понеделник, септември 17, 2007

Ни на небо, ни на земја


Како се живее на највисоките катови на скопските висококатници. Што им е на тие луѓе нормален пејзаж низ прозорецот. Се чувствуват ли далеку од земјата, од луѓето, од животот на градот. Нивниот одговор најчесто е "стан како стан, се’ едно ми е дали сум на 5-ти или на 15-ти кат".

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографија: Милан СТРЕЗОВСКИ


Сигурно веќе ви е нормално околу себе да гледате згради што имаат 10, 15 или повеќе катови. Сигурно веќе се’ поретко погледнувате нагоре кога поминувате покрај зградите на МРТ, на поранешна Нова Македонија, покрај кулите со фасадна цигла во Капиштец, трите воени кули во Стар Аеродром, покрај Трите убавици во скопски Карпош 4, но зарем не останала во вас загатката како е да се живее таму, на врвот на градот, на 15-тиот кат во "црната кула" во Кисела Вода, на 12-ти кат во кулите од Градски ѕид, во Ново Лисиче или во некоја од трите кули во населба Железара. Одговорот ќе го дознаете ако некогаш решите да живеете во некоја од нив, а дотогаш за чувството нека ви раскаже некој од вашите познаници што веќе живеат на високо.

БЛИСКУ ДО НЕБОТО Обиколката на скопските облакодери ја почнавме во Карпош 4, кај трите кули до Мостот Обединети нации. На 15-тиот кат во едната од нив, зграда со 17 ката, живее охриѓанецот Веле Таневски. Тука се доселил пред 8 години, кога се запишал на студиите по енергетика на Електротехничкиот факултет. Пред тоа живеел во ниска куќа во Охрид.

"Баравме да купиме стан за да не морам да плаќам кирија додека студирам. Разгледавме два-три стана, но, престанавме да бараме други кога го видов овој. Решив да го земеме овој стан и не би го менувал за друг", ни раскажа Веле.

Вели дека ништо не му менува тоа што живее на 15-ти кат и оти најважно му е што станот е квалитетен и комотен.

"Навистина ми е се’ едно што сум 15-ти кат. Стан како стан. Најважно ми е што просторот е добро ортанизиран и има добар распоред, а и населбата е добро организирана. Тоа ми е најважно. Меѓу луѓето владее мислење дека често се расипуваат лифтовите, па поради тоа треба да се качувам 15 ката по скали, но во 8 години, колку што сум овде, можеби ми се случило само 5 пати да не работи лифтот. Некои се плашат од земјотреси, па понекогаш ќе се јави некој да праша дали сум почувстувал земјотрес, а јас првпат да слушнам од нив дека имало земотрес", раскажува Веле.

Од друга страна, како што вели, му се допаѓа што живее на високо зашто таму е потивко, далеку од вревата над асфалтот, но и поради убавиот поглед низ прозорците.

"Имаме убава глетка, со поглед накај Вардар, Влае и Матка, па имам обичај да се напијам кафе на балконот и да разгледувам наоколу, да уживам во панорамата, гледајќи го градот, птиците, улиците. Наоколу често се бркаат соколи и јастреби, а одвреме навреме ќе дојдат гугутки на балкон, па им фрлам торшки и ги хранам. Има луѓе што се плашат кога треба првпат да ми дојдат на гости, но бргу се навикнуваат на висината и не можат да се одделат од глетката што ја нуди балконот", ни раскажа Веле, кој ни призна дека станот би го сменил само за поголем стан, кога ќе дојде редот да формира семејство.

УБАВИНА И СКРИЕН СТРАВ На 11-тиот кат во соседната зграда живеат актерот Ѓорѓи Тодоровски - Трупче, естрадната пејачка Росана Сариќ Тодоровска и нивната ќерка Ивана. Во станот живеат 18 години. И Ѓорѓи и Росана пред да се доселат таму живееле на ниски катови, но брзо се навикнале на живењето на високо, а на Ивана тоа и’ е првиот дом, уште од раѓањето и за неа нема ништо необично во тоа што живее на 11-тиот кат.

"Самото чувство во станот е исто и на 1-ви и на 11 кат. Самото живеење е исто и на 50-ти и на 1-ви кат, барем така е во добро организирани земји. Кај нас разликата е што на највисоките катови не функционира ништо. Во нашата зграда имаше голем пожар и тогаш не беа доволни храброста и пожртвуваноста на пожарникарите, затоа што цревата за гаснење не беа доволно долги и не дофрлуваа повисоко од 5-ти кат, а противпожарните возила не можеа да се приближат до зградите од паркирани возила и од узурпиран простор околу дуќаните. Сум живеел во Канада и имам братучед кој живее на 36-ти кат, но таму се’ функционира. Нема од што да се плашиш, не може да се случи да нема вода, да нема струја, да не работи лифтот, да нема противпожарни скали, да не работат хидрантите или да нема сензори за чад. Поради тоа, и покрај убавите работи, секогаш во вас има доза на страв, особено ако сте родител", ни раскажа Ѓорѓи.

Но, сепак, како што вели, вискокиот кат знае да биде и предност, како што биле убавините што ги забележал уште со првото будење во станот.

"Се будиш ни на небо, ни на земја, немаш хоризонт, гледаш птици, гледаш небо, а за да видиш што се случува на улица треба да се наведнеш. Имаш мир, не мораш да ставаш завеси или ролетни, имаш комоција, зашто никој не те гледа. Самото чувство е убаво - ги гледаш авионите на дофат, со дедо Господ си на Добро утро! Кога се доселивме, кај Росана имаше мал страв, малку беше стегната кога излегуваше на балкон, а и денес се нема целосно ослободено од тој страв. На Ивана ова и’ е прв дом и нејзе тоа и’ е најнормално", ни раскажа Тодоровски.

Сакајќи да ни го опише стравот, ни се довери дека решиле да ги сменат висечките лустери, за да не гледа Росана колку се затресла зградата кога ќе има земјотрес.

На 13-тиот кат во истата зграда 22 години живее фоторепортерот Ѕвонко Плавевски, кој пред тоа живеел на прв кат во Карпош 3.

"Многу убаво се живее. Станот ми е на западната страна, свртен е накај Вардар и уживам во глетката. Тоа мене ми е нормален пејзаж, што најдобро го почувствував неодамна во Мостар додека ги разгледувавме мостовите со еден колега. Од горе тој гледаше со страв, а мене тоа ми беше нормално, се чувствував како дома. Од друга страна, тоа знае да биде и незгодоно, особено зиме, кога е моногу студено поради струењето на воздухот над Вардар", ни раскажа Плавевски.

Незгодно, како што рече, знае да биде и кога ќе се расипе лифт, , особено ако е време кога се враќаат луѓето од работа.

"Од луѓе што чекаат лифт тогаш се прави ред до Карпош 3, а знае да биде незгодно и ако ќе ти се расипе лифт кога се враќаш од журка, со последните сили", се пошегува.

ДИЈАЗЕПАМ На другиот крај од градот, во една од кулите на булевар Видое Смилевски - Бато во Ново Лисиче живее Кети Мазнева, апсолвентка на Филолошкиот факултет "Блаже Конески". Неколку години откако се родила живеела во Кисела Вода, во зграда на понизок кат, но, вели многу малку памети од тоа и има впечатокт дека животот и’ почнал во Ново Лисиче, каде што живее 19 години, на 14 кат.

"Се сеќавам дека кога се доселивме се случуваше да не работат лифтовите, па татко ми мораше да ме носи во раце 14 ката. Но, веќе немаме такви проблеми и воопшто не ми прави проблем тоа што живеам на 14-ти кат. Толку многу сум навикната, што понекогаш ми е чудно кога ќе отидам на пониско. Кога сум на гости, во пониски згради, визуелно ми е чудно. Навикната сум на перспектива од високо. Оваа височина ми дава мир, особено кога треба да учам, зашто сум оддалечена од вревата што ја прават сообраќајот или луѓето што се дружат околу зградите. Од балконот го гледам цело Ново Лисиче, дел од Јане Сандански и цела Скопска Црна Гора, од крај до крај.

Често пати, додека учам, имам навика да излезам на пауза на балкон. Со сестра ми знаеме да се пошегуваме: ќе излезеш на дијазепам?“, ни раскажа Кети.

петок, септември 07, 2007

Музеј во паричникот


Сте помислиле ли каков каталог на кутлурата, историјата и на природните убавини на Македонија носите в џеб, кога во паричникот имате ќе ви се најде по еден примерок од македонските монети и банкноти?

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографија: Милан СТРЕЗОВСКИ

Зар не сте понекогаш носталгични за гатанките, сказните и преданијата што ви ги раскажувале вашите баби и дедовци во времето пред да станеме заробеници на телевизијата, кога главниот збор и главниот извор на забава беа седенките со постарите членови на семејствата. Можеби многумина од вас на тие моменти се присетуваат само низ магла, но, зарем не зар не ви иде топлина на душата кога ќе сретнете по некоја гатанка во списанијата или во учебниците на вашите деца.

Ако е така, обидете се да ја решите оваа.

Две кучиња - пастрмка. Пет кучиња - риба. Пет кучиња - мачка дива. Две диви мачки - пауница. Пет пауници - светец. Два светца - пенџере. Пет пенџериња - црвен цвет. Два цвета - икона. Пет икони - гранка смокви. Што е тоа?

Во право сте ако помисливте на македонските денари, ако ги препознавте во гатанката шарпланинецот, пастрмката, рисот, архангелот, афионот или керберот од монетите и банкнотите. И не случајно решивме преку гатанка да ве присетиме на нив и на тоа какви слики и сознанија ни пренесуваат банкнотите и монетите што секојдневно ни врват низ рацете. Зашто многу бргу може да се случи да заборавиме и на нив, кога се’ повеќе ќе плаќаме со платежни картички или ако еден дојде ред да си купиме паричници што ќе бидат доволно големи да ги соберат еврата и ќе имаат доволно прегради за чип-картички.

ДИНАРИ, БОНОВИ, ДЕНАРИ Денешните македонски денари се третата серија од банкноти што ги објави Народната банка од монетарното осамостојување на Македонија во 1992 година. Ако сте ги подзаборавиле банкнотите од втората серија, на кои првпат беше отпечатено името на валутата денар, сигурно ги паметите првите книжни пари, боновите, ако не по друго, барем по тоа што беа пари без име, лесно се кинеа и по банкнотата со необична вредност, 25. Со пуштањето во оптек на втората серија пари на македонската држава се воведува и името на валутата денар, кое го предложила Македонската академија на науките и уметностите, според името на античките римски монети денариус, кои се користеле на територијата на денешна Македонија. Во најтесната конкуренција за името на валутата бил и називот статер.

Парите што ги користиме денес беа промовирани на Денот на независноста - 8 септември. Во оптек се монети од 50 дени, 1, 2 и 5 денари и банкноти од 10, 50, 100, 500, 1000 и 5000 денари. Оттогаш промени во дизајнот и во изработката се внесени само во банкнотите од 500 и од 1000 денари, во 2003 година, кога им беа додадени дополнителни елементи како заштита од фалсификување.

Монетите се коваат од округли плочки рондели и најголемиот дел се изработени во ковачницата за пари на поранешната фабрика Сувернир од Самоков. Ронделите за метални пари од 1, 2 и од 5 денари се излеани од легура на бакар, никел 3 и цинк 17, а монетите од 50 дени се од легура на бакар и цинк 15.

Еден од најголемиот предизвик кога се подготвувале банкнотите бил која печатница да се одбере, за да се добијат максимални перформанси на заштита од фалсификување, издржливост и квалитет на печтотот на банкнотите. Комисијата што била формирана да го избере најдобриот понудувач решила банкнотите од 10, од 50 и од 100 денари да ги печати прилепската печатница 11 Октомври, а парите со апоени од 500, 1000 и од 5000 денари да се печатат во некоја од врвните светски компании што изработуваат вредносни хартии.
Изборот паднал на печатницата Томас де ла Ру во Лондон, основана во 1821 година, која изработила технологија на заштита и печатела банкноти за 150 национални валути. Најпозната валута што се печати таму е британската фунта.

МУЗЕЈ ВО ПАРИЧНИКОТ Еден од најдобрите осврти на содржините што се отпечатени на македонските банкноти го даваат д-р Вирџинија Хјуит од Британскиот музеј од Лондон и д-р Тим Анвин од Универзитетот на Лондон во публикацијата Создавањето на македонскиот денар - видувања и сеќавања што ја издаде Народната банка на Македонија во 2002 година.

Говорејќи за тоа како биле одбрани содржините што се претставени на банкнотите, Хјуит и Анвин потсетуваат дека од учесниците на Конкурсот за избор на дизајнерско решение било побарано на уметнички начин да креираат дизајни кои ќе се однесуваат на македонската култура и историја, за да се избегнат несогласувањата што може да настанат при изборот на историски личности чии портрети би биле оптечатени на парите..

"Во изборот на археолошки артефакти и објекти, Македонија создаде високо индивидуални банкноти, исклучителни по тоа што на нив нема исторски портрети, со употребата на архитектонски детали наместо претстави на цели градби, со убавината на претставите и на нивните живи бои.
Конечниот резултат е една од најубавите и најнеобичните серии банкноти кои содржат теми од минатото, претставени на изразено индивидуален начин. Наместо претстави на портрети или значајни архитектонски објекти, на банкнотите се претставени археолошки предмети, средновековни икони и архитектонски детали, сите насликани во блескави бои. Исклучок е задната страна на банкнотата од 500 денари со многу изразена претстава на црвен афионов цвет. Неговата интензивна боја отсликува и една неформална национална карактеристика, љубовта кон оваа боја", заклучуваат Хјуит и Анвин.

Еден од заклучоците на нивното истражување е дека една од темите кои се најчесто третирани се духовните претстави, кои се протегаат до назад во историјата, се’ до античките верувања.

"Банкнотата од 10 денари ја содржи претставата на прекрасното мермерно торзо на египетската божица Изида, како мајка на природата, со моќ да ги смири сите бури и да ги излечи сите страдања. Таа е, најверојатно, адекватно божество за банкнотите на земјата што се наоѓа во политички нестабилен регион", оценуваат Хјулите и Анвин.

ДОРИАН Автор на дизајнот на македонските денари е Билјана Унковска, македонска дизајнерка која живее и работи во Словенија. Во нејзината исповед за тоа како го создавала дизајнот на парите, во монографијата по повод дестгодишнината од монетарната независност на Македонија, се присетува дека воопшто и не помислила да се пријави на конкурсот за избор на дизајнерско решение што го прочитала во некогашна Нова Македонија во далечната 1996 година.

"Помислив - баш ќе биде среќен тој што ќе ги прави. Таква можност се појавува можеби еднаш на 100 години", напиша Унковска.

Сепак, како што вели, мислата на Конкурсот два месеца не ја оставила на мир. Се почесто одела во Народната универзитетска библиотека во Љубљана од каде што црпела информации за предизвикот, почнувајќи од македонска читанка за 1 одделение се’ до научни трудови по историја, уметност, археологија и за природните убавини.

"Најдов материјал за 1000 банкноти, но како да одбере што е најубаво за 12", се присетува Унковска.

Го подготвила дизајнот и го испратила до конкурсната комисија во НБРМ. Во периодот додека да се објават резултатите, животот и’ продолжил со нормалниот тек, но мислата постојано и’ била во Скопје.

Едно утро, подготвувајќи го синот Дориан за на училиште го здогледала факсот во кој конкурсната комисија ја известила дека на конкурсот победил трудот под шифрата "Дориан".

Тогаш се отворил нов предизвик - како да го запази дизајнот, а истовремено да се применат и техниките на заштита од фалсификување, но што е тоа спроти возбуда кога ги видела првите табаци што излегле од печатарските преси во Лондон.

Десет години подоцна, запрашана во едно интервју како денес гледа на македонските пари и дали нешто би променила вели дека е задоволна од сработеното.

"Со самиот факт дека сум постара и поискусна нешто би додала, но мотивите и елементите што се на парите сигурно би останале исти, бидејќи тие се некоја вечна убавина, која била пред 2.000 години и ќе биде секогаш".

ПАТ НИЗ МАКЕДОНИЈА Веројатно ќе биде тешко да се најде некој што барем еднаш не воздивнал искрено дека парите се отепувачка, кој не го заклучил тоа гледајќи ги вестите на телевизија, среќавајќи приказни како приказната од драмскиот текст на Ристо Крле, или некој што не ги проколнувал, барајќи начин да ги заработи за да ги задоволи и најелементарните животни потреби. Сепак, зарем не ви се случува понекогаш и да им се восхитите на нивната убавина и на приказните што ги кријат во себе македонските денари. Зарем не сте биле некогаш љубопитни што е тоа што е исковано или насликано на нив, па дури и тоа да биде повод да тргнете на пат и да ги видите оригиналните фигури, статуи, мозаици, икони или фасади што се претставени на банкнотите.


Водени од оваа идеја тргнавме на пат низ просторот и низ времето и најдовме повод одново да ги видиме Музејот на Македонија и црквата Свети Пантелејмон во Скопје, Света Софија и Галеријата на икони во Охрид, црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново, Градскиот музеј и античкиот град Хераклеа Линкестис во Битола и античкиот локалитет Стоби кај Градско. Пробавме и - верувајте, не зажаливме, зашто долго време во нас ќе трепери возбудата од средбите со фреската на Архангел Гаврил во Курбиново, што секојдневно ја гледаме на лицето на педесетденарката, средбата со Керберот од петиљадарката во Хераклеја, фасадата на Григориевата галерија на црквата Света Софија во Охрид или паунот од десетденарката на подот од крстилницата на Епископската базилика во Стоби.


МОНЕТИ ОД 10 И ОД 50 ДЕНАРИ

Народната банка на Македонија ги потврди сознанијата на Форум плус дека наскоро ќе бидат пуштени во оптек монети од 10 и од 50 денари. Како што се наведува во одговорот од Кабинетот на гувернерот, Петар Гошев, новите монети се очекува да бидат пуштени во оптек во првите три месеци од 2008 година.

"Главната предност на употреба на монетите е што нивниот рок на траење е значително поголем во однос на рокот на употреба на банкнотите и со добра употреба би бил практично неограничен. Како резултат на тоа и трошоците за овие апоени се помали во однос на банкнотите", велат во НБРМ.

МЕТРО В ЏЕБ

Покрај тоа што од банкнотите на македонските денари можете многу да научите за културното наследство на Македонија, сте знаеле дека во џебовите носите и практична алатка што може да ви се најде за разни нешта. На пример, дали сте знаеле дека со банкнотата од 10 денари можете лесно да измерите должина 7 или од 14 сантиметри, зависно дали ја користите помалата или поголема страна на правоаголникот.

http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=4726&EditionID=151&Page=1