вторник, јануари 08, 2008

Очи в очи со древното

Римскиот форум во Стоби, ја менува историјата на градот.Според најновите откритија на археолозите, остатоците од објектот кој бил ѕверски разрушен при налетот на Хуните сведочат дека историјата на градот почнува порано.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ



Се чувствуваате непријатно зашто на централниот плоштад во главниот град на државата немаме ниту еден споменик што ќе можете чувствувајќи се големи да им го покажете на деловните соработници или на пријателите од странство. Се чувствувате понизно кога размислувате како изгледаат илустрациите на прилозите за Македонија што ги емитуваат телевизиите на соседните земји кога известуваат за актуелностите во регионот. Но, не е се’ така црно. Сте знаеле ли дека некогаш, на стотина километри јужно од Скопје имало градски плоштади од глава до петици од мермер, со позлатени статуи вградени во мермерот? И тоа го имало, како што покажаа годинашните археолошки истражувања на Римскиот форум во Стоби.

ЅИДОВИ ОД МЕРМЕР И СТАТУИ ОД ЗЛАТО

Информацијата дека завршуваат годинашните истражувања на Римскиот форум во Стоби, не не’ остави рамнодушни, закотвени зад компјутерите близу до радијаторите во редакцијата. Кусиот разговор што неодамна го водевме со дел од археолзите што се вклучени во истражувањата беше посилен од прогнозите на УХМР дека ни претстои студен бран, со значително пониски тепмератури.

Студот не’ пречека на стариот влез на локалитетот, каде што требаше да го побараме Антонио Јакимовски, археологот кој раководеше со теренските истражувања.

Денот, како што ни кажа кога се договаравме да дојдеме, беше планиран за пакување на позначајните наоди од ископувањата, пред да ги пренесат во конзерваторските лаборатории на Музејот на Македонија.

"Уште малку ни остана. Го подготвуваме објектот за зимата, да довршиме со земјените работи, па ќе почнеме да се пакуваме", ни рече човекот што ни го посочија како Антонио.

Лесно се договоривме, пред да одиме да го видиме Форумот, разговорот да го продолжиме некаде на затворено, каде што ќе можеме да се сокриеме од студениот северен ветер. Го одбравме лапидариумот, депото со археолошките наоди од камен и од мермер.

"Тука ги чуваме најинтересните работи од ова истражување. Ова е целиот материјал што беше пронајден во ископувањата на Римскиот форум. Тука ќе ги видите најексклузивните наоди од овие истражувања. Имаме две статуи, машка и женска, делови од други статуи, делови од рељефи резбани во мермер. Има многу богат материјал, но, штета, најголемиот дел од нив биле икршени во пустошењето и пожарот во периодот од 267 до 268 година, кога градот го нападнале Хуните. Најпрвин го разурнале форумот, а подоцна го запалиле", ни рече Антонио, покажувајќи кон гајбите со искршени делови од мермер, наредени по подот како под конец.

Чекајќи да ни се придружи раководителот на истражувањата, Мила Шурбановска, советник-кустос во Музејот на Македонија, имавме прилика да видиме што е тоа за што ни зборуваше Јакимовски. Ако гајбите со фрагменти од камен не беа доволен предизвик, за нас, тоа сигурно беа камените статуи, сместени во соседната просторија.

"Откривме фрагменти од пет-шест статуи, но овие две се најзачувани. Погледнете, на некои делови од нив уште можете видите траги од злато. Видете, па размислете каков град бил Стоби во тоа време, штом имал таков објект, целиот од мермер, украсен со позлатени статуи", ни рече.

"ПОСТАР ОД ШТО МИСЛЕВМЕ"

Патот низ времето можеби не е никаков проблем за археолозите, но нам некако нагло ни дојде патот од 2007 во 267 година. Затоа се договоривме да почнеме од почеток, од почетоците на Стоби, кој живеел таму, каков град бил Стоби..

"Градот бил основан во периодот од 7 и 6 век пред наша ера, а во 3 век веќе се спомнува како развиена населба. Римскиот историчар Тит Ливиј, забележал дека во 197 година македонскиот крал Филип V дошол во Стоби пред почетокот на првата римско-македонска војна, за да го обезбеди градот од варварските напади. Во тоа време градот бил најсеверната точка на римската провинција Македонија. Околу 50 година од наша ера, градот добива форма според римската урбанистичка шема - со две главни улици поставени под прав агол, обиколен со ѕид, а паралелно со тоа добива статус на муниципиум, со што му било дозволено да кова свои пари и да води сопствена економија. Во тоа време Стоби бил најсеверниот град што тргувал со сол, кога солта била еден од најважните производи за тргување. Ние го истражуваме Форумот, кој бил изграден во 100-та година од наша ера", ни рече Јакимовски.

Првите истражувања на оваа локација биле извршени во периодот од 1972 до 1974 година, како американско-југословенски проект. Тогаш бил откриен само мал дел од градбата, а првите систематски истражувања почнаа во 2003 година, под покровителство на Музејот на Македонија. Годинашните истражувања се проект на италијанската невладина органиација ЦИСС - Центар за меѓународна соработка Југ-Југ, која ги обезбеди ги обезбеди парите преку локалната власт на градот Палермо и италијанското Министерство за надворешни работи

"Со овие истражувања веќе се менува и се дополнува хронологијата на градот. Стоби во стручната јавност е познат како развиен богат, доцноримски град, но ова покажува дека градот бил голем и значаен центар уште во раниот период. Сега имаме потврда дека Стоби бил значаен политички, административен, културен и трговски центар уште во раноцарскиот период на Рим. Со ваква градба, можеме да оцениме дека градот држел чекор со другите значајни градови во времето на интензивниот подем на империјата, со која тогаш владеел императорот Август", ни се придружи Шурбановска.

За големината и значењето на Стоби, како што вели, укажува самата градба, но и фасадите и раскошната архитектура што ги откриле.

"Такво нешто не се гради во некој безначаен град или мала населба. Токму во тој период Стоби го добил статусот на муниципиум, што значи - град со највисок статус по колонија. Со статусот на муниципиум, граѓаните на Стоби добиле римско граѓанско право и биле ослободени од данокот што го собирал Рим", вели Шурбановска.

СРЕДБА СО ДРЕВНИОТ ЛИК

Колку и да се вредни и колку да е возбудлива средбата со предметите што ги откопале археолозите, чувството е уште поголемо ако го видите и местото каде што биле откопани. Појдовме на самото место, ин-ситу како што велат археолозите.

"Еве го мермерот. Стои цел на местото каде што бил некогаш. Канелурите, камените бордури што ги видовме во лапидариумот, стоеле тука, на предната страна од столбовите. Според фагментите што ги највовме, претпоставуваме дека во секоја ниша меѓу два столба стоела по една статуа. Но, сето тоа било дивјачки разурнато и запалено со доаѓањето на Хуните. Затоа и деловите од статуите ги наоѓаме расфрлани насекаде низ форумот", ни раскажа Јакимовски.

Бевме изненадени дека и ден-денес се видливи трагите од големиот пожар при разурнувањето на градот. Земјата во подолните слоеви останала црна и исчадена до денешен ден.

"Токму тука, во црнилата, ја најдовме женската статуа", ни рече Антонио, гледајќи не’ вчудовидени.

Посакавме да сподели со нас дел од возбудата на археолозите кога ќе откријат нешто важно, нешто ретко.

"Не може да се опише тоа чувство. Работите и одеднаш сте очи в очи со лик од далечното место. Тоа не може да се опише", ни рече Антонио, споделувајќи ја средбата со ликот од женската статуа.

За нас останаа неодговорени уште милион прашања, но моравме да ги оставиме нашите домаќини да си ја довршат работата. Како што чувме од телефонските разговори на Антонио и Мила, комбето што требаше да ги одведе ексклузивните наоди во Музејот на Македонија, веќе беше на пат кон Стоби.




http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=5259&EditionID=167&Page=1

0 comments: