среда, ноември 28, 2007

Кој фрлал пушки в езеро?


Чии биле, кој и зошто ги фрлил старите пушки и кубури што неодамна ги открија нуркачите од охридскиот Клуб за подводни истражувања близу до брегот на стариот дел на Охрид?

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ

Ги паметите ли миговите кога со восхит ги гледавме подводните истражувања на францускиот истражувач Жак Кусто, закотвен некаде по светските мориња и океани со неговиот брод Калипсо? Зарем не останала оттогаш во вас да тлее возбудата што ја носи откривањето на подводниот свет и културното наследство сокриено во длабочините на водата? Таква возбуда сигурно доживеавте и деновиве, кога тим нуркачи, предводени од историчарот Никола Целакоски, открија стотина пушки и кубури од 18 век на 300 метри од месноста Сараиште во стариот дел на Охрид.

МИСТЕРИОЗЕН ПАКЕТ

Нашата желба одблиску да ги набљудуваме истражувањата го доживеа првото разочарување веднаш откако се пробивме по снегот кај Стража, по час и половина лазење со автомобилот. Сакајќи да провери до каде сме, нашиот домаќин, кустосот Никола Целакоски, не’ извести дека нуркањето се одложува.

"Жал ми е што испадна вака - синоќа и овде фати невреме, водата е матна, нема да можеме денеска да работиме", ни рече Целакоски, но на нас остави да решиме дали ќе продолжиме кон Охрид или ќе дојдеме кога ќе продолжат истражувањата.

Решивме да продолжиме, за да не е за џабе мрзнењето на Стража. Бевме сигурни дека и без тоа ќе имаме што да видиме.

Како што се договоривме, Никола веќе не чекаше во Историското одделение на Народниот музеј, сместен во куќата на охридскиот револуционер Христо Узунов.

"Сепак, решивте да дојдете. Добро, барем ќе ги видите пушките и кубурите што ги извадивме досега", ни рече подготвувајќи кафе во неговата канцеларија во Музејот.

Редејќи ги прашањата, бевме нестрпливи што поскоро да ги видиме наодите што ги откриле од почетокот на истражувањата.

Идејата за истражувањето, како што ни рече Целакоски, се родила минатата година, кога охридскиот нуркач Боби Горичан нуркајќи рекреативно открил стари пушки и кубури на околу 300 метри од брегот кај Сараиште. Тогаш ги фатила јанѕата, дали можеби езерото крие уште такви предмети токму на тоа место.

"Еден ден, одејќи на работа, забележав чуден пакет пред вратата на Музејот - нешто завиткано во душек за капење и во најлонски кеси. Ни беше страв да го отвориме, но, сепак, решив да го отворам. Кога го отворив - што ќе видам! Внатре беа завиткани неколку парчиња старо оружје. Во тој момент заѕвони телефонот. Се јави Боби Горичан, ми рече дека тој ги оставил пред Музејот. Ги извадил од езерото утрото пред да оди на работа. Тоа беше момент што долго ќе го паметам", ни раскажа Целакоски.

ЌЕ НАЈДЕМЕ УШТЕ СТО

Помислата дека езерото во себе крие уште оружје не ги оставила мирни ни Целакоски, ни Горичан. Идејата ја споделиле со соработниците од охридскиот Завод за заштита на спомениците и од Клубот за подводни дејности Охрид и од нив добиле поддршка да конкурираат за поддршка од Министерството за култура. Проектот бил прифатен и од 3 ноември годинава нуркачите се под вода.

"Бев сигурен дека ќе се појават уште пушки и кубури. Откако ги откри првите, Боби не престана да нурка, дури и си направи проблеми со здравјето. И тој беше сигурен дека ќе најде уште, а и јас длабоко верувам дека под водата има депо за оружје", вели Целакоски.

Сепак, како што ни откри, на првиот ден од истражувањата забележал трема кај дел од нуркачите, кои биле уплашени да не не најдат ништо ново, знаејќи дека јавноста има големи очекувања од нив, поради големиот одглас во медиумите околу почетокот на истражувањата.

"Во нив видов страв од неуспех, но јас бев сигурен дека ќе откриеме оружје и сигурен сум дека уште ќе најдеме до крајот на проектот. Боби ми рече, дека се плаши да не исцрпил се’, но јас искрено верував и верувам дека ќе најдеме најмалку уште 100 парчиња оружје", вели раководителот на истражувањата.

Така и беше. Само во првите два дена беа откриени дваесетина пушки каранфилки, мартинки, рашак и рога, дваесетина кубури, сабја и делови од огнено оружје. Нуркачите ги откриле на околу 300 метри од брегот кај Сараиште, на длабочина од 6 до 8 метри, подзакопани во слој од тиња од 50 сантиметри. Речиси на истото место, минатата година беа откриени стари пушки од 18 и од 19 век и шлемови од времето на Првата светска војна.

"СУШТИНСКА ЖЕТВА" 1903?

Но, како се нашло оружјето в езеро, кој и зошто го фрлил? Како што ни објасни Целакоски, не може да се даде цврст одговор кој, зошто и зошто токму таму го фрлил оружјето, но има претпоставки кои можат да не’ доведат до некои заклучоци.

"Проучувајќи ја историјата на ВМРО во рамките на охридската организација, досега не сум сретнал документи што укажуваат на нешто што би можело да биде поврзано со оружјето што го откривме. Според моделот и начинот на изработка, оружјето е од 18 век и најверојатно било изработено во дебарските или во тетовските работилници за производство на оружје. Една од претпоставките е дека е фрлено од отоманската војска, која во тоа време го променила системот на вооружување. Од друга страна, може да се претпостави дека станува збор за оружјето што било запленето во времето на Илинденското востание или по задушувањето на востанието. Исто така, во периодот по Илинден во некои села имало акции за разоружување, со кои дел од востаниците го предавале оружјето. Постои веројатност дека оружјето било донесено во Охрид и било фрлено во езерото, во близина на касарната, која тогаш се наоѓала близу до Сараиште", објаснува Целакоски.

Трета претпоставка, како што вели, е дека оружјето го исфрлиле самите охриѓани плашејќи се од претресите што ги спроведувала отоманската власт во времето пред и по Илинденското востание.

"Во тоа време народот во Охридско бил многу вооружен - главно, за самозаштита од разбојнички банди. Бидејќи оружјето и во тоа време било старо, можно е во акциите за доброволно предавање населението да го предавало постарото оружје, колку да прикаже пред властите дека го предало оружјето, а истовремено во домовите зачувало поново оружје. Не ја исклучуваме и таа можност, имајќи го искуството од акцијата за разоружување по конфликтот во 2001 г. кога, според тоа што го пренесуваа телевизиите, се предаваше старо, речиси неупотребливо оружје", вели Целакоски.

ПРЕДИЗВИК ЗА КОНЗЕРВАТОРОТ

Посакавме да видиме што се случува со пушките откако ќе бидат извадени од езерото. Сакајќи да ни покаже од прва рака, нашиот домаќин не’ одведе во Конзерваторската лабораторија на охридскиот Завод и музеј. Одењето таму беше прилика да ја видиме и пушката далјанка, најинтересното откритие од истражувањата. Пушката е долга околу 280 сантиметри и се претпоставува дека се користела на тврдини. Според моделот, најверојатно била произведена во дебарските работилници, и според сознанијата на Целакоски, најверојатно таа и даљанката од Воениот музеј во Белград се единствените зачувани примероци од тој вид во поранешна Југославија.

Го прашавме конзерваторот Климчо Балев каква работа му претстои за и таа да биде како реставрираните кубури што ги видовме во кабинетот на Целакоски.

"Најпрвин треба да се конзервира железниот дел и најдобро ќе биде ако може да се одвои кундакот. Железото најпрво механички се чисти од 'рѓата, а подоцна се конзервира со специјални хемикалии. Откако ќе се направи тоа, би требало да се изработи нов кундак, според моделите на пушки изработени во истата работилница. На крајот од конзервацијата, најверојатно, пушката ќе биде премачкана со уште слој премази за финална конзервација, по што ќе биде подготвена за изложување", ни објасни Климчо.

ПОРАКА ЗА ХРИСТО УЗУНОВ?

За крај, појдовме до Сараиште, за уште еднаш да се навративме на енигмата - кој и зошто го фрлил оружјето кај Сараишче, како што го нарекуваат охриѓани? И - дојдовме до уште едно интересно гледиште.

"Оружјето го откривме во непосредна близина на куќата на Христо Узунов. Во периодот по востанието, додека тој се движел со востаниците низ Македонија, во куќата живеела мајка му, Анастасија Узунова. Не би било чудно да претпоставиме дека можеби на тој начин, фрлајќи го оружјето блиску до неговата куќа, отоманската власт сакала да испрати порака до Христо Узунов и да влее страв во редовите на организацијата, сакајќи да им порача: еве, тука сме, внимавајте што правите. Видете колку е блиску куќата од местото каде што го откривме оружјето! Но, да бидеме искрени, немаме податоци кога било фрлено оружјето - тоа се претпоставки", ни рече Целакоски, покажувајќи ни го местото каде што нуркачите го откриле арсеналот.

четврток, ноември 22, 2007

40

Петок. Имаме милион причини да му се радуваме на петтиот ден. Со душа сме го чекале уште од најраната младост, претчувствувајќи дека зад него ни претстојат два дена кога нема да мораме да се будиме в зори, во 6:30, со продорните тонови на песната за во градинка, што се емитуваше како фон на рубриката Деновиве пред години на Радио Скопје. Сигурно ја паметите и радоста што ни ја носеа петоците неколку години подоцна, кога почнавме да стануваме свесни дека по нив идат два дена кога ќе имаме барем малку повеќе време за дружење со другарите, два дена за жмурки и за камај, и покрај помислата дека в недела повторно ќе треба да довршуваме цртеж по ликовно. Не верувам дека не им се радувавте на петоците и во средношколските денови, знаејќи дека до претстојниот понеделник ни претстојат две ноќи во кои родителите ви дозволуваат продолжен излез за шетање по трендовските кафулиња и дискотеки, или на студентските денови, кога во викендот сте гледале прилика да се оддалечите од работната маса и да испиете неколку пива повеќе од претходните денови.


И се’ така - животот си го реди тетрисот. Доаѓаме до овие денови кога, барајќи ги корените на нашите трауми, ќе научиме дека песната за во градинка е дел од Симфонијата број 4 во Д-мол од Роберт Шуман, а дека гласот од шпицата бил гласот на Иван Антонов, за кого на телевизија или на радио рекле дека бил доајен на македонското спикерство. Повторно им се радуваме на петоците, знаејќи дека по нив следуваат два дена кога можете да си ги видите децата дење, кога можете да запалите кола и да тргнете со семејството во непознат правец, кога ќе можете да останете со пријателите неколку часа подоцна во ноќта... Но, зар немате и некоја посебна, интимна причина поради која одвај чекате да дојде петок? Сигурно имате.


Му се радувате ли на петокот зашто зад него се кријат два убави дена во кои ќе можете да здивнете од барањето место за паркирање, вртејќи пет-шест крукчиња околу маалото во кое работите, два дена кога патот од маалото во кое работите до дома ќе можете да го поминете за 7, наместо за 35 минути. Зар не е убаво што ви претстојат два дена кога ќе можете ко чоек да заборавите каде сте го паркирале автомобилот...

И, како да не му се радуваме на петокот поради тоа, и покрај тоа што токму во петок сообраќајот е најгуст и ви треба најмногу време за да се пробиете до дома. Таков товар знае навистина да ве исцрпи, дотаму што почнувате да забележувате дека и сообраќајните знаци знаат да кажуваат вицови.

Еве еден пример. Сте ги виделе ли сообраќајните знаци за ограничување на брзината покрај раскопаниот тротоар спроти хотел Бристол. Велат: овде можеш да возиш најмногу 40. Почнувам дијалог со знакот и си велам: Ти нормален си? Па зар мислиш дека низ скопскиве улици можеш да поминеш повеќе од 40 километри во еден час возење?

И, навистина. Прашавме кај диспечерката на една од скопските радиотакси компании за колку време се стигнува од Ѓорче 2 до Драчево и колку километри возење има до таму (беше петок, 14:30). Од другата страна на слушалката ги чувме таксистите: "25 километри.. околу 35 минути". Штом е така (имало фајде од часовите по елементарна математика), за еден час ќе поминеш 43 километри.

Зар нема да ви дојде да го истурите гневот врз знакот, па да извикате: Па, на кого бе ти - 40, ало?

Фала Богу што дојде петок!

И чипсот има роден крај

Забележувате ли колку е компирот присутен насекаде околу нас? Сте помислиле каде почнува тој пат?. Можеби на тоа ќе ве потсети оваа берба на компири во кичевското село Ајројца.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ

Сте помислиле ли колку и во какви се’ комбинации е компирот присутен околу нас, како компирите не’ демнат секаде каде што се движиме, секаде каде што ќе подзастанеме? Толку сме се навикнале на нивната сеприсутност, што воопшто не ни помислуваме каде е почетокот на сето тоа, што имало на трпезата на нашите предци пред бродовите на Колумбо да се вратат од Јужна Америка со новото растение, што го откриле на Андите. Ни на крајпамет не ни е дека пред 1573 година, кога почнале да ги одгледуваат во Шпанија, немало ни пекарски компир, ни помфрит, ни компир салата, рестован компир, компир-манџа, чипс, компир-пире, или компири печени во жар. Компир немало ни за лек, за да ја симнете високата температура.

Тогаш, зарем нема да се шокирате кога наеднаш ќе здогледате вреќи компири наредени како под конец, токму кога со раката посегнувате во кесето со чипс, сакајќи за кратко да го одложите гладот, додека возите за да ги завршите работите што сте ги планирале?

Таков миг за нас беше берењето компири што неодамна го здогледавме, сосем неочекувано, на полето на семејството Раманови во месноста Ајројца кај Кичево, мезејќи чипс на пат накај Скопје.

ТРАКТОРОТ БЕРЕ, ТРАКТОРОТ ПАКУВА

"Аирлија работа, што се случува овде?", љубопитно ги прашавме домаќините, воодушевени од глетката.

"Береме компири. Ајде на помош!?", веднаш го прифатија разговорот, но не’ замолија да не бараме да се претставуваат и да не ги фотографираме.

Да имавме повеќе време можеби и ќе прифатевме да помогнеме, затоа само ги замоливме ни раскажат што прават и како се берат компири.

Сезоната за берење на компирите, како што ни рекоа, почнува на 15 октомври, но годинава поради врнежливото време морале да почнат подоцна. Сакавме да дознаеме каков бил годинава родот, што треба да се направи за да се добие толку големи компири, какви сорти компири садат кичевчани и каков ангажман бара од земјоделците компирот.

Ни раскажаа дека годинава била погодна за компирите, затоа што немало многу врнежи, а многу вода може само да го расипе родот.

Разговорот го почнавме од крајот, па ги прашавме и за почетокот - што треба да се направи за да се одгледаат толкави компири.

"Напролет се садат ситни компирчиња, компир за расад. По две-три недели изникнуваат, а по неколку недели почнува обработувањето на браздите и наводнувањето. Ако сакате да добиете крупен и квалитетен компир, не смеете да се претерувате со наводнувањето", ни раскажа накусо Смајо, пред да го запали тракторот за да ги извади компирите од следната бразда.

Другите членови од семејството ни објаснија дека машината што е прикачена на тракторот ги подигнува компирите од под земја, а другиот дел од работата се врши рачно.

"Ние одиме зад тракторот и рачно ги ставаме во вреќи компирите што ќе ги извади машината. Има и машини, како тракторот на соседите, што прават се’ - ги откопуваат компирите, ги чистат од земја, ги требат од камења, ги сортираат и ги пакуваат во вреќи, но, и вака се може", ни рекоа Раманови.

Во нивното поле се сади исклучиво компир од сортата агрија. Таквиот компир, како што ни рекоа, е омилена сорта на кичевските земјоделци, а задоволни се и купувачите.

"Агријата е побел и е одличен за варење. Пробајте го во компир манџа или направете помфрит - ќе се уверите", ни порачаа жените од фамилијата Раманови.

КОМПИРИТЕ РАСТАТ НА ДРВО

Впечатливата глетка не не’ остави рамнодушни. Сознанието дека првпат гледаме берба на компири токму кога сме раситниле неколку десетки од животот не’ одведе до помислата дали нашите деца воопшто ќе знаат како и каде растат компирите, штом ние толку сме се оддалечиле од земјата и од природата. Бевме љубопитни и се распрашавме во една од детските градинки во Скопје.

Замоливме една од воспитувачките да ги праша децата од средната група дали знаат каде растат компирите.

"Прашавме осум деца и добивме четири различни одговори. Две одговорија дека компирите растат на нива, две одговорија на трева, две рекоа внатре, во земјата, а две мислат дека компирите растат на дрво", ни рече воспитувачката, соопштувајќи ги резулататите.


четврток, ноември 15, 2007

Кралство на стомните


Кичевското село Вранештица, навидум, е само уште едно македонско село со куќи наредени на неколку ридови. Но, по едно се разликува од другите. Некогаш таму имало 200 грнчарски работилници, а и денес таму живе најголемата грнчарска заедница во Македонија.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ

Ги има насекаде. Покрај автопат, на пазарите за зеленчук и овошје, во националните ресторани што внимаваат на својот имиџ, во дуќанчињата со сувенири, на панаѓурите покрај манастирите за време на големите празници. Грниња, тавчиња, стомни, бокалчиња, тави, црепни, дулиња, ѓумчиња, пепелници.. Сигурно сте ги забележале и сигурно барем еднаш ве потсетиле дека калта не е само лош спомен што ве опоменува да внимавате како излегувате од автомобилот во дождливите денови, за да не си ги извалкате чевлите. Сигурно барем еднаш кога сте ги здогледале ви донеле топлина на срцето, носејќи бран спомени на огништата на вашите предци, на вкусот од јадењата на вашите баби, на ладот што ви го дала водата од стомните и дулињата, ако некогаш сте ожеднеле лете на село. Сигурно барем еднаш сте се запрашале од каде доаѓаат, кој ги прави стомните и бардињата. Распрашајте се кај продавачите додека чекате вашите пријатели од странство да си одберат нешто - најчестиот одговор сигурно ќе биде: грнчарите од Вранештица, кралството на стомните.

СЕЛО НА 200 ГРНЧАРИ

Решивме да појдеме и да видиме зошто токму Вранештица некогаш имала 200 грнчари, зошто и денес таму живее најголемата грнчарска колонија во Македонија, кои се грнчарите што покрај занаетот на претците фатиле чекор и со иднината, продавајќи ги своите производи и преку он-лајн каталог на интернет.

Изборот падна да појдеме на работилницата на Слободан Столески, чие име го одбравме по случаен избор од списокот со дваесетината активни грнчари од здружението Грнчар од Вранештица, објавен на веб-страницата www.vranestica-grncar.org .

"Некогаш во секоја куќа имало по еден грнчар. Прошетајте по селово и ќе видите - во секој двор има барем по една фурна за печење грнчарски ракотворби. Нема да згрешам ако кажам - двесте куќи, двесте работилници", ни рече Слободан, кој не’ пречека на сретсело, кај поштата.

Фурните што ги видовме одејќи накај куќата на Столески, потврдија дека е вистина тоа што ни го кажа. По минута-две одење стигнавме. Токму кога го почувствувавме студот што ни го најави шалт-таблата во автомобилот, покажувајќи 8.5 Целзиусови степени, влеговме во малата куќичка покрај домот на Слободан. Бевме изненадени од првата глетка, зашто не очекувавме дека веднаш зад вратата почнува другиот свет, светот што во кој се крие одговорот на нашата загатка.

ГРНЧАРИ ОД ПРАДЕДО, ОД ЧУКУНДЕДО..

Додека се адаптиравме на топлината од распалениот шпорет на дрва, почнавме да ги редиме прашањата. Зошто токму во Вранештица има толку многу грнчари, зошто Вранештица ја бие глас дека е кралството на стомните, како почнало сето тоа..

"Никој од селово не може да ви каже кога и како почнале луѓето да работат со глина, да ја обработуваат на колце, да прават црепни од земја. Прашајте ги и најстарите, ќе ви речат дека на тоа не знаеле да им одговорат ни нивните прабаби и прадедовци", ни рече Слободан.

Додека ловевме впечатоци разледувајќи наоколу, седнати на ниски столчиња и троножци, ни кажа дека селото изобилува со квалитетна глина, која ја вадат два пати годишно од три наоѓалишта во подножјето на ридовите.



Одговор немаше ни тетката на Слободан, баба Горица, која ни се придружи нешто подоцна, љубопитна да види кои се гостите.

"Ууу, замандан. Дедо, прадедо, чукундедо - никој не знаеше кога почнало", ни рече баба Горица, повторувајќи го турцизмот, сакајќи да каже од пред којзнае колку време.

Дека грнчарството во Вранештица го имало од памтивек, како што ни кажа Слободан, сведочат и некоклуте антички врчви што биле откриени на еден од блиските ридови околу селото.

"Грнчарите беа насекаде околу мене, па така и јас станав грнчар. Занаетот го учев од татко ми, но секој што сака да научи ќе си најде учител. Така и прадедо ми, кој бил дојден домазет, од друго село - научил, кога видел дека и од тоа може да се живее", ни раскажа.

РАЦЕТЕ ЗБОРУВААТ СО ГЛИНАТА

Работилницата на Слободан е мала, но и покрај тоа не ви ги остава очите мирни. Милион прашања ве демнат во петнаесетината квадратни метри, додека ги разгледувате грнињата наредени врз плочата на шпоретот, закачени на клинци на гредите од таванот, оставени на полиците околу грнчарското тркало, машината за мелење глина и стариот радио-касетофон извалкан од глина.

"Занаетот се пренесува од колено на колено, но и времето бара да експериментираш, да учиш нови форми, да се приспособуваш на барањата на муштериите. Но, школата си има свој пат, кој не може да се прескокне, ако сакаш да станеш добар мајстор", ни раскажа Столески ставајќи грутка глина врз горниот дел од тркалото, чашката.

Сакајќи да ни објасни на дело како се станува мајстор, почна да ни ги покажува формите што треба да ги совлада младиот грнчар, што треба да научи за да биде калфа и кои се формите што ги знаат само мајсторите.

"Главно е да ги научиш рацете да зборуваат со глината. Да ги научиш кога колку треба да бидат намокрени, кога колку треба да го истенчат ѕидот. Но не е се’ во рацете. Треба да знаеш и колцето да го управуваш - кога да забрзаш, кога да подзапреш", ни откри дел од мајсторијата.

Најмладите грнчари, како што дознавме, почнуваат од наједноставните форми, со најдебели и со најниски ѕидови. Обично тоа се ваганчиња и пепелници.

"Тоа ќе го научат, но една од првите работи што треба да ја научат е како да го извадат ваганчето од чашката", ни рече домаќинката, која ни се придружи за да не’ послужи со кафе.

Тогаш научивме дека готовото грне, стомна или тава, тешко се одлепуваат од чашката, па единствениот начин да се извадат е со засекување на дното со тенок конец. Но, и тоа не е доволно.

"Ако не ти се рацете навикнати на глината, многу лесно ќе ја згмечиш стомната кога сакаш да ја преместиш. Колку поширок е отворот горе, толку потешко е да се премести грнето или стомната. Дај му, нека проба самиот", инсистираше домаќинката.


Се обидовме и навистина е така. Доволно е само малку да притиснете со дланките за да видите дека лесно би можеле да ја расипете убавата форма што ја истегнал мајсторот од грутката глина што предмалку ја ставил на тркалото. Но, тука ќе ја почувствувате и убавата страна на калта поради која денот знае да ви го тргне наопаку, особено ако ви ги извалка чевлите додека брзате на некаков состанок.

ТАВА ЗА ДВЕ ТАВИ ПЧЕНКА

Свесни дека мајсторлакот не можеме да го научиме за неколку часа, разговорот го свртевме на живеачката. Домаќините ни раскажаа дека некогаш од грнчарството се живеело многу добро, трудот се исплатувал, а и домаќинствата многу повеќе користеле земјени работи.

"Не така одамна, имало времиња кога секој мајстор правел по 5.000 стомни само за Дуовден. Денес правиме по 500. Некогаш за секој поголем празник секој секому раздавал по нешто од земја - ситно, големо - важно да е од земја. Некогаш за една тава грнчарите земале две тави жито, две тави пченка - денес е поинаку. Денес колку што можеме ќе продадеме по пазарите, по панаѓурите, но не може да се живее само од тоа", ни рече Слободан, објаснувајќи зошто истовремено работи и во локалната самоуправа на Вранештица.

Пред да заминеме посакавме да ги видиме фурните во кои ги пече готовите производи.

"Ги видовте грнињата на шпоретот, на гредите, на полиците. Таму се сушат неколку денови. За да може да се печат треба целосно да се исушат, а најлесно ќе видиш дали се суви со грепкање со нокт по ѕидовите. Кога ќе биде звукот чист и гласен, тогаш се подготвени за печење. И тука треба мајсторија, зашто лесно може на крај да се расипе работата, па место црвенкасти да извадиш зелени стомни", ни рече на испраќање.

Тука се надоврза и домаќинката, која инсистираше да напишеме дека и жените имаат голем удел во работата. Нивната мајсторија се шарите и сликите што се нанесуваат пред печењето, а и работата не би течела глатко ако не се тука да подадат нешто, или колку да ги поткренат садовите од колцето.



Токму кога се поздравивме, дојде Филип, внук на Столески, со билтенот за спортска прогноза в раце. Вели, грнчарството не е за младите.

http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=25&tabid=172&EditionID=161&ArticleID=5031&Page=1

четврток, ноември 08, 2007

Козарот од Таор


Дали сте и вие од оние што се уверени дека козјото млеко има тежок мирис, дека никогаш не би пробале козјо сирење. Појдете во скопското село Таор и разуверете се. Пробајте ги сирењата на козарот од Таор. Таков деликатес не се пропушта.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан Стрезовски

Сигурно сте слушале од постарите членови на семејството за заговорот на Тито против се’ што носело брада, за тоа како по 1948 година настрадале и козите и свештениците. Сигурно сте се изнаслушале муабети дека козјото млеко мириса, дека ако пробате козјо сирење се осеќа дека не е овчо, за козјите патеки или дека козите се штетни за шумите, па затоа Тито ги забранил, а многумина од вас сигурно слушнале и за козарот од скопското село Таор, кој решил да му се посвети на козарството откако видел дека кога тогаш ќе стане стечаен работник. Сакајќи да добиеме одговор на овие прашања решивме да појдеме во Таор и да прашаме кај козарот со најголемо стадо кози во Македонија.

„Добро е што сте решиле да пишувате за козите, затоа што денешниве деца, како што ми рече еден наставник, не знаат како да нацртаат коза на училиште зашто никогаш не виделе кози. Тоа кажува и колку е нашата држава свесна колкав потенцијал лежи во козарството, иако козите се најисплатливи за одгледување - најмалку бараат, а најмногу даваат“, ни рече за добредојде Слободан Симоновски, сопственик на козарската фарма Таорска клисура од скопското село Таор.

САКАА ДА ГИ УНИШТАТ СЕЛАТА

Слободан не е првиот козар во неговото семејство. Кози одгледувал и неговиот дедо, се’ до 1948 година, кога, според некои - со указ на Јосип Броз - Тито, според други - со указ на Лазар Колишевски, било забрането одгледувањето кози во Македонија. Зошто било тоа така, што била целта на таа одлука?

„Сакаа да го уништат селото и најлесно им беше тоа да го направат со забрана за чување кози. Козата најмалку бара, а најмногу дава. Не се рекло напразно дека козата е крава на сиромашните. Но, на стариот систем му одговарало да ги уништи селата, а селаните да ги стави во затвори како тогашните индустриски гиганти. Од селанец со имот и со стока станав водоинсталатер во Хемтекс и зависев од државната плата. Зошто никој не ги забрани козите во Хрватска и во Словенија? Но и тоа помина со указот што го донесоа поранешните македонски функционери Јездимир Богдански и Вулнет Старова, со кој повторно дозволија да се одгледуваат кози во Македонија, но со многу построги услови“, вели Слободан.

НЕМА КОЈ ДА ЧУВА КОЗИ

Сега кога може да одгледува кози, вели дека не може да најде човек што ќе ги изнесува козите на пасење. Во бизнисот е вклучено целото семејство - сопругата, двата сина и ќерката, но не може да најде некој што ќе му ги пасе козите.

„Ќе дојде некое дете, ќе поработи, но брзо се откажуваат. Велат дека не се будали да пасат кози кога можат истото да го заработат продавајќи по отпадите украдени капаци од шахти“, ни раскажа.

Освен што е поисплатливо и поедноставно да се работи со помало стадо, тоа е уште една причина зошто решил стадото да го намали од 200 на 120 кози.

„Многу е поисплатливо, затоа што со помало стадо ќе можам да произведувам доволно сточна храна за козите и ќе можам да ги одгледувам во затворен систем, без да ги изнесувам на пасење. Така работат секаде низ светов - чуваат од 25 до 60 кози. Но и за тоа е потребно да се школуваш, затоа не пропуштам прилика да одам некаде каде што можам нешто да научам“, вели Слободан.

КОЗЈОТО МЛЕКО НЕМА МИРИС

Додека разговаравме имавме прилика да пробаме две-три сорти од сирењето што му останало до следната сезона, која ќе почне во јануари откако ќе се окозат скозните алпинки и сански кози. Бевме љубопитни за фамата што го бие козјото млеко, дека има специфичен, тежок мирис, дека не може секој да го јаде..

„Не е вистина дека козјото млеко или дека козјото сирење мирисаат. Козјото млеко е единственото што нема мирис, ако знаеш што треба да правиш со него. Нормално дека ќе има мирис ако ја молзеш козата веднаш откако јадела храна што го смирисува млекото. И за тоа има решение - само треба да го одложиш молзењето за неколку часа. Тоа се учи, но на нашите одгледувачи не им се учи. Јас тука ја гледам шансата и затоа не пропуштам обука. Сум одел кај козари во Америка, во Германија и во Грција, козари од странство доаѓале кај мене да учиме - јас од нив, тие од мене. Се’ си има мајсторија. Има техники на пастеризирањ кои не ги уништуваат корисните бактерии, млекото ќе биде здраво и чисто само ако го преработуваш во затворен процес. Во ниту еден момент не се остава на отворено - од молзење до пастеризирање. За се’ има наука. Не пропуштив обука и одговорно ви велам - во моментов во Македонија јас сум Никола Тесла за одгледување кози“, горделиво ни рече Слободан.

ЈУСТИН, ЈУСТИНИЈАН, ТЕОДОРА

Можеби ќе го земевме со резерва тоа што ни го рече Слободан за себе, ако за истото не ни посведочеа бројните дипломи, пофалници и сертификати што ги освоил на саемските манифестации Агрофуд, или што му ги доделиле светски организации за развој на сточарството. А, ако и тоа го земевме со резерва, сирењето го кажува своето. Тука дојдовме и до прашањето за необичните имиња на производите од фармата на семејството Симоновски - сирења и кашкавали Јустинијан, Јустин, Теодора..

„Сигурно знаете, во Таор се родени многу важни историски личности, а најголемиот меѓу нив е византискиот цар Јустинијан Втори. Сакајќи да укажеме на богатата традиција на Таор, решивме на дел од нашите сирења да им дадеме имиња по Јустинијан Втори, неговата сопруга, царица Теодора и неговиот чичко Јустин Први. Заедно со археолошките ископувања што почнаа во Таор пред неколку години, тоа може да биде и добра нитка за развој на селски туризам“, вели Симоновски.

Од осумдесеттите години, кога почнал да се занимава со козарството, Слободан во неговата фарма произведува повеќе од 30 видови сирење и кашкавал од козјо млеко. Вели дека има многу понуди за продажба на големи количини, но засега не може да одговори на барањата.

„Многу од странските амбасадори ми се и лични пријатели. Многу им се допадна сирењето и многу често се тука. Преку нив добивам разни понуди за соработка со странски партнери, но засега не можам да им испорачувам толкави количини колку што бараат“, ни рече на испраќање.

Тој побрза да ги изнесе козите, а ние побрзаваме да ги видиме ископините над Таор.



http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&EditionID=160&ArticleID=4992&Page=1

вторник, ноември 06, 2007

ТВ Дневник

Ви се случува ли, почитувани, да се фатите себеси во дијалог со телевизорот, да се сепнете сфаќајќи дека сте почнале да разговарате со кутијата? Ви се случува ли да помислите дека сте станале како соседите на Минка во Топ листа надреалиста, во моментите кога ќе забележите дека му одговарате на новинарот, на водителот на вестите, на политичарот, на портпаролот или на лекарот што се појавува во вестите?


Сигурно ви паѓа полесно кога споделувајќи ја маката со пријателите ќе сфатите дека не сте единствените кои неконтролирано изустуваат жестоки зборови додека ги гледаат вестите, не можејќи да премолчите кога некој се обидува да ви ја потцени меморијата, да ви го потцени интелектот, сакајќи како вистина и факти да ви протури тези, тонирани информации или порачани мислења што треба да ги одбранат неговите интереси.


Но, признајте, и покрај тоа тешко ви оди да се откажете од дневната доза информативна шоу програма, како што ви е тешко да се откажете од цигарите, чоколадото или од пивото, иако знаете дека не се баш добри за здравјето.
Би можеле ли да си дозволите денот да ви помине без музиките од најавните шпици, без насловите за вооружен напад, без ставот на евроамбасадорот за најновиот хит-проблем во општеството, да останете без информација дали денеска претседателот и премирот се смириле или повторно се скарале.. Невозможно!


Поразговарајте со пријателите за вашата зависност и ќе видите дека речиси сите се редовни гледачи, но и дека се ретки тие што не си направиле своја приватна анализа за содржините во вестите, за начинот на презентирање, за скриените коментари во прилозите, па дури и за клишеата што ги употребуваат снимателите и монтажерите. Ќе ви кажат дека забележале дека водителите ќе го подзабават говорот кога сакаат да бидат поубедливи, дека ги поткреваат веѓите кога сакаат да ви остават впечаток дека се искрени.


Обидете се да ги тестирате. На пример, прашајте ги кој ТВ Дневник најмногу ги потсетува на Адамсови, која телевизија има насекирани водители, во колку часот почнува дневникот чии водители најдобро глумат или - со кои вести си плакнат очи?


Ќе бидете изненадени колку слични им се одговорите, како што ќе бидете изненадени дека сите го знаат црниот мерцедес што претекнува автобус на белградски ГСП преку двојна полна линија од прилозите за политичките актуелности во Србија. Не запирајте со восхитувањето кога ќе ви кажат дека Ургентниот центар во Скопје секогаш се илустрира со бавено движење на камерата од лево кон десно. Распрашајте ги и уште еднаш ќе сфатите дека се толкави мајстори на анализата, што веќе забележале дека во прилозите за актуелностите од банкарството камерата шпарта по просторот околу Народната банка - час прави швенк одлево надесно, час тилт од тротоарот кон врвот на зградата или.. се’ додека текстот бара некаква илустрација.


Но, многу од нив ќе ви кажат дека вестите ги гледаат и како еден вид забава, обично ако програмата е пуштена по избор на друг член од семејството, кому му дошол редот тој да го земе далечинското. Некои имаат пасија да си пишуваат цртки и да прават топ листи кој водител колку пати вметнал медитативно "а" меѓу секоја следна секвенца од текстот. Некои бројат колку пати водителот ќе погледне во рачниот часовник, или нестрпливо чекаат да видат каква инвентивност во составувањето реченици ќе покажат денеска новинарите од спортската редакција. Поамбициозните одат до таму што си фаќаат белешки и овековечиле некои такви бисери. На пример, забележале дека фиљан фудбалер го постигнал единствениот гол за Римјаните, а фиљан од спротивниот табор за време на судиското продолжение ставил печат на трите бода за Кралевите. Но, би можело да биде и полошо, ако натпреварот, одигран на стадионот кај не знам кој парк, завршел со најнепопуларниот резултат - 0:0, што, не дај Боже, можело да ги чини пад од не знам колку места на листата.


Па и не било така лошо да гледаш вести. Погледнете ги од светлата страна на животот. Би било штета да ја пропуштите изјавата на гувернерот Арнолд Шварценегер дека е беспомошен да се справи со пожарите во јужна Калифорнија, па да промрчите - каде е сега Терминатор, каде е Конан?

четврток, ноември 01, 2007

Насликана чаршија


Скопската стара чаршија била голем предизвик за современите македонски сликари од првата и од втората генерација кои се занимавале со урбаните мотиви. Во моментите кога преокупација им била бојата, сите, без размислување, знаеле каде да отидат. Толкаво богатство од бои можела да им понуди само чаршијата.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографии : Милан Стрезовски и архива на Музеј на град Скопје

Би сакале ли да можете да се вратите во времето, да видите каква била старата скопска чаршија во времето кога нејзините улички биле полни со живост, кога било лесно дознаете во која од нејзините улички се наоѓате без да погледнете на сино-белите таблички, погледнувајќи само во изложените ракотворби? Би сакале ли да видите како изгледале тивките сокаци и сенките од оџаците над дуќанчињата, да ги видите облаците над Мустафа-пашината џамија? Што велите за една прошетка по нерамната калдрма, во тишината на дуќаните пред утринскиот бран луѓе да се пробие низ Камениот мост? Можеби дел од би можеле да ви пренесат црно-белите фотографии од старо Скопје, но зар е подобро да можете да ги видите и боите на чаршијата, за кои восхитено зборувале патеписците?

РИЗНИЦАТА ОД СУЛИ-АН

Лутајќи на интернет, случајно откривме дека и тоа е можно. Дознавме дека чаршијата била предизвик за голем број македонски и странски сликари и дека токму преку нивните платна најдобро ќе можеме да се вратиме во времето кога ги живеела златните години. Каде да ги видиме повторно разбравме од веб-страниците на интернет, каде што дознавме и дека Музејот на Старата скопска чаршија, сместен на првиот кат од Сули ан, има збирка од 123 ликовни дела со мотиви од Старата чаршија.

"Музејот е формиран веднаш по земјотресот во 1963 година, со реконструирањето на Сули ан, кој бил целосно разрушен. Денес во него се изложени експонати што се откриени во кругот на чаршијата, а една од трите поставки е поставката со уметнички дела со мотиви од старата скопска чаршија", ни објасни управникот на Музејот, етнологот Зоран Атанасовски.

Сликите на македонските мајстори, како што можевме да видиме, се изложени во неколку простории од етнолошкото одделение на Музејот и главно се поврзани со занаетите на кои им се посветени просториите со етнолошки експонати.

ОВЕКОВЕЧЕНО ОД СЛИКАРИТЕ

Сакајќи да добиеме покомплетна слика за вредноста на уметничките дела што се изложени, Атанасовски нe' упати кај неговиот колега, историчарот на уметноста Лазо Плавевски, виш-кустос во Музејот на град Скопје.

Така и сторивме.

Како што ни објасни Плавевски, збирката е составена главно од дела на првата генерација современи македонски сликари, настанати во четириесеттите и педесеттите години на минатиот век.

Чаршијата, како што вели тој, била голем предизвик за уметниците од тој период, пред сe' затоа што им нудела голем колорит и затоа што насетувале дека се на прагот на едно ново време, продорот на индустријата, кој целосно ќе го измени животот на чаршијата.

"Сликарите што се занимавале со урбани мотиви многу поретко се занимавале со другите делови на градот. За нив најпривлечна била чаршијата, затоа што знаеле или чувствувале дека го живеат моментот кога нешто исчезнува. Од друга страна, како класични експресионисти, или како уметници што биле блиски до експресионизмот, нив главно ги интересирала бојата, а бојата најповеќе ја имало во Старата скопска чаршија. Денеска тоа не е така, но сигурно било во педесеттите години кога настанале најголемиот дел од делата со урбани пејзажи од Скопје. Чаршијата им нудела колорит и светло и затоа се занимавале со чаршијата", вели Плавевски.

Во Музејот на Старата скопска чаршија се изложени дела на првата генерација современи ликовни уметници. Најбројни во збирката се делата на Никола Мартиноски, Димитар Пандилов, Вангел Коџоман, Љубомир Белогаски и Томо Владимирски.

"Овие слики се значајни затоа што можат барем на метафоричен начин да го презентираат животот од тоа време, кој не успеале да го забележат фотографиите од тоа време. Фотографиите од фото-документацијата на Музејот на Старата скопска чаршија нудат многу информации, но не сите. Сликите се важни затоа што преку нив можеме да го видиме тогашниот колорит на чаршијата, кој не можеме да го видиме преку црно-белите фотографии. Од друга страна, ни денешните дуќани го немаат ги немаат боите што ги имале некогаш. Боите што ни ги пренесуваат македонските сликари не се измислени бои, тие реално постоеле. Нема претерувања, тие бои навистина биле такви. Ако сакаме да се доближиме до некогашниот дух на чаршијата, тоа можеме најповеќе да го направиме преку овие дела", нe' посоветува историчарот на уметноста.

НА ШТАФЕЛАЈ СРЕД УЛИЦА

Како изгледал самиот чин на творење во чаршијата може само да се претпостави, а големите сликари кои се занимавале со неа одамна се починати и тајната ја однеле со себе. Единствено нешто што може да ни ја доближи претставата за тоа како настанале, според Плавевски, е техниката во која се изработени овие дела.

"Според техниките што се применувале може да се претпостави дека работеле набрзина, затоа што експресионизмот е брза техника, која бара од сликарот да се изрази во моментот додека го чувствува внатрешниот немир. Многумина од нив работеле директно, со штафелај сред чаршија, некои само поставувале скици додека се на терен, а подоцна ги доработувале делата во нивните ателјеа, а има и примери, како Никола Мартиноски, кому и не му било нужно да излегува на улица или да работи со штафелај среде чаршијата, зашто живеел кај Камениот мост, речиси во чаршијата", вели Плавевски.

Сепак, не е лесно да се извлече генерално правило како изгледало создавањето на овие дела. Секој уметник е свет за себе и секоја техника налага различни услови и различно темпо на работа. Тој дел од приказната напишете си го самите, како што останува на вас самите да си ги дораскажете приказните што ви ги нудат нивните платна.



http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&EditionID=159&ArticleID=4957&Page=1