понеделник, јануари 21, 2008

Кожуф Партенкирхен

Најновиот македонски ски-центар пред десетина дена ги отвори вратите за скијачите од Македонија и од Грција. Според сопствениците на комплексот, Кожуф ќе израсне во елитен скијачки центар, што ќе им ја земе славата на балканските зимско-рекреативни одморалишта.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ

Сте помислиле ли колку малку го познаваме оној дел од географската карта на Република Македонија на потегот од Гевгелија кон Битола, јужно од пословично непознатото Мариово, веднаш до границата со Грција. Би можеле ли да наброите барем пет топоними од тој крај, или да се присетите со каква боја беше обоен тој терен на мапите? Но, оставете ја сега географијата за подоцна. Би сакале ли да скијате во на стотина-двесте километри од дома, на патеки од кои не сте заситени уште од дете, а да не ви треба виза? Тоа го имате на Кожуф, новиот македонски скијачки центар, чии сопственици имаат амбиција од него да направат елитен комплекс, со понуда што ќе му ја земе од раце славата на хит ски-центарот Банско во Бугарија.

ПОЛЕСНО Е СО ЏИП

Нашата прва средба со Кожуф беше во последниот четврток од 2007 година, три дена пред официјалниот почеток на скијачката сезона во центарот. Единствениот пат да се стигне до таму, засега води преку Гевгелија. Оттаму патот ве води кон населбата Смрдлива вода, до каде што се стигнува по асфалтен пат широк колку две коловозни ленти. Одроните на патот прават да им поверувате на гласините дека теренот уште не е подготвен како што треба, а дополнително ве обесхрабрува снегот на коловозот кога ќе ја одминете Смрдлива вода, на 25 километри од Гевгелија.

"Каде одите? Најавени ли сте? Нагоре има снег, не верувам дека ќе ви успее да се качите", ни се обрати машинистот на возилото за чистење снег, кој излезе од кабината штом забележа дека автомобилот ни пролизга и се мачи да се искачи по серпентините.

Решивме да го послушаме, и да им се обратиме за помош на нашите домаќини од менаџментот на ски-центарот, кои ни се понудија да пратат џип по нас ако имаме проблем со качувањето.

"Денес е тешко за искачување за лесни возила. Сега го чистев патот, ама има многу снег и ќе треба време за да го растопи солта. Оваа сезона ќе биде вака, за следната, здравје, ќе имаме нов пат, поширок, целиот асфалтиран и полесен за искачување", ни рече машинистот Ненад додека чекавме да дојде џипот.

ГРЦИЈА Е ЗАД ПЛАНИНАТА

Чекајќи, имавме време да поразговараме за местоположбата на ски-центарот, за близината до Грција и за табиетот на облаците и маглата околу Кожуф.

Ненад е од Криволак и е еден од седумтемина вработени во сообраќајната патрола на ски-центарот. Нивната задача е да се грижат за проодноста на патот и безбедноста на посетителите.

"Со новиот пат ќе биде многу полесно, а уште полесно ќе биде кога ќе се изгради патот од Неготино до Кожуф. Од таа страна на планината теренот е поблаг, а патот ќе биде педесетина километри покус", ни рече Ненад.

Лесно можевме да насетиме дека сме блиску до Грција. Сакајќи да слушнеме временска прогноза и извештај за состојбата на патиштата полесно ни беше да ги најдеме грчките радиостаници. Во тоа се уверивме и кога се обидевме да прашаме во Скопје дали уште паѓа снег и каков пат не’ чека за враќање, но - мрежата беше падната, а од седумте мобилни оператори, колку што ни беа достапни, четири беа грчки.

Набрзо дојде нашата лада-нива, со налепници Професионална служба за спасување.

"Не чудете се. Грција е веднаш зад планината", ни рече Игор, вработен во службата за спасување, во чија руска машина се згреавме до нашето одредиште.


НЕДОПРЕНА ПРИРОДА

Но, ни остана уште една грижа за чие решение не зависеше од нас и од нашите домаќини. Како што одевме нагоре и маглата се проретчуваше, но не доволно за да можеме да се вратиме во Скопје со фотографии. Но, надежда последна умира, па не не’ напушти вербата дека времето ќе се отвори додека разговараме со луѓето што ги планиравме.

Според договорот, таму не’ пречека еден од четворицата сопственици на компанијата Ски центар Кожуф, гевгеличанецот Ангел Наков. Во моментот кога пристигнавме го најдовме кај дрвената ќуќа над чиј влез за некој ден требаше да биде поставен натпис "Ресторан Момна чука".

"Имаме многу снег, но работиме како сред лето. Сега ги поставуваме елементите во кујната, имаме за монтирање еден преграден ѕид и - речиси сме готови. За в сабота, се’ мора да биде подготвено", ни рече Ангел по срдечниот поздрав.

За да ја одбегнеме вревата од столарските машини решивме веднаш да се спуштиме накај скијачките терени. Одејќи натаму неизбежно беше да ги видиме новите машини за тапкање снег, кои пристигнале пред ден-два.

"Оваа машина е ролс-ројс категорија за машини за тапкање скијачки патеки. Има мотор од 400 коњски сили и систем за движење по сајла. Со неа ќе можеме да работиме и на стрмнини под агли и до 90 степени", ни се пофали домаќинот.


Посакавме да ни ја раскаже приказната за ски-центарот Кожуф, па од него разбравме дека се наоѓаме на место кое до доцните 80-ти години од минатиот век било напуштено по немирите во пограничниот појас за време на граѓанската војна во Грција. Низ планината се движеле само овчари, кои на коњи се пробивале до планинските бачила, јавајќи по стари воени патишта од Првата светска војна.

"Каде да чепнеме наоѓаме нешто од војниците што се бореле на Солунскиот фронт. Покрај скијањето, имаме одлични услови за историски туризам, маунт-бајкинг, јавање коњи, параглајдерство и пешачење и за лов и речен риболов. Планираме и богат ноќен живот со клуб за 700-800 луѓе, казино и друг вид забава - нон-стоп нешто ќе се случува", објаснува Наков.

НАЈГОЛЕМ СКИ-ЦЕНТАР НА БАЛКАНОТ

Идејата почнала се развива од 1990 година. Најпрвин направиле испитувања на климатските услови за изградба на ски-центар и студија за природните богатства на планината. Оттогаш компанијата финансирала да се подготват генерален и детален урбанистички план, во 2002 компанијата купила 55 хектари земјиште, а само минатата година вложила вложивме 9.000.000 евра за изградба на жичницата, за подземен далновод и за патот од Смрдлива Вода до Ски центарот Кожуф.

"Годинава, први на Балканот, изградивме жичница-шестосед, од врвен австриски производител. Од поблиските земји, поголема има само во Австрија, осмосед. Сакаме да градиме врвен центар и затоа решивме да изградиме нешто што денес е тренд во светот. Сега имаме капацитет да пренесуваме по 3.000 скијачи за еден час до врвот на жичницата", вели Наков.

И навистина, како што проверивме подоцна, такви шестоседите ги имаат само врвни ски-центри, како прочуените Мадона ди Кампиљо и Гармиш Партенкирхен.

Една од најамбициозните задачи што им престои, како што ни кажа, е изградбата на викенд населбата, хотелите и чаршија со продавници и угостителски објекти.

"До 2010 година планираме да ги изградиме викенд-населбата, чаршијата и хотелите. Планираме до тогаш да изградиме најмалку два хотела, со капацитет за 3.500 луѓе. Веќе преговараме за изградба на три-четири помали хотели со капацитет до 50 легла и бараме партнери за два поголеми хотела, од светски познати хотелски ланци, со капацитет од 100 до 150 легла", ни рече Ангел.


Додека разговааравме времето се подотвори, па се успокоивме што можевме да се вратиме во Скопје со две картички фотографии. На заминување ни кажа дека е убеден дека проектот ќе успее и оти Кожуф ќе биде престижно место на кое најмногу ќе доаѓаат грчките скијачи.

"Само Солун има 100.000 рекреативни скијачи, а ние сме најблиску. Во тоа се убедени и нашите партнери од Стопанска банка, која ја водат Грци. Кога им го претставивме нашиот бизнис план, тие рекоа: 'Да, тоа е тоа!'", ни рече Ангел.

Според планот, од 29 декември центарот ќе биде отворен за скијање во петок, сабота и во недела од 8:30 до 15:30 часот. Во тој период ќе работат жичницата, двата ски-лифта, ресторанот Момина чука и бачилото Маркова колиба (пијалаци, храна и бар). Сообраќајот ќе биде ограничен со специјален режим - од 6 до 12 часот на пладне ќе се пуштаат само возилата што ќе одат кон центарот, а од 12 до 18 часот ќе биде отворен само за спуштање кон Гевгелија.



0 comments: