петок, август 31, 2007

Саркофазите од Карпош 3


Можеби секојдневно поминувате покрај Музејот на град Скопје кај старата железничка станица, но дали сте свесни какви приказни кријат во себе камените споменици што ги одминувате со полни кеси во рацете, додека туркате детска количка по тротоарот или додека се пробивате низ една од трите коловозни ленти?

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографија: Милан СТРЕЗОВСКИ


Сте се помислиле ли некогаш кој се’ чекорел по улиците по кои чекорите додека ги бркате дневните обврски со списоче во џебот, чкрткајќи ги една по една оние што сте ги исполниле. Сте се запрашале ли каде биле некогашните населби и некогашните летниковци и овоштарници. Знаете ли кој бил градоначалник или директор на даночната управа на градот во кој живеете или од каде биле некогашните богаташи и занаетчии, кој ги ограбувал домовите на некогашните скупјани и на кои богови им се молеле?

Можеби за многу од овие прашања немате одговор, но сигурно многупати сте биле на неколку чекори од него, чекорејќи покрај камените споменици пред старата железничка станица, одминувајќи ги загледани во часовникот застанат на “пет и седумнаесет”, зборувајќи на мобилен телефон, чекајќи ред за да се пробиете со вашиот автомобил накај Рамстор или некогашна Нова Македонија.

Но, тоа е убавината на Скопје, секогаш знае да ве изненади, како што не’ изненади збирката од литографски споменици пред Музејот на град Скопје, откако нејзините тајни ни ги откри археологот Ленче Јованова, раководител на античкиот локалитет Скупи, древниот предок на Скопје.

СРЕДБА СО ДРЕВНОТО Одговорот на сиве овие прашања го крие збирката од триесетина камени споменици од градот Скупи, откриени во античкиот локалитет, во подножјето на Зајчев Рид, на 5 км од денешниот центар на градот, но и во другите делови на Скопската котлина кои и тогаш биле периферија на градот и - тоа што најмногу не’ изненади - на местото на некои денешни урбани населби, за кои меѓу скопјани владее мислење дека првпат биле населени по земјотресот во 1963 г. Затоа, нека не ве изненадува бројката од околу 23.000 предмети од градот Скупи, колку што поседува денес Градскиот музеј.

“Спомениците што се изложени пред Музејот на град Скопје се само мал дел од камените споменици што се најдени во Скопскиот регион. Преку нив можеме да направиме хронолошки пресек низ материјалната и духовната култура во римскиот период од I до III век од н.е., а одбрани се ексклузивни, раритетни предмети со голема естетска, материјална, историска и археолошка вредност”, вели кустосот Ленче Јованова.

Пред да ги разгледаме заедно еден по еден, ја замоливме да ни објасни нешто за нивната историја и што се’ можеме да дознаеме од нив. Ни кажа дека ќе видиме споменици кои се разликуваат според намената и поводот поради кој биле подигнати, според материјалот и според статусот на личностите на кои им биле посветени.

ЗА СИРОМАСИ - КАМЕН, ЗА БОГАТИ - МЕРМЕР На кој општествен слој му припаѓал покојникот најлесно ќе познаете по материјалот од кој е изработен надгробниот знак. Најчести се спомениците од травертин, изваден од наоѓалиштата што ги експлоатираат и денешните каменоломи во Скопската котлина, а најчесто бил ископуван од наоѓалиштето кај денешното село Свиларе. Иако во помал број, меѓу нив ќе најдете и надгробни спомениците од мермер, кој според геолошките карактеристики, најверојатно, бил донесен од прилепските наоѓалишта. Мермерот и во тоа време бил поскап и можеле да си го дозволат само побогатите граѓани или градските власти, кога поставувале почесни натписи како благодарност за заслужните граѓани.

НА 5 МИЛЈИ ОД ГОДЕЛ Милијарите, како што ни објасни Јованова, се крајпатни столбови со цилиндрична форма, кои освен што ја покажувале оддалеченоста, претставувале и еден вид почесни натписи кои откриваат кој пат кога бил изграден, кој го изградил, кој император владеел во тоа време и какви биле општествените и економските услови. Еден од неколкуте милијари што се изложени бил откриен во ископувањата кај поранешната кожарница Годел. Од текстот што е испишан на неговата површина дознаваме дека на тоа место поминувал пат што го изградил императорот Марко Аврелиј, а станицата била оддалечена 5 милји од Скупи, или 9 км од Зајчев Рид.

ПРОЗОРЦИ КОН МИНАТОТО Најмногу информации за животот во античко Скупи во себе кријат надгробните споменици. Од нив дознаваме кои биле жителите на градот, нивните имиња, потеклото, занимањето и времето во кое живееле. Некои од нив откриваат и интимни моменти на скупјаните во моментите на загуба, искази на благодарност кон починатиот од наследниците на имотот или благодарност на ослободените робови кон господарот што им ја подарил слободата. Од нив можеме да дознаеме и дали покојниците биле од локално потекло или биле доселеници, дали биле староседелци, романизирани доселеници или имале некое друго потекло.

“Скупи било основано како дедуктивна колонија, што значи дека градот бил основан со населување воени ветерани кои 25 години служеле војска во римските легии. Како награда што и’ служеле на империјата, тие добивале земја во некоја од новооснованите провинции. Во првиот век од нашата ера овој простор бил штотуку освоен, така што заради што побрзо романизирање бил населуван со добро романизирани војници, кои 25 години и’ служеле на војската, главно по потекло од Шпанија и од Италија. Од надгробните споменици го дознаваме нивното потекло, но и какви функции извршувале во градската власт, како заслужни граѓани на империјата”, ни објасни Јованова.

Меѓу највпечатливите споменици се надгробните камења на двајца ветерани од Италската енклава, кои со доселувањето добиле имот со во деловите со најплодното земјиште во котлината, отпремнина во пари и значајни позиции во градот. Едниот од нив е надгробниот споменик на Гајус Семпрониус, за кого од епитафот дознаваме дека бил еден од двајцата градоначалници што истовремено владееле со градот, тогашен модел на владеење, нешто како денешните идеи за управување со врзан потпис. Истовремено, Семпрониус бил и квестор, задолжен за градската каса и за собирање на даноците, нешто како тогашен директор на градската Управа за јавни приходи.

Вниманието ќе ви го привлече и споменикот на Валериус Декстер, кој бил едил - врховен судија, истовремено задолжен да се грижи и за јавниот ред и мир и за хигиената во градот. Возбудата ја прави уште поголема и можноста да го видите и неговиот лик кој е издлабен во камен во горниот дел од споменикот.

Ликот на некогашните скупјани ќе го видите и на другиот крај од поставката, во делот накај трговскиот центар Рамстор. Во аголот на самиот крај можете да ја прочитате приказната за Клаудија Фирмина, дваесетгодишно девојче кое починало оставајќи ја во тага нејзината мајка Клаудија Валерија, која го подигнала споменикот на кој еден до друг се издлабени нивните ликови.
Во овој дел од поставката ќе го видите и единствениот споменик со текст на старогрчки јазик. Јазикот и обликот на споменикот укажуваат дека под него некогаш почивал човек чие потекло било од римските провинции во денешна Грција и во Мала Азија, од каде што најчесто се доселувале занаетчии и ситни трговци кои ги следеле римските легии и се населувале во новоосвоените територии. Под споменикот почивала сопругата на занаетчија од грчките доминиони.

ПРЕСВРТ ВО ИСТОРИЈАТА За значењето на информациите што надгробните споменици ги носат со себе, можеби најдобро говори споменикот на скупјанецот Тимони Даси, кој загинал како заповедник на воена единица кохорта, во битка со племето Костобоки, од римската провинција Дакија, на територијата на денешна Романија.

“Според историските извори, тоа племе се пробивало околу 170 г. од н. е., во времето на императорот Марко Аврелиј. Од овој споменик за првпат дознаваме дека Костобоките во своите походи поминале низ оваа територија и дека некаде во близината на Скупи им се спротивставила официјална римска воена единица. За нив се знае дека се пробиле до Грција, но се’ до откривањето на овој споменик се сметаше дека се пробиле преку денешна Бугарија. Токму овој споменик направи пресврт во тој дел од историјата на овој регион”, ни откри археологот Јованова.

САРКОФАЗИТЕ ОД КАРПОШ 3 Можеби најинтересното сознание од оваа приказна за нас беше податокот дека четирите гробни ковчези веднаш пред влезот во Музејот не биле откриени таму некаде, зад Зајчев Рид, туку во една од најурбаните населби на денешно Скопје, во Карпош 3, во околината на денешниот трговски центар Лептокарија. Затоа, не кажувајте туку-така дека Скопје пред шеесет и трета завршувало кај Рузвелтова, а отаде имало само ниви.


http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=172&EditionID=150&ArticleID=4686&Page=1

петок, август 24, 2007

Џамијата на Султан Мурат


Скопје било еден од трите градови што ја имале привилегијата да добијат султанска џамија во времето на османлискиот император Мурат Втори

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографија: Милан СТРЕЗОВСКИ


Иса-бегова, Мустафа-пашина, Мурат-пашина и Јаја-пашина, Тутунсуз, Дуќанџик, Бурмали... и така со ред. Сигурно знаете дека во Скопје биле изградени многу џамии од времето на османлиите до денес, но дали сте знаеле дека нашата престолнина била меѓу ретките градови што ја имале привилегијата во нив да изгради џамија еден од султаните на Османлиската империја?

Не случајно во набројувањето на скопските џамии ја прескокнавме Султан Муратовата џамија, затоа што нејзиното место меѓу нив е посебно издвоено, и по големината и комплексноста на храмот, и по местото каде што била изградена, и по рангот во кој спаѓа, затоа што била изградена со султанска заповед, под покровителство на Мурат Втори, шестиот султан на Османлиската империја.

Џамијата е подигната во средиштето на некогашниот стар град, на ридот од кој се гледал целиот град, како верски комплекс, составен од храм, верско училиште медреса, народна кујна имарет и прочуената Саат кула, а во кругот на џамијата се сместени и две гробници турбиња, во кои почиваат важни високодостојници од тоа време.

Изградена е во 1436 г., а се претпоставува дека е една од првите џамии што биле изградени во Скопје. Се смета дека денес таа е најстариот муслимански храм меѓу џамиите што можете да ги видите денес во градот.

По својот ранг се разликува од другите затоа што е единствената чиј ктитор бил султан, а султанот Мурат Втори ја изградил во исто време со џамиите Мурадије во Бурса и Уч шерефели џами во Едирне, во периодот на неговото владеење со империјата, од 1421 до 1451 г.

Скопската џамија на Султан Мурат низ историјата се спомнува како Хунќар џамија, што на османско-турски значи царева или султанска џамија, а била позната и како Џами ат'к, со значење стара џамија. Поради блискоста со Саат кулата, луѓето често ја нарекувале и Саат џамија.

УРИВАНА И ОБНОВУВАНА Храмот и околните објекти неколкупати низ историјата биле опустошувани од пожари, земјотреси и војни и повеќепати биле обновувани. Денешниот изглед на џамијата, според историчарите на уметноста, многу се разликува од нејзиниот изглед кога била изградена, но и покрај тоа ја сметаат за џамија со голема историска и архитектонско-урбанистичка вредност. Основа за ваквите тврдења научниците наоѓаат споредувајќи ја грандиозноста на џамиите во Бурса и во Едирне, кои го зачувале автентичниот изглед. Оттука се смета дека џамијата во Скопје во тоа време била една од најубавите џамии во Румелија, европскиот дел на Османлиското Царство.

“На ова укажуваат големите димензи на објектот, начинот на градењето, остатоците од извонредната камена пластика и други елементи”, заклучува историчарката на уметноста Лидија Кумбараџи-Богоевиќ во книгата Османлиски споменици во Скопје.

Главен извор на информации за историјата на џамијата се трите натписи што биле поставени на влезот во храмот по изградбата и по двете обновувања на џамијата. Во нив била запишана речиси целата историја на џамијата.

Најстариот од трите натписи бил поставен веднаш по изградбата. Натписот е испишан на камена плоча, врз која се издлабени три реда стихови во проза на арапски јазик. Историчарите на уметноста што го проучувале оцениле дека, според квалитетот на калиграфијата и според уметничката обработка, тоа е еден од најубавите натписи од XVI век. Од текстот дознаваме дека Старата џамија била изградена во 840 г. (според муслиманскиот календар, а 1436/37 г. според христијанскиот), во времето на султан Мурат Втори, “победоносниот борец за вера, син на Мехмед хан”. Од вториот стих дознаваме дека во 944 (1537/38) г. храмот изгорел до темел, а третиот сведочи за обновувањето на џамијата во 954 (1542) г., кое било извршено по наредба на Кануни султан Сулејман, “сенката Божја на земјата, султан над султаните, Сулејман шах”.

Од вториот натпис дознаваме дека во 1689 г. џамијата изгорела по вторпат, кога австрискиот генерал Пиколомини го запалил Скопје за време на австро-турските војни. По пожарот, од храмот останале само четирите ѕида и дел од минарето, од основата до шерефето (балконот), а се претпоставува дека во оваа катастрофа настрадале и народната кујна, имаретот, и верското училиште, медресата. Светилиштето останало разурнато 23 години, сe` до милоста на султан Ахмет Трети, кој во 1711 или 1712 г. издал наредба џамијата да се поправи. Натписот на оваа камена плоча е најопширен во споредба со другите натписи над влезот на храмот и е напишан на турски јазик.

“Прв ктитор на оваа џамија беше султан Мурат. Во неа нека се држат пет дневни молитви, во петоците петочна, а за двата Бајрама - бајрамска служба. Ова е свето место за муслиманите и затоа нека му е местото во рајот, нека го напои Господ со пријатен мирис султан Мурат.

За време на окупацијата во 1100 (1689) г. неверниците без страв го запалија ова свето место. Останаа само четири ѕида и минаре без ќулаф, само урнатини што ќе ги потсетуваат верниците дека тука секојдневно се држеле пет молитви. За да биде повторно изградено, ова прекрасно светилиште чекаше 23 години разурнато на добротвор што ќе го обнови. Благодетта Господова е голема - стигна наредба од султан Ахмед. Повторно ја изгради и стана нејзиниот втор ктитор. Обновена е убаво, а тоа го потврдија и тие што ја видоа. Нека султан Ахмед биде вечно на престолот, правејќи добри дела. Тој на верниците им донесе голема радост. Затоа, неговото име нека се споменува со благослов. Нека го запаметат муслиманите неговото име и нека го врежат во сеќавањето, како што е врежно на неговите пари”, напишал на плочите авторот кој се потпишал како Сиромав, грешен Алија.

Третиот натпис е поставен на надвратникот. Испишан е на ѕидот со жолто мастило, на турски јазик, а поради слабата техника на испишувањето речиси целосно е избришан и тешко може да се забележи напишаното. Од текстот дознаваме за третото обновување на џамијата, под покровителство на султан Решад, пред неговото доаѓање во Скопје во 1911 г., а годината на обновувањето е пренесена шифрирано преку стихот “Достојна е верата исламска”.

Џамијата не била поштедена ниту од силниот земјотрес на 26 јули 1963 година, кога настрадале двете гробници, медресата, Саат кулата и потпорниот ѕид од западната страна. Храмот претрпел големи оштетувања на тремот, ѕидовите распукале со големи пукнатини, а минарето се урнало од шерефето нагоре. Во годините по земјотресот биле извршени конзерваторски и реставраторски работи, минарето било доградено, а двете турбиња, Саат кулата и потпорниот ѕид биле санирани.

Храмот денес има дрвена покривна конструкција со покрив од ќерамиди на четири води, но историчарите на уметноста сметаат дека таквиот облик џамијата го добила по обновата во XVIII век. Според Лидија Кумбараџи-Богоевиќ, џамијата најпрвин била изградена со купола.

ДУХОВЕН, ОБРАЗОВЕН И ХУМАНИТАРЕН ЦЕНТАР Многуте патописци што поминале низ Скопје не штеделе зборови за да ги запишат впечатоците од тоа што го виделе во неа, инспирирани од социјалниот живот што се одвивал во овој духовен центар во тоа време. Славниот Евлија Челебија, сеќавајќи се на џамијата не пропуштил да ги спомне медреса во која се обучувале тогашните муслимански свештеници и се држела настава по веронаука и имаретот, кој служел како народна кујна за сиромашните. Големо културно богатство било вградено во двете турбиња (гробници). Турбето на Бејхан султан се смета за најголемо во Македонија. Според некои преданија, во гробницата почива ќерка на султанот Сулејман. Турскиот поет, по потекло од Скопје, Јахја Кемал, сметал дека еден од двата мермерни саркофага и’ припаѓал на Бејхан султан, ќерка на султан Бајазит Втори, а во другиот почива нејзиниот сопруг, Гази Хусеин-бег. Од друга страна, историчарката на уметноста Душанка Бојаниќ тврдела дека со сигурност се знае оти станува збор за ќерка на султан Селим Први, која живеела во Скопје со годишен приход од селото Нерези, кое го поседувала како феуд.

МОЛИТВА, ПРОПОВЕД, ПОУКА Ги оставивме историските податоци во бележниците и во работните фајлови и појдовме да видиме каква е џамијата денес. Според договорот, таму не’ пречека имамот Зекирија Бајрами, со кого поразговаравме за денешниот духовен живот во храмот и кој ни објасни кој дел од објектот за што служи, кој се’ е вклучен во молитвите, проповедите и верската поука.

Беше вистинско доживување да се влезе во џамијата што многупати сме ја гледале оддолу, од кај Бит-пазар, секогаш со мислата дека некогаш ќе појдеме да ја видиме одблиску, за да ја допреме мистичноста што сме ја насетиле гледајќи стари фотографии со четирите грандиозни столбови од тремот во кадарот.

“Оваа џамија е од најстарите и најголема џамија во Скопје. Велат дека заедно со мафилот (галеријата) и со тремот, собира околу 2.000 луѓе. Изградена е, ако не грешам, во 1436 г., долга 25 м и широка 25 м. Тука се одржуваат дневните намази (поклонувања), по пет молитви дневно и големите петочни молитви, кога имаме и по половина час предавања со верска поука”, ни кажа оџа Зекирија, додека ги ловевме првите впечатоци од тоа што го видовме во џамијата.

Имамот, како што ни објасни, е тој што ја води молитвата. Тој треба да биде учен и добро да ја владее верата. Оџа Зекирија е имам во Султан Муратовата џамија 28 години, ги води петте дневни молитви, а во петоците, по големата молитва, држи половина час предавања по веронаука.

“На тие предавања на луѓето им се пренесуваат главните пораки на верата - да не пцујат, да не крадат, да не прават лошо - како што поучуваат сите вери. Местото каде што се учи верата е џамијата и од секој верник се бара да доаѓа на намазите и на предавањата”, вели оџа Зекирија.

Бевме љубопитни дали имамот е истиот свештеник што се качува на минарето и ги повикува верниците на молитва.

“Не, тоа е муезинот, што на арапски значи оној што повикува. За муезинот најважни се гласот, дарбата за пеење и да ги знае пеењата. Пред да има микрофони и звучници, муезинот пет пати на ден се качувал на минарето. Кога ќе стигнел горе, на последната скала излегува низ врата што е свртена кон киблето (светиот камен Каба во Мека) и оттаму почнувал да пее околу шерефето (кружниот балкон), за да можат да го чујат луѓето на сите страни. Сега со години никој не се качува на минарето, а муезинот пее од долу, внатре во џамијата, преку микрофон”, ни објасни.

Разгледувајќи наоколу, го видовме и мафилот, галеријата над влезот во храмот.

“Таму се молат жените. За нив има посебно место во џамијата, за да не им го привлекуваат вниманието на мажите за време на молитвата. Верата вели дека и жените треба да доаѓаат во џамија, затоа што таму се учи верата. Каде ќе ја научи верата, ако не доаѓа во џамија, или каде ќе ја научи верата жената-христијанка, ако не оди во црква? За време на молитвата со жените се и женските деца, а машките се молат заедно со татковците”, вели оџа Зекирија.

Додека разговаравме, не можевме, а да не го забележиме големиот стар часовник, испишан со бројки во источен стил и со впечатливо клатно, токму каков што сме го гледале во кабинетите на турските владетели во старите македонски филмови.

“Никој не знае кога бил донесен тука. Ми беше многу интересен уште кога дојдов на служба тука во 1979 г. Се распрашував кај најстарите луѓе што доаѓаа во џамијата, но ни тие не знаеја да ми кажат повеќе, освен дека е многу стар и оти има голема вредност”, ни рече нашиот домаќин.

Внатрешниот простор е поделен на три дела, а трите целини една од друга ги двојат два реда од по три столбови. Дење просторот го осветлува дневна светлина, која се пробива низ прозорците обоени со витраж-техника, а како помошно светло се користат стари лустери и неизбежните неонски светилки. Ѕидовите се елегантно декорирани, а наоколу на височина од околу 5 метри се распоредени имињата на Алах, пророкот Мухамед и калифите што го ширеле исламот по неговото заминување.

Главните елементи на секоја џамија, како што ни објасни имамот, се мимберот, михработ и курсијата.

Мимберот е говорницата од која хатибот (говорник-вероучител) ја кажува верската поука, качен високо за да можат верниците да го слушнат јасно од сите делови на џамијата. Најчесто има форма на мала кула до која, според турската традиција, водат 12 скалила. Мимберот во храмот се подигнува десно од михработ, со кулата свртена кон Каба. Денес и на мимберот се поставени микрофони, а во летните денови не е реткост таму да видите и вентилатор, како што видовме на мимберот во Султан Муратовата џамија

Михработ е местото од каде што имамот ја води службата за време на молитвите. Личи на портал и секогаш е свртен кон светиот камен во Мека. Оттука имамот се поклонува и ги води молитвите.

“Секаде над михработ го има овој натпис, кој кажува за средбата на Мејрем, или Богородица кај христијаните, со пророкот Зеќирија, кој се среќава и во христијанството како Захарија. Натписот раскажува како секогаш кога Зеќирија ќе ја посетел Мејрем во храмот, покрај неа наоѓал храна. Секогаш кога ќе ја прашал од каде и’ е храната, таа му одговарала дека тоа е од Бога и оти Бог им ги исполнува молитвите на оние што ги сака. Тој натпис го има во секоја џамија, над секој михраб, и тоа покажува дека нашите вери и не се така далечни една од друга”, вели оџа Зекирија.

За курсијата ни објасни дека тоа е престолот на кој седи имамот додека држи предавања по веронаука, надвор од верската поука по петочната молитва.

Имавме уште многу да видиме и да прашаме, но решивме нешто да оставиме и за друг пат.

Додека ги облекувавме чевлите на излезот од џамијата, не’ покани повторно да дојдеме.

“Ние треба да бидеме отворени меѓу себе и да се запознаваме. Како што кажува натписот кај михработ, нашите вери се блиски и треба да не’ зближуваат, а не да не’ разделуваат”, не’ испрати имамот Зекирија.




http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=4651&EditionID=149&Page=1

петок, август 17, 2007

Свети Климент - Лесковачки


Господи, прости ми за насловот, но не можам да најдам поинаков израз за да го искажам својот револт од она што годинава им се нуди на туристите во нашата туристичка Мека, македонскиот Ерусалим, Охрид.

Со каков идентитет ги пречека Охрид туристите годинава и што автентично им понудија на гостите луѓето што биле благословени да се родат во градот со 365 цркви, градот на златните маски и торзото на Изида, покрај езерото што настанало кога Билјана заборавила да го затвори капакот на изворот, низ кое незабележано тече река, плива уникатната пастрмка, да живеат во котлината што со дух и со благородни растенија ја облагородил свети Климент Охридски... - колку и да набројуваш, нешто ќе пропуштиш.

Можеби е престрого на ваков начин да се суди за содржината што им се нуди на посетителите, но зарем не е невкусно во место што врие од приказни, кое дури и за секој поголем камен сплело некаква приказна, хотелите, рестораните и плажите да носат имиња како Акапулко, Корали, Немо, Коза Ностра, Дон Вито, Лас Америкас, Кадмо, Куба либре, Каза ди Папа или Ла Гоа. Колку ли не се познаваме или не се почитуваме себеси ако се обидуваме да ги импресионираме гостите со имиња што подражаваат нешто некаде, продавајќи кич, евтина музика, еспресо и празни зборови.

Каков спомен ќе им остане на луѓето што застанале да се фотографираат пред споменикот на свети Климент на градскиот плоштад итајќи што побргу да заминат оттаму поради неподносливиот мирис на чадот од лесковачките скари, распослани по кејот, по улиците или на зеленилото околу на Домот на културата? Многу е веројатно по некоја година, кога ќе се навратат на фотографиите, да речат дека се сликале пред споменикот на свети Климент - Лесковачки.

Таков lapus linguas со името на свети Климент можеби и не ќе беше грев ако плоштадот мирисаше на лескоечко ѓомлезе, наместо на лесковачки роштиљ. И можеби и апетитот ќе ви беше поголем ако наместо: Где си била кад сам био нико, сад си дошла кад сам пост'о неко, од терасите на рестораните ечеше: Во раката меџидија, нишан за Деспина. Ако... повеќе се познававме себеси, ако повеќе го почитувавме тоа што ни го оставиле предците.

Дали имињата Далга, Ј'но, Сараиште, Света Софија, Десарет, Стар чинар, Градиште или Два бисера се помалку привлечни за гостите и влеваат недоверба во квалитетот на храната или пијалаците? Зар нема да им стојат на плажите имиња како Дупнато кајче, Куќарката на дедо Јонче, или Кроток бран?

Ќе му текне ли некому да се сети малку на обичните нешта, на обичните луѓе, да им раскаже нешто за нив на гостите што доаѓаат во Охрид или и натаму ќе пречекуваме шемаџии, кафеџии и свежи туристи, како што Горан Бреговиќ ги опишува ентузијастите што наоѓаат задоволство да одат по галерии и по музеи во неодамнешното интервју за Форум плус.

Неговите зборови ме потсетија на едни стихови на израелскиот поет Јехуда Амихај, во кои ни пренесува бунт на еден ерусалимец против начинот на кој туристичките водичи им го претставуваат неговиот град на стадата туристи од сите страни на светот.

Еднаш седнав на скалите пред портата од кулата Давидова и ги спуштив двете тешки корпи крај мене. Група туристи се беше збрала околу својот водич, па им послужив како точка за ориентација.

“Го гледате човекон со корпите? Малку вдесно од неговата глава ќе видите лак од римско време. Десно, веднаш од главата.”

“Но тој се движи, се движи!!”

Си реков себеси: покајанието ќе им дојде само кога некој ќе им рече: Го гледате онаму оној лак од римско време? Не е важно: веднаш до него, малку влево и подолу, седи еден човек што од пазар си купил овошје и зеленчук.

Кој знае, можеби наскоро ќе чуеме дека и на охриѓани им здодеало од приказната што им се раскажува на туристите што доаѓаат да го видат македонскиот Ерусалим.

Кешке да е така!

http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=4625&EditionID=148&Page=1

Крушево - Ранковце... - Пекинг


Прилепчанецот Миле Стојкоски, кој во 2002 г. изоде 704 км во инвалидска количка за да стигне на отворањето на Олимписките игри во Атина, пред петнаесетина дена, на Илинден, тргна на пат кон Пекинг. На патувањето долго 17.000 км ќе помине низ 31 земја, низ кризни жаришта и екстремно различни климатски услови, со порака за мир и за солидарност на луѓето од светот кон луѓето со хендикеп

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографија: Милан СТРЕЗОВСКИ


“Ништо не е недостижно, ако имаш цврста волја. Се’ е во мислата. Ако решиш да издржиш, ќе издржиш. Решен сум да стигнам на Олимпијадата, ја имам поддршката од семејството и од пријателите и сигурен сум дека ќе го исполнам мојот сон”.

Со ваква верба прилепчанецот Миле Стојкоски во 2002 г. тргна на пат долг 704 км во инвалидска количка од Прилеп до Атина, сакајќи на тој начин да испрати порака за мир и за солидарност на луѓето од светот кон луѓето со хендикеп. Тогаш неговиот сон се оствари, стигна пред вратите на олимпискиот стадион за време на отворањето на Летните олимписки игри, но неговата порака остана неизречена за луѓето на трибините и за неколкуте милијарди телевизиските гледачи низ светот. Но, како што ни раскажа во една неодамнешна средба, наместо да го обесхрабри, искуството од патувањето во Атина за него било уште поголем поттик и отворило нови идеи. Пред петнаесетина дена, на Илинден, тргна на ново патување, од Крушево кон Пекинг, сакајќи повторно да ја испрати истата порака, патувајќи 17.000 км, низ 31 земја, низ кризни жаришта и екстремно различни климатски и теренски услови.

СЛОЖЕН ЗАФАТ Подготовките за патувањето почнале пред две години, кога почнале и кондициските подготовки на Стојкоски.

“Се подготвував речиси две години на различни локации низ Македонија. Во Негорски Бањи и во Струга се подготвував за пустинските температури, каде што вежбав на температури над 35 Целзиусови степени на жежок асфалт и тренирав возење количка по песок. Во кајакарскиот клуб од Струга тренирав веслање кајак, со што активирав посебни мускулни групи на рацете и на горниот дел од телото. На планинските терени се подготвував за ниските температури и угорниците на планинските масиви низ кои ќе поминам, а кондициските тренинзи ги правев на Плетвар. Целиот пат ќе го изодам во количката, на разни теренски услови, поради што носам неколку видови колички кои ќе ми помогнат лесно да се движам по пат, низ планини, низ пустини и по терен каде што нема пат. Ќе поминеме низ Блискиот Исток и Арапскиот Полуостров, Иран, Авганистан, Индија, Сингапур, Малезија, Брунеи, Хонг Конг, Тајван, Јапонија и Јужна Кореја, а планот ми е да пристигнам на олимпискиот стадион во Пекинг во моментот на отворањето на Летните олимписки игри во 2008 г.”, ни раскажа Стојкоски во еден неодамнешен разговор.

Организатор на логистиката за патувањето е хуманитарното здружение Венера од Прилеп, кое е задолжено да го координира тимот и да ги менаџира активностите и ресурсите. Со Стојкоски ќе патува тим од петнаесетина луѓе - лекар, тренер, физиотерапевт, готвач, возачи, снимател.. - кои ќе го следат со неколку возила. Дел од нив, предводени од сликарот Живко Поповски, ќе имаат улога на претходница, која неколку дена однапред ќе го подготвува теренот секаде каде што ќе помине Стојкоски. Претходницата ќе има директна комуникација со Министерството за надворешни работи кое треба да помогне во организацијата околу конзуларните процедури, а поддршка ќе има и од Адвокатската комора на Македонија која ќе обезбеди правна помош преку адвокатските организации секогаш кога тоа ќе биде потребно. Најголема поддршка тимот очекува од Владата на Македонија, од каде што им ветиле финансии, опрема и промотивен материјал за патувањето.

“Навистина станува збор за огромен проект и многу очекувам од ветувањата на Владата, која ја сфати големината на настанот и најави дека ќе ни помогне за патните трошоци”, вели Стојкоски.

Идејата за едно вакво патување, како што вели, се родила во времето додека се закрепнувал од повредите од сообраќајната несреќа што го врзала за инвалидска количка.

“За мене тоа беше пресвртна точка во животот. Тоа е момент кога е лесно да се падне во очај и да се кренат рацете пред судбината, но успеав да се издигнам над тоа, а тоа да го прифатам како нова точка од која продолжува животот, но со едно поинакво секојдневие. Во тие моменти имав повеќе време да размислувам како да продолжам и тогаш во мене се роди мислата времето што го имам на располагање да го користам за подобрување на условите за живот на луѓето со инвалидност и да работам на решавање на нивните потреби. Дружејќи се со нив, во мене се роди и идејата да тргнам на пат кон Атина, за да испратам порака дека животот не завршува со физичката промена. Искуството од Атина за мене беше голема поука и ми даде поттик и идеја за новото патување”, ни раскажа Миле.

МИРОВНА МИСИЈА Патувањето до Пекинг, како што вели Стојкоски, ќе биде добра можност за промовирање на Македонија, за афирмирање на правата на луѓето со хендикеп и за да испрати порака за мир во светот. За време на патувањето планира да се сретне со финансиски моќници и со државни функционери од земјите што ќе ги посети, од кои се надева дека ќе добие поддршка за формирање фонд за помош на луѓето со посебни потреби со кој ќе се финансира изградба на центри за рехабилитација, болници и населби за луѓето со инвалидност.

“Нивната изградба е главниот мотив што ми дава сила и верба дека ќе издржам. Тие објекти треба да послужат за нивна ресоцијализација, за да можат да се најдат во општеството, да го дадат својот придонес и да можат да дејствуваат како сите други. Очекувам патувањето до Пекинг да ни овозможи максимална светска популарност што ќе ја ставиме во служба на каузата на инвалидизираните лица и да поттикнеме изградба на тие капитални објекти. Се надеваме дека по Пекинг полесно ќе можеме да ги отвориме вратите на светските фондации”, ни раскажа Миле.

НЕПОПРАВЛИВ ОПТИМИСТ Неговата решеност и оптимизмот дека ќе истрае ќе ги забележите уште во првите неколку реченици од разговорот со него, по ентузијазмот, ведрината и оптимизмот додека ви ги објаснува неговите замисли и во кратките срдечни средби со многуте познаници и со случајните минувачи што го препознаваат.

Со истиот оптимизам не’ пресретна и пред коперацијата во кривопаланечкото село Мождивњак, каде што не’ пречека на осмиот ден од неговото патување, во кусата пауза на делницата од Ранковце до Крива Паланка.

“Веќе немам душа. Има многу угорници. За среќа, денеска имам покус пат за одење, околу 23 км, но оттука патот е рамен. А и да не е, јас сум непоправлив оптимист, а најголема сила ми дава поддршката од луѓето што ме поздравуваат по патиштата”, накусо ни рече додека се разладуваше со студен сок под стреата на селската продавница, опкружен со мештаните, дојдени да го поздрават или да се фотографираат со него. Тука беше и 12-годишната Елена Давитковска од Кратово, која го придружуваше со инвалидска количка на делницата од Ранковце до Крива Паланка.

За време на неколкуте фото-паузи додека се приближувавме од Скопје кон Мождивњак и самите можевме да видиме дека секаде каде што ќе помине Миле е пречекуван со поздрави и со желби за добар пат. Автомобилите поздравно свиреа, луѓето од автобусите мавтаа, а некои бараа згодно место да застанат, за да можат да се ракуваат и да му подадат некоја дребулија за среќен пат.

Меѓу автомобилите што застанаа, беше и автомобилот на двајца скопјани, кои одвоија минута-две да го поздрават со добар збор и со неколку банкноти за да му се најдат за по пат.

ПЕСНАТА НЕКА СТИГНЕ ВО ПЕКИНГ Ново изненадување беше средбата со просветните советници Венцислав Поповски и Горица Поповска од Бирото за развој на образованието од Штип, кои го здогледале Миле враќајќи се дома од службен пат во Паланка.

“Да ви кажам, се наежив кога ве видов по пат. Ова е за секоја почит. Ве видов и го замолив колегата да се вратиме и да ви подари две книги со песни”, рече Горица Поповска, не можејќи да ја сокрие возбудата во разговорот со Стојкоски додека нејзиниот колега ја пишуваше посветата.

“Во книгите имате по 100 македонски народни песни - да имате да пеете по пат. Македонската песна нека стигне до Пекинг”, му порача авторот пред да се разделат.

НЕИЗВЕСНОСТ И ВОЗБУДА Најтешкиот дел од делницата претстоеше на самиот влез на Крива Паланка. Свесни дека освојувањето на патот дотаму ќе потрае, решивме да појдеме до градот и таму да поразговараме со Ванчо Арсов, кочанчанец кој живее во Скопје, еден од петнаесетината луѓе што ќе го придружуваат Миле до Пекинг. Ни раскажа за неговата одлука да тргне на пат полн со неизвесности и ризици.

“Со години работев во ЕСМ, но решив да заминам зашто не можев да го правам тоа што се бараше од мене, да одам да им ја исклучувам струјата на луѓе што живеат од социјална помош. Со Миле се познаваме неколку месеци и решив да му се придружам веднаш штом ми ја раскажа идејата. Имам и личен мотив да го правам тоа, затоа што и јас сум дете на човек што живеел во инвалидска количка. Ако не успеав нешто да направам за мојот покоен татко, барем да направам нешто за човек што ја има истата судбина. Патувањето нема да биде лесно, зашто ги оставам сами дома сопругата и двата сина, но многу ми значи тоа што ја имам нивната поддршка”, ни ја раскажа неговата приказна, додека зборувавме за патот што им претстои.

Ванчо ни раскажа и за маршрутата по која ќе патуваат.

“Маршрутата не е случајно одбрана. Опфаќа повеќе кризни региони зашто сакаме токму од тие места да апелираме за мир во светот. Предвидено е на секои сто километри Миле да засадува по едно дрво на мирот. На средбите со претставниците на локалните власти ќе побараме поддршка тие места во иднина да бидат заградени како мини-паркови на мирот, со клупа за одмор и спомен-плоча на која ќе биде испишано дека дрвото го засадил Миле Стојкоски од Македонија, за мир во светот и за почитување на правата на луѓето со хендикеп”, ни раскажа Ванчо.

Додека разговаравме, ни довери и една желба што ретко кому ја открил.

“Уште кога чув дека ќе одиме низ Ирак, ми дојде мислата да се обидам да разберам нешто за тројцата кумановци што беа обезглавени од екстремисти пред телевизиски камери. До денес никој не разбра ништо за нив, каде се погребани... Желба ми е, зашто одиме со мировна порака, да го искористам престојот во Ирак, ако можам, да разберам нешто за нив од обичните луѓе што ќе ги среќавам”, ни откри Ванчо.

ШАМПАЊСКО ЗА ДОБАР ПАТ Додека разговаравме во кафеаната Веки, луѓето од тимот ни јавија дека не’ очекуваат да појдеме во фирмата МиА Груп која подготвила пречек за Миле и неговата придружба. Појдовме и се напивме од италијанското шампањско со кое не’ почести паланчанецот Ивица Младенов, директор на фирмата и стар пријател на Миле.

“Нека ти е голема среќата, колку што ти е големо срцето. Добри вести да слушаме”, му порача домаќинот во кусата здравица за добар пат.

Највозбуден меѓу луѓето од тимот беше Цане Ѓорѓиевски, економист од Крива Паланка, кој останал без работа откако фирмата во која работел отишла во стечај. Наместо да седи дома без работа, решил да му се придружи на тимот.

“Јас ќе бидам возач на еден од трите автомобили, ќе се грижам за домаќинлакот и ќе бидам хаусмајстор на патувачкиот дом од автомобили и приколки”, ни рече.

Во мислите ќе му бидат сопругата, која ќе остане во Крива Паланка, и двете ќерки кои живеат во Америка.

“Помалата, откога слушна за идејата, посака таа да оди наместо мене”, ни се довери.

Најмалку расположен за разговор беше Бугаринот Џоро, кој решил да му се придружи на тимот на Миле заедно со неговиот другар од студиите на Американскиот колеџ во Варна, режисерот Златко Костадинов од Скопје, со кого за време на патувањето ќе снимаат документарен филм за патувањето од Крушево до Пекинг.

Се поздравивме, посакавме среќен пат и тргнавме назад кон Скопје. Според планот за патувањето, додека другите членови на тимот ги завршат последните подготовки, а претходницата да го подготви патот низ Бугарија, Миле и другите требаше да останат во Паланка. Границата требаше да ја поминат во неделата напладне. За истиот ден беа планирани утринска молитва во манастирот Св. Јоаким Осоговски, прес-конференција на граничниот премин, збогување со семејствата и засадување на четвртото дрво на мирот.


Пред нив беше пат од околу 17.000 км.

http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=4633&EditionID=148&Page=1