Одвојте време и качете се на скопската Саат-кула. Нема зборови со кои може да се опише чувството додека го гледате градот од горе. Можеби наједноставно го опишал познатиот англиски патописец Едвард Браун, кој рекол дека тоа е најубавата панорама на градот што ја видел
Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографија: Милан СТРЕЗОВСКИ
Не верувам дека има некој што некогаш ја видел скопската Саат-кула оддолу, додека минувате кај Бит-пазар, од Гази Баба кон пластичарите или меѓу МРТВ и Универзитетот Св. Кирил и Методиј. И, верувам дека не сум единствениот кого со години го копкало што не нашол време или повод да појде, да се качи на кулата и да го погледне градот оттаму. Но, честопати некој внатрешен глас ни кажува дека некои работи треба да ги одложуваме с¢ додека повторно тој глас не ни шепне дека дошло времето да се случат. Такво беше и моето искуство со скопската Саат-кула, с¢ до денот кога гласот однатре ми рече: сега е моментот, појди и качи се!ПРВА ВО ОСМАНЛИСКАТА ИМПЕРИЈА Еден од историчарите на уметноста што најмногу истражувале за скопската Саат-кула меѓу нашите современици е претседателот на хуманитарната организација Ел Хилал од Скопје, Бехиџудин Шехапи. Негова специјалност се исламската уметност и архитектура, а најголемите истражувања поврзани со кулата ги направил додека работел во Исламската верска заедница и во периодот кога бил директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата. Пред да појдеме кај кулата, свративме кај него да ни ја раскаже нејзината приказна.
“Точното време на нејзината изградба не се знае, но се претпоставува дека била подигната во времето на Кануни Султан Сулејман или во времето на султан Селим Втори, во периодот меѓу 1566 и 1573 г., на возвишението на некогашниот Горен град, кај денешен Бит-пазар, на платото покрај Султан Муратовата џамија. Часовникот за Саат-кулата и мајсторот што требало да се грижи за неа биле донесени од унгарскиот град Сигет, кој во тоа време бил под османлиска окупација”, ни раскажа Шехапи.Саат-кулите како објекти на исламската профана архитектура имале двојна намена. Секогаш се граделе во непосредна близина на џамиите за да го означуваат времето за молитва, а, истовремено, биле објекти од јавен карактер затоа што секој можел да види и да чуе колку е часот. Скопската е изградена во непосредна близина на Султан Муратовата џамија и, според планот за изградба на џамијата, што се чува во Архивот на музејот Топкапи во Истанбул, е оддалечена на 67 чекори од џамијата. Објаснување зошто била изградена токму покрај таа џамија, ни даде историчарот на уметноста Шехапи.
“Саат-кулите секогаш се граделе кај централната џамија во градот, затоа што таму е најголемата фреквенцијата на луѓе. Не било случајно одбрано местото на Саат-кулата да биде покрај Султан Муратовата џамија. И кулата и џамијата се изградени на возвишението над тогашниот центар на Горниот град. Станува збор за царска џамија, за 4.000 луѓе, со верска гимназија, медреса и два мавзолеја, турбиња”, вели Шехапи.
Архитектонски, кулата е составена од три дела. Првиот дел, каиде, е платформа со квадратна форма, со ѕидови изѕидани од камен, со димензии од 5,5 на 5,5 метри. Вториот дел е со осмоаголна форма и е изѕидан половина од камен, а половина од тули. Третиот дел е во форма на круг и е изграден од тула, на две нивоа. Во долниот дел има галерија, заградена со метална ограда, на двата ката има прозорци, а на врвот завршува со кубе или купола, со форма на турбан. Часовниците биле поставени по еден на четирите страни на светот, на врвот од средниот дел, а механизмот и камбаната биле во двете нивоа под и над галеријата.Првите големи оштетувања кулата ги претрпела во 1689 г. кога австрискиот генерал Пиколомини го запалил Скопје за време на австро-турските војни. Денешниот изглед кулата го добила во XIX век, во 1856 г., кога одново ја изградил мајсторот Хусеин од Дебар.
Последниот османлиски градоначалник на Скопје, Салих Асим-бег, во неговата книга Историја на Скопје и околината запишал дека часовникот повторно почнал да работи во 1902 г. кога бил поправен со делови што биле донесени од Швајцарија.
Но, зошто токму Скопје било одбрано да биде првиот град од Османлиската империја што ќе добие саат-кула?
“Во времето кога била изградена Саат-кулата, Скопје бил град-крстосница, каде што се вкрстувале многу важни патишта од сите четири страни на светот. Бил еден од најпознатите градови во Османлиската империја и долго време го имал статусот на една од метрополите на царството. Токму поради тој статус за негови владетели и бранители биле поставувани најголемите војсководци и најугледните луѓе од османлиското општество”, смета Шехапи.
ЧАСОВНИКОТ ОДЅВОНУВАЛ ДО КУМАНОВО Еден од првите описи на кулата го дава познатиот турски патописец Евлија Челебија, по неговиот престој во Скопје во 1669 г. Во описот што го дава вели дека кулата е веднаш до Хунќар џамија, што на османско-турски јазик значи царева или султанова џамија, а во следните реченици вели дека не видел поубава саат-кула во Османлиската империја.
“Саат-кулата се наоѓа на едно возвишение во Горниот град, во непосредна близина на Хунќар џамија. Кулата е витка и висока, со облик на минаре, а отчукувањето се слуша до градот Куманово, на оддалеченост од еден ден одење. Таа е една од најинтересните градби во Империјата”, запишал прочуениот патописец.За Саат-кулата зборува и познатиот англиски патописец Едвард Браун, кој престојувал на Балканот во XVII век како лекар. Зборувајќи за Скопје, вели дека најубавата панорама на градот ја видел кога се качил на дрвената Саат-кула, со часовник со ѕвоно.
Најдобриот опис на часовникот го дава познатиот османлиски географ од XVII век Хаџи Калфа, познат и како Ќатип Челеби, кој вели дека часовникот ги отчукувал часовите и во источен и во европски стил, ала турка и ала франга.
“Од две страни, саатот ги отчукува ала турка, а часовите се обележани со арапски бројки. Од другите две страни отчукува ала франга, а часовите се обележани со римски бројки. Ѕвонењето се слуша на два часа одење од Скопје, а за часовникот се грижи специјален саатчија”, запишал Хаџи Калфа.
Францускиот патописец Филип Дифрен Кане, кој поминал низ Скопје во 1573 г., во неговите белешки забележал: “Овде има јавен саат кој се слуша во целиот град и кој ги отчукува часовите на француски начин. Го донеле од Сигет во Унгарија, а заедно со него го довеле и неговиот мајстор, кој прима добра плата. И покрај тоа што Турците во голема мера ги сакаат часовниците и многу ги ценат, тоа е единствениот јавен часовник во цела Турција”.
Некои преданија говорат дека градителите на скопската Саат-кула наместо ѕвоно за часовници, поставиле црковна камбана, затоа што сметале дека црковните камбани даваат поголем одек и се слушаат подалеку. Според бугарскиот историчар Јордан Иванов, камбаната била донесена од црквата Св. Никола во Свети Николе. Истиот историчар го пренесува и преданието на ќустендилчани, според кое на почетокот на XIX век, по барање на скопскиот паша, била извршена размена на ѕвоната на скопската и на ќустендилската саат-кула. Така, според Иванов, во Скопје била поставена камбана со потивок звук, која не можела да се чуе во сите делови на градот.
Интересен податок е дека саат-кулите во Османлиската империја почнуваат да се градат најпрвин во западните делови на царството, а подоцна се појавуваат кон исток. Првите биле изградени во Скопје, Приштина, Мостар и во Сараево, а подоцна се градат во Пловдив, Едрене и во Бурса. Кулите биле многу присутни во европската средновековна архитектура и во времето на ренесансата. Имајќи предвид дека покажувањето на времето е многу битно во секојдневниот живот на муслиманот, османлиите почнуваат бран на изградба на саат-кули. Наоѓаат мајстори од Европа и почнуваат да градат. Само во денешна Македонија изградиле 11 саат-кули.
МАГНЕТ ЗА ПОСЕТИТЕЛИ И покрај славната историја, градот и националните институции и’ го свртеле грбот на скопската Саат-кула. Досега имало неколку иницијативи да се обноват часовниците и да се уреди просторот околу неа, но ниедна од нив не се реализирала.“Според критериумите, Саат-кулата е еден од неколкуте маркантни споменици во Скопје, какви што се Камениот мост, црквата Св. Пантелејмон и Мустафа-пашината џамија. Државата малку покажува интересирање, а станува збор за еден од симболите на градот. За споменици од тој ранг, мислам дека треба да се грижи државата, бидејќи станува збор за објект со исклучителна вредност. За такви објекти надлежна е националната институција, а не Градскиот завод или општината. Општина Чаир и градот Скопје немаат толкава моќ да можат да се грижат за еден таков споменик со исклучителна вредност”, оценува Шехапи.
Имало повеќе идеи за тоа како да и’ се врати некогашниот сјај на Саат-кулата. Една од визиите е да се постават нови часовници, кулата да се отвори за туристички посети, просторот да се зазелени и да се украси со цветни алеи, а во подножјето да се направи ориентално кафуле.
“Може да се направи амфитеатар, просторот хортикултурно да се оплемени, да се уреди оградата на џамијата, да се стави механизам за да проработи часовникот, а кулата повторно да стане еден од симболите на градот, кој ќе биде обележан на мапите и ќе ги привлекува туристите да дојдат да видат едно место со извонредна глетка на стариот град, старо Скопје. Таква убава платформа, такво возвишение е неверојатно репрезентативно место”, вели Шехапи.
ПТИЧЈА ПЕРСПЕКТИВА Го испивме турскиот чај со кој не’ послужи во неговата канцеларија кај црквата Св. Спас, му се заблагодаривме и тргнавме кон Султан Муратовата џамија. Според договореното, таму требаше да не’ пречека имамот Зекирија Бајрами. Одејќи натаму со колешката Мери Бакалова и фоторепортерот Милан Стрезовски, заклучивме дека сите чувствуваме голема возбуда зашто се приближуваме до кулата што со години не’ повикувала, но никогаш не сме нашле прилика да и` се приближиме.

“Триесет и четири години го чекам овој ден”, му се доверив на имамот Зекирија, кој срдечно нe’ пречека на влезот на Султан Муратовата џамија, на неколку метри од подножјето на Саат-кулата. Не можев да ја сокријам возбудата, гледајќи колку убаво место за починка имало во градот во кој живеам од раѓање, а го откривам дури во третата деценија од животот. Но, зарем не е убаво чувството дека живеете во град кој секогаш има нешто со што пријатно ќе ве изненади?
“Би било убаво да се врати саатот, да се врати изгледот на кулата како некогаш”, ни рече имамот во кусиот разговор на една од клупите, во паузата меѓу големиот петочен намаз и попладневната молитва. Ни раскажа дека не ја памети кулата од времето кога на неа биле часовниците, но оти би бил многу среќен да чуе како повторно го отчукува времето.
“Се распрашував во Швајцарија, најдов часовник што се управува компјутерски, но заедно со монтажата чинеше околу 25.000 швајцарски франци, што се многу пари. Ни требаше долго време да собереме пари само за да ги обновиме тоалетите во дворот на џамијата. Тешко се наоѓаат пари”, ни рече оџа Зекирија.
Пред да тргне да го повика човекот со клучот, уште еднаш нe` препраша дали сме сигурни дека сакаме да се качиме горе, укажувајќи ни дека качувањето е напорно и оти следниот ден ќе не’ болат нозете. Но, набрзо се увери дека ни на крај памет не ни беше да се откажеме, не’ почести со студен сок и го повика неговиот помошник, чичко Лиман Исмаили од Никиштани, кој ги води молитвите од сабота до четврток и е водич на посетителите во кулата. Кај него е клучот. Отклучи и влеговме.Не може да се опише возбудата кога ќе влезете во мистериозното здание, а првиот впечаток што ни дојде кога погледнавме нагоре беше дека и некаде во Скопје имало скали како скалите од обвивката на црвениот и синиот албум на Битлси.
“Ќе можат ли да не’ издржат скаливе?”, праша нашиот фоторепортер со недоверба.
“Гајле немај. Неодамна дојдоа 20 луѓе од Истанбул, сите од по 100 кила - немај гајле”, не’ охрабруваше дедо Лиман, давајќи инструкции: “Внимавај овде да не си ја чукнеш главата - греда!”, или: “Внимавај да не се сопнеш!”.
Додека се качувавме, ни раскажа дека пред некоја година во кулата се качиле роднини на Тони Блери, ни раскажуваше податоци од историјата на џамијата и на кулата - како вистински професионален туристички водич.
“Овде биле часовниците - по еден на исток, на запад, на север и на југ. Тука била машината. Еве, само ова останало. Тогаш немало вакви”, ни раскажа покажувајќи го часовникот на раката.Разговорот накусо ни го прекина рингтонот со мелодијата од цртаниот филм Густав. Знаев дека е другар ми Виктор.
“Нема да веруваш кај сум... На Саат-кулата! Така испадна, немав време да те викнам...”, почнав да се правдам и го замолив да се чуеме подоцна. Не сакав да пропуштам нешто и итав час поскоро да ја видам панорамата..
Стигнувањето на местото каде што некогаш стоел механизмот најави дека пристигнуваме во галеријата за набљудување...И, како да се опише неверојатната глетка што ја нуди бело-портокаловата кула? Да имаше зборови, веќе ќе ги кажел патописецот Едвард Браун, кој некогаш запишал дека тоа е најубавата панорама на градот што ја видел. Наместо да ви пренесуваме впечатоци, тоа нека го сторат фотографиите. Нека бидат јадица и вие да појдете.
А, дедо Лиман е тука да ви покаже која населба каде се наоѓа, каде е некое село, каде е Чифте амам, Даут-пашин амам, Мустафа-пашина, Мурат-пашина, Алаџа или Балабан џамија, црквата Св. Димитрија, МНТ или Театарот на народностите.http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=4558&EditionID=146&Page=1







