вторник, ноември 06, 2007

ТВ Дневник

Ви се случува ли, почитувани, да се фатите себеси во дијалог со телевизорот, да се сепнете сфаќајќи дека сте почнале да разговарате со кутијата? Ви се случува ли да помислите дека сте станале како соседите на Минка во Топ листа надреалиста, во моментите кога ќе забележите дека му одговарате на новинарот, на водителот на вестите, на политичарот, на портпаролот или на лекарот што се појавува во вестите?


Сигурно ви паѓа полесно кога споделувајќи ја маката со пријателите ќе сфатите дека не сте единствените кои неконтролирано изустуваат жестоки зборови додека ги гледаат вестите, не можејќи да премолчите кога некој се обидува да ви ја потцени меморијата, да ви го потцени интелектот, сакајќи како вистина и факти да ви протури тези, тонирани информации или порачани мислења што треба да ги одбранат неговите интереси.


Но, признајте, и покрај тоа тешко ви оди да се откажете од дневната доза информативна шоу програма, како што ви е тешко да се откажете од цигарите, чоколадото или од пивото, иако знаете дека не се баш добри за здравјето.
Би можеле ли да си дозволите денот да ви помине без музиките од најавните шпици, без насловите за вооружен напад, без ставот на евроамбасадорот за најновиот хит-проблем во општеството, да останете без информација дали денеска претседателот и премирот се смириле или повторно се скарале.. Невозможно!


Поразговарајте со пријателите за вашата зависност и ќе видите дека речиси сите се редовни гледачи, но и дека се ретки тие што не си направиле своја приватна анализа за содржините во вестите, за начинот на презентирање, за скриените коментари во прилозите, па дури и за клишеата што ги употребуваат снимателите и монтажерите. Ќе ви кажат дека забележале дека водителите ќе го подзабават говорот кога сакаат да бидат поубедливи, дека ги поткреваат веѓите кога сакаат да ви остават впечаток дека се искрени.


Обидете се да ги тестирате. На пример, прашајте ги кој ТВ Дневник најмногу ги потсетува на Адамсови, која телевизија има насекирани водители, во колку часот почнува дневникот чии водители најдобро глумат или - со кои вести си плакнат очи?


Ќе бидете изненадени колку слични им се одговорите, како што ќе бидете изненадени дека сите го знаат црниот мерцедес што претекнува автобус на белградски ГСП преку двојна полна линија од прилозите за политичките актуелности во Србија. Не запирајте со восхитувањето кога ќе ви кажат дека Ургентниот центар во Скопје секогаш се илустрира со бавено движење на камерата од лево кон десно. Распрашајте ги и уште еднаш ќе сфатите дека се толкави мајстори на анализата, што веќе забележале дека во прилозите за актуелностите од банкарството камерата шпарта по просторот околу Народната банка - час прави швенк одлево надесно, час тилт од тротоарот кон врвот на зградата или.. се’ додека текстот бара некаква илустрација.


Но, многу од нив ќе ви кажат дека вестите ги гледаат и како еден вид забава, обично ако програмата е пуштена по избор на друг член од семејството, кому му дошол редот тој да го земе далечинското. Некои имаат пасија да си пишуваат цртки и да прават топ листи кој водител колку пати вметнал медитативно "а" меѓу секоја следна секвенца од текстот. Некои бројат колку пати водителот ќе погледне во рачниот часовник, или нестрпливо чекаат да видат каква инвентивност во составувањето реченици ќе покажат денеска новинарите од спортската редакција. Поамбициозните одат до таму што си фаќаат белешки и овековечиле некои такви бисери. На пример, забележале дека фиљан фудбалер го постигнал единствениот гол за Римјаните, а фиљан од спротивниот табор за време на судиското продолжение ставил печат на трите бода за Кралевите. Но, би можело да биде и полошо, ако натпреварот, одигран на стадионот кај не знам кој парк, завршел со најнепопуларниот резултат - 0:0, што, не дај Боже, можело да ги чини пад од не знам колку места на листата.


Па и не било така лошо да гледаш вести. Погледнете ги од светлата страна на животот. Би било штета да ја пропуштите изјавата на гувернерот Арнолд Шварценегер дека е беспомошен да се справи со пожарите во јужна Калифорнија, па да промрчите - каде е сега Терминатор, каде е Конан?

0 comments: