Дали сте и вие од оние што се уверени дека козјото млеко има тежок мирис, дека никогаш не би пробале козјо сирење. Појдете во скопското село Таор и разуверете се. Пробајте ги сирењата на козарот од Таор. Таков деликатес не се пропушта.
Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан Стрезовски
Сигурно сте слушале од постарите членови на семејството за заговорот на Тито против се’ што носело брада, за тоа како по 1948 година настрадале и козите и свештениците. Сигурно сте се изнаслушале муабети дека козјото млеко мириса, дека ако пробате козјо сирење се осеќа дека не е овчо, за козјите патеки или дека козите се штетни за шумите, па затоа Тито ги забранил, а многумина од вас сигурно слушнале и за козарот од скопското село Таор, кој решил да му се посвети на козарството откако видел дека кога тогаш ќе стане стечаен работник. Сакајќи да добиеме одговор на овие прашања решивме да појдеме во Таор и да прашаме кај козарот со најголемо стадо кози во Македонија.
„Добро е што сте решиле да пишувате за козите, затоа што денешниве деца, како што ми рече еден наставник, не знаат како да нацртаат коза на училиште зашто никогаш не виделе кози. Тоа кажува и колку е нашата држава свесна колкав потенцијал лежи во козарството, иако козите се најисплатливи за одгледување - најмалку бараат, а најмногу даваат“, ни рече за добредојде Слободан Симоновски, сопственик на козарската фарма Таорска клисура од скопското село Таор.САКАА ДА ГИ УНИШТАТ СЕЛАТА
Слободан не е првиот козар во неговото семејство. Кози одгледувал и неговиот дедо, се’ до 1948 година, кога, според некои - со указ на Јосип Броз - Тито, според други - со указ на Лазар Колишевски, било забрането одгледувањето кози во Македонија. Зошто било тоа така, што била целта на таа одлука?
„Сакаа да го уништат селото и најлесно им беше тоа да го направат со забрана за чување кози. Козата најмалку бара, а најмногу дава. Не се рекло напразно дека козата е крава на сиромашните. Но, на стариот систем му одговарало да ги уништи селата, а селаните да ги стави во затвори како тогашните индустриски гиганти. Од селанец со имот и со стока станав водоинсталатер во Хемтекс и зависев од државната плата. Зошто никој не ги забрани козите во Хрватска и во Словенија? Но и тоа помина со указот што го донесоа поранешните македонски функционери Јездимир Богдански и Вулнет Старова, со кој повторно дозволија да се одгледуваат кози во Македонија, но со многу построги услови“, вели Слободан.НЕМА КОЈ ДА ЧУВА КОЗИ
Сега кога може да одгледува кози, вели дека не може да најде човек што ќе ги изнесува козите на пасење. Во бизнисот е вклучено целото семејство - сопругата, двата сина и ќерката, но не може да најде некој што ќе му ги пасе козите.„Ќе дојде некое дете, ќе поработи, но брзо се откажуваат. Велат дека не се будали да пасат кози кога можат истото да го заработат продавајќи по отпадите украдени капаци од шахти“, ни раскажа.
Освен што е поисплатливо и поедноставно да се работи со помало стадо, тоа е уште една причина зошто решил стадото да го намали од 200 на 120 кози.
„Многу е поисплатливо, затоа што со помало стадо ќе можам да произведувам доволно сточна храна за козите и ќе можам да ги одгледувам во затворен систем, без да ги изнесувам на пасење. Така работат секаде низ светов - чуваат од 25 до 60 кози. Но и за тоа е потребно да се школуваш, затоа не пропуштам прилика да одам некаде каде што можам нешто да научам“, вели Слободан.
КОЗЈОТО МЛЕКО НЕМА МИРИС
Додека разговаравме имавме прилика да пробаме две-три сорти од сирењето што му останало до следната сезона, која ќе почне во јануари откако ќе се окозат скозните алпинки и сански кози. Бевме љубопитни за фамата што го бие козјото млеко, дека има специфичен, тежок мирис, дека не може секој да го јаде..„Не е вистина дека козјото млеко или дека козјото сирење мирисаат. Козјото млеко е единственото што нема мирис, ако знаеш што треба да правиш со него. Нормално дека ќе има мирис ако ја молзеш козата веднаш откако јадела храна што го смирисува млекото. И за тоа има решение - само треба да го одложиш молзењето за неколку часа. Тоа се учи, но на нашите одгледувачи не им се учи. Јас тука ја гледам шансата и затоа не пропуштам обука. Сум одел кај козари во Америка, во Германија и во Грција, козари од странство доаѓале кај мене да учиме - јас од нив, тие од
мене. Се’ си има мајсторија. Има техники на пастеризирањ кои не ги уништуваат корисните бактерии, млекото ќе биде здраво и чисто само ако го преработуваш во затворен процес. Во ниту еден момент не се остава на отворено - од молзење до пастеризирање. За се’ има наука. Не пропуштив обука и одговорно ви велам - во моментов во Македонија јас сум Никола Тесла за одгледување кози“, горделиво ни рече Слободан.ЈУСТИН, ЈУСТИНИЈАН, ТЕОДОРА
Можеби ќе го земевме со резерва тоа што ни го рече Слободан за себе, ако за истото не ни посведочеа бројните дипломи, пофалници и сертификати што ги освоил на саемските манифестации Агрофуд, или што му ги доделиле светски организации за развој на сточарството. А, ако и тоа го земевме со резерва, сирењето го кажува своето. Тука дојдовме и до прашањето за необичните имиња на производите од фармата на семејството Симоновски - сирења и кашкавали Јустинијан, Јустин, Теодора..
„Сигурно знаете, во Таор се родени многу важни историски личности, а најголемиот меѓу нив е византискиот цар Јустинијан Втори. Сакајќи да укажеме на богатата традиција на Таор, решивме на дел од нашите сирења да им дадеме имиња по Јустинијан Втори, неговата сопруга, царица Теодора и неговиот чичко Јустин Први. Заедно со археолошките ископувања што почнаа во Таор пред неколку години, тоа може да биде и добра нитка за развој на селски туризам“, вели Симоновски.
Од осумдесеттите години, кога почнал да се занимава со козарството, Слободан во неговата фарма произведува повеќе од 30 видови сирење и кашкавал од козјо млеко. Вели дека има многу понуди за продажба на големи количини, но засега не може да одговори на барањата.„Многу од странските амбасадори ми се и лични пријатели. Многу им се допадна сирењето и многу често се тука. Преку нив добивам разни понуди за соработка со странски партнери, но засега не можам да им испорачувам толкави количини колку што бараат“, ни рече на испраќање.
Тој побрза да ги изнесе козите, а ние побрзаваме да ги видиме ископините над Таор.

http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&EditionID=160&ArticleID=4992&Page=1
0 comments:
Post a Comment