да ја отворите. Така доаѓаме и до занаетите и занимањата што се поврзани со постоењето на вратите. Да немало вати, немало да има ниту клучари, бравари, столари, вратари или луѓе што продаваат од врата на врата.

ВРАТА ОТВОРЕНА

Но, не само физички. Вратите се присутни во нашите животи и преку многуте изрази од македонскиот јазик што се поврзани со зборот врата.

Во разговор ќе чуете како некој некому му ја покажал вратата, некој друг некому му ја треснал вратата, или некој некого исфрлил низ врата. Помислувате, подобро ќе било да бацел врата, или да отидел некаде каде што му е врата отворена. Или, си велите дека можеби и не е така трагично, дека и тој што го избркал набрканиот кога-тогаш ќе тропне на негова врата. Само да не се погоди токму тогаш да мора да оди на некој состанок зад затворена врата.


http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=5369&EditionID=171&Page=1

2 comments:

Anonymous said...

никогаш не би се замислил што значи врата од оваа гледна точка. Баш ми се бендиса. Аферим

Васко said...

Благодарам!