вторник, јануари 29, 2008

Не сме тука мечките да не’ изедат!


Можеби се’ уште му робуваме на старото табу дека е срамота ако некој повозрасен член од нашето семејство живее во дом за старци, но таквите предрасуди полека-полека попуштаат. Дека е така, се уверивме по неодамнешната средба со управникот на домот за стари и изнемоштени лица во скопско Злокуќани и разговорот со дел од луѓето што се згрижени таму

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ

Сигурно ја паметите старата македонска песна за дедото што го пратиле в планина - мечките да го изедат, со скриена порака дека старите не им се од корист на помладите, но дека нивното искуство ќе направи да се справат со новите предизвици, како во подоцнежните стихови од песната, кога дедото успеал да се справи со предизвиците, па - ете го кај иде со полна торба мечиња и женчиња.

ВО НОВ ОБЈЕКТ СЕ’ БИ БИЛО ПОДОБРО

На песната не’ потсети нашата неодамнешна посета на домот за стари лица Мајка Тереза во скопско Злокуќани, кој бил подигнат една година по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, како дел од Геронтолошкиот завод Скопје.

"Имаме проблеми, но, сепак, успеавме да создадеме една домашна атмосфера. Домот има идеална местоположба, на неколку километри од центарот на градот, мир и чист воздух и добри сообраќајни врски до градот. Сепак, локацијата на некој начин и ни е проблем. Домот е сместен во бараки што се стари веќе 44 години, но иако се дотраени не можеме да направиме некаков посериозен зафат, зашто спаѓаме во заштитната зона на античкиот локалитет Скупи", ни рече управникот на домот Никола Матевски, посакувајќи ни добредојде.

Бараките во кои се сместени 100 луѓе, главно од Скопје, се подарок од владата на Шведска и, како што ни рече Матевски, го имаат препознатливиот шведски квалитет, но и покрај грижата за нив, веќе се дотраени и плачат за реновирање.

"Поради Скупи, не не’ оставаат да копнеме подлабоко од 20 сантиметри. За се’ треба посебна дозвола и поради тоа ни се врзани рацете за било каква посериозна интервенција или реновирање. Единственото што можевме да го направиме е што ги реновиравме бањите и тоалетите. Но, се’ се тоа привремени решенија", ни се пожали управникот.

Најдоброто решение, според Матевски, е да се изгради нов објект, на друга локација, кој ќе им понуди на луѓето што ги згрижува домот подобри услови за живеење и повеќе содржини во нивното секојдневие.
"Веќе се менува и структурата на корисниците. Мораме да имаме на ум дека ни иде нова генерација стари луѓе, кои во нивните домови веќе имаат добри услови за живеење, но поради некои околности решиле да дојдат да живеат во домот. Кога ќе видат добри услови за живеење, нема многу да размислуваат дали да одат да живеат во дом. Во Белград, на пример, има домови со кино, со трговски центар и со други содржини, во кои луѓето не се изолирани од нормалните животни текови. Ова решение, можеби било добро за времето во кое бил изграден домот, но сега треба да создадеме услови за луѓе што јадат со нож и со вилушка", вели управникот.

ДОБРО СЕ ГРИЖАТ ЗА НАС

Додека разговаравме со Матевски имавме прилика да слушнеме неколку телефонски повици од граѓани што сакаа да се информираат за условите и за цената на сместувањето во домот.

"Дневно имаме по четири-пет повици и се’ почесто во послендиве неколку години имаме јавувања од луѓе што по своја волја бараат место во домот. Сместувањето чини 390 денари дневно или 12.000 денари месечно. Со доаѓањето во домот луѓето добиваат сместување во двокреветна соба, три оброка дневно, постојана здравстена грижа, психолог и социјални активности кои им помагаат да негуваат еден позитивен дух. Собите и другите простории се загреваат со централно парно греење, во целиот период на грејната сезона, храната се подготвува во консултација со нутриционистите од Заводот за унапредување на домаќинството, а секој што сака да оди в град добива бесплатни автобуски билети", ни раскажа Матевски.

Нешто подоцна можевме и самите да се увериме во тоа, од разговорите со луѓето што ги сретнавме во мензата, во лекарската ординација, низ дворот или во собите, каде што не’ поканија некои од луѓето што се сместени во бараките.

"Меѓу тие активности за негување на позитивнот дух е работната терапија, со која се трудиме да ги мотивираме секој според неговите желби и способности да си најде некаков ангажман што ќе му причинува задоволство. За жените имаме катче за везење, плетење и за изработка на ракотворби. Други наоѓаат задоволство да си го негуваат дворчето - садат цвеќиња, се грижат за зеленилото.. Ракотворбите што ги изработуваат жените во работилницата ги продаваме, и на тој начин имаме пари за повторно да купиме материјал за работа, а дел од парите им ги даваме како награда на тие што ги изработиле", ни рече Весна Рајковска, работен терапевт во домот Мајка Тереза, покажувајќи ги ракотворбите во работилницата.

Дел од социјалниот живот се и редовните читања и гостувањата на луѓе од естрадата, ученици од скопските училишта, вероучители и лекари-консултанти.

"Еднаш во неделата во мензата ги собираме сите што се заинтересирани за дружење. На таквите дружења обично читаме текстови за здравјето, религијата, обичаите и други работи што ги интересираат и ги предлагаат самите. Тоа е најдобрата терапија со која ќе ги натераме за нешто да размислуваат, зашто најголемото зло за стариот човек е монотонијата. Ако ги завладее монотонија им доаѓаат тага и црни мисли, кои можат да им го влошат здравјето или, не дај Боже, да ги доведат до самоубиство, како што ни се случи пред 17 години", ни рече управникот додека ни ги покажуваше другите делови од домот.

ОВДЕ СИ ГО НАЈДОВ МИРОТ

Пред една од бараките сретнавме две жени, кои ни се претставија како тетка Вера и тетка Васка. Веднаш прифатија да не’ одведат во нивната соба, која ја делат во последниве две години.

"Јас сум овде две години, а дада, како што ја викам тетка Васка (лево), дошла во домот пред седум години. Навистина немам на што да се пожалам откако сум овде. Ич не ми е гајле што ќе речат луѓето што сум дошла да живеам во дом и ги советувам и моите деца така да се чувствуваат. Јас сум веќе во години, децата и внуците си имаат своја работа и не сакам никому да му бидам на товар. Овде имам луѓе со кои се дружиме, сместувањето е добро и им советувам на сите што размислуваат дали да дојдат во дом - да дојдат. Ако сакаат да си го најдат мирот, само овде ќе го најдат", ни рече тетка Вера.

Задоволството не го криеше ни тетка Васка, иако беше забележливо дека не зборува со истата ведрина.

"Немам што да се пожалам, само не ми е раат душата кога ќе помислам дека децата ми се без работа. Имаат деца за школување - како ќе врзат крај со крај", ни рече тетка Васка.

Ни заблагодарија за посетата и срдечно не’ испартија. Ветивме дека повторно ќе ги посетиме.

Додека шетавме, бевме љубопитни дали се случува некој од луѓето во домот да си најде животен сопатник токму тука.

"А, имаме и такви. Ако сакате, веднаш ќе ги прашам дали ќе сакаат да ве примат", ни рече Матевски.

Не поминаа ни минута-две, од бараката некој ни викна - ајде, повелете!.

Така се запознавме со Мица и Данило, кои се сместени во домот седум години. Најпрвин биле сместени посебно, во женскиот и во машкиот дел, но подоцна меѓу нив се развило специфично пријателство.

"Се најдовме блиски и решивме да живееме заедно. Овде ни е добро и многу добро се разбираме и си живееме", ни рекоа како од еден глас.

Нешто подоцна управникот ни објасни дека и друг пат се случувале такви врски, но оти не дозволува маж и жена да живеат заедно без тоа да го одобрат нивните роднини што го потпишале договорот за згрижување во домот.

ВОЛОНТИРАЊЕТО МОЖЕ МНОГУ ДА ПОМОГНЕ

Едно од прашањата што го оставивме за крајот беше како би можеле граѓаните да помогнат за домот, штом рацете на Управата и’ се врзани, а според најавите, изградбата на нови старски домови, според владината програма, е предвидено да почне во 2010 година.

"Штета е што кај нас не е развиена свеста за волонтирањето. И самите видовте колку многу им значи мало внимание, мал разговор на луѓето што се сместени овде. Каков товар би било за еден млад човек да купи еден литар сок и едно чоколадо и да дојде да помине час-два да поразговара со луѓето овде. Многу бев пријатен пред некоја година, кога едно семејство решило работите што требало да ги раздава за задушница на гробишта, да ги донесе кај нас, за луѓето што се сместени овде. Не можам да ви ја опишам нашата радост", ни рече Матевски на испраќање.

Пред да влеземе во автомобилот, посакавме да тркнеме преку улица, за да видиме колку навистина блиску е Скупи до Мајка Тереза. Се уверивме дека има зошто земјиштето на домот да биде со специјален статус. Домот, очигледно лежи на главната улица на Скупи, за што сведочи и базиликата што била откопана на задната страна од дворот.

0 comments: