среда, октомври 10, 2007

Винари од памтивек


Црно тиквешко, неготинска жолта, куќи ѕидани од кал и од вино - сте помислиле ли кога и како почнало сето тоа?

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографија: Милан СТРЕЗОВСКИ


Не е ништо ново да се каже дека грозјето и виното се првото нешто што ни доаѓа пред очи кога ќе помислиме на Тиквеш, на Кавадарци, на Неготино или на Демир Капија, но дали сте помислиле кога и како почнало сето тоа, кои биле првите лозари од тој крај, зошто и како почнале тиквешани да ја одгледваат виновата лоза. Сакајќи да најдеме одговор на оваа загатка тргнавме на пат за Тиквеш.

ДИОНИС И БАХУС Каде да почне трагањето по овие одговори ако не од археолошкиот локалитет Стоби, на местото на најстариот град во тиквешкиот регион, сместен на утоката на Еригон во Аксион, на денешна Црна Река во Вардар.

"На вистинската трага сте. Винарството во Тиквеш постоело од памтивек, уште во времето на свеченостите во чест на богот Дионис и од времето на баханалиите, кога се луѓето од Стоби одржувале свечености во чест на богот на виното, Бахус", не’ охрабри археологот Стефан Данев, управник на локалитетот, пред да не’ препушти на кустосот Методија Ѓуровски.

Во петнаесетте минути, колку што беше слободен пред да замине на состанок, Ѓуровски не’ однесе во депото со камени спомеици, лапидариумот, да го фотографираме мермерниот фрагмент од споменик од 5 век со претстава на пехар за вино и два грозда и накусо ни објасни како да ги најдеме другите артефакти што укажуваат кога и каде почнало лозарството во Тиквешијата.

Пред да се разделиме, ни покажа уште еден доказ, рељеф со гроздови издлабен на камено седиште во Северната базилика, од 5 и 6 век. Таму ни објасни дека лозарството многу било присутно и во претхристијанскиот период, но оти неговиот развој се зголемил со појавата на христијанството и причестувањето, поврзано со христовите зборови "Пијте вино, тоа е мојата крв".

"Само една работа да знаете. Македонците и Грците различно го пиеле виното. Грците го мешале со вода, Македонците го пиеле чисто - многу работи го кажуваат тоа, но за тоа ќе ви кажам следниот пат", ни рече Ѓуровски.

Штета, но овој пат не можевме да ги видиме гроздовите на мозаикот во Перистерината палата, за кои ни рекоа дека блескаат како да се изработени од стакло. Во моментов таму се вршат нови ископувања, под површината на мозаикот, па затоа композицијата била тргната на страна, превртена наопаку заради заштита.

Но, ако решите да појдете по трагата на грозјето, достојна утеха ќе ви бидат камените споменици кај полукружниот плоштад до Епископската базилика. Таму ќе најдете мермерен постамент за споменик, врз чии страници се изгравирани три птици, со гроздови и лозови гранчиња.

ПЛАЌАЛЕ СО ВИНО Решивме да продолжиме кон Кавадарци, во градскиот Музеј. Според договорот таму не’ чекаше Петре Камчевски, директор на Музејот, автор на монографијата Лозарството и винарството во Тиквешијата низ историјата.

"Такви докази ќе најдете на многу локалитети во Тиквешкиот регион, но голем дел и најубавите од нив биле однесени во националните музеи во Белград и во Софија, во времето на Балканските и Првата светска војна. Само во периодот 1924-25 г. во Белград биле однесени околу 20 капители од локалитетот Еударис (или Девол, како што се нарекува од средниот век наваму), антички град кај денешното село Дреново", ни рече Камчевски.

Од него дознавме дека во времето на античка Грција и стара Македонија секоја година два пати годишно се одржувале Дионисови денови во чест на виното и во чест на грозјето. Тоа биле големите и малите Дионисии, на кои, заедно со славењето, се пишувало и се читало поезија во чест на виното и грозјето .Подоцна во времето на Римската империја се одржувале Баханалии, се’ до вториот век, кога биле забранети откако луѓето почнале масовно да се опиваат и да прават нереди за време на славењето во чест на богот Бахус.

Еден од најважните археолошки наоди што сведочат за долгата традиција на винарството во Тиквеш е Бабино корито, камен сад во близина на локалитетот Белград, најпознатиот локалитет и лозарско-винарски предел во тиквешкиот крај.

"Луѓето што живееле во античкиот период во тој крај вдлабиле камено корито за гмечење на грозјето во огромна карпа. Во горниот дел карпата е рамна површина и таму исклесале корито со две дна, со димензии од 2,5 на 2 метра. Луѓето од тој крај имале голем пиетет кон виновата лоза. Толку многу произведувале вино и толку голема била цената на виното, што го користеле како платежно средство, со кое го плаќале данокот. Од друга страна, виното било пијалок на сите сталежи - го пиеле и богатите и сиромасите, и робовите и слободните граѓани", ни раскажа Камчевски.

ВИНАРИ БЕЛОГРАЃАНИ Плаќањето со вино не беше едниственото што ни го насочи разговорот кон народната песна Билјана платно белеше. Од Камчевски научивме дека сме биле во заблуда кога сме мислеле дека винарите белограѓани од песната биле од градот-метропола Белград, во соседна Србија. Како што ни кажа, Белград е најпознатиот локалитет и лозарско-винарски предел во тиквешкиот крај. Луѓето од тој крај одгледувале винова лоза уште во античкиот период, за што сведочи Бабиното корито.

Лозарството непрекинато се развивало и низ средниот век. Охридскиот архиепископ Теофилакт во запишал дека во 9 и 10 век, црквите и манастирите имале огромни виници, биле најзначајните центри за производство на грозје и вино лоза, а игумените, како најголема тајна ја чувале формулата за приготвување виното.

Голем развој лозарството постигнало во 14 век со донесувањето на Которскиот кодик, законик во кој многу прецизно било одредено како треба да се одгледува виновата лоза, почнувајќи од садењето и времето за ѓубрење, до растојанието меѓу лозниците и берењето. Развојот на лозарството бил прекинат со доаѓањето на Османлиите на крајот на 14 век. Тогаш значително се намалува производството на грозје, иако Коранот забранувал само употреба на алкохолни пијалаци, но не и производство на грозје. Од друга страна, Турците биле големи љубители на слатки работи, така што од малоазиските колонии на империјата донеле нови сорти десертно грозје, како афусали, чафкариче, чауш и сири чибук. Според пописите на Ќустендилскиот санџак, под кој спаѓале и тиквешките населби, речиси немало место во Тиквешијата каде што не се одгледувало грозје и во кое луѓето не плаќале данок на шира, ушур.

КУЌИ ОД ВИНО И КАЛ Многу патеписци пишувале за лозарството во тиквешкиот регион, а еден од најподатливите е записот на спрскиот антропограф Јован Цвејиќ. Тој забележал дека во средината на 19 век само градот Кавадарци во родна година произведувал до 2 милиона оки грозје.


"Тоа било огромна количина. Луѓето не знаеле што да прават со виното и со грозјето. Имало толку родни години, што луѓето го мешале виното што останувало непродадено со глина и правеле плитари од кои граделе куќи. За тиквешкото вино се велело дека е толку густо и квалитетно што може да се носи и во крпа, или, во шарвета, како што се вели во Тиквешијата", ни објасни директорот на Музејот во Кавадраци.

По пуштањето во употреба на железничката пруга Белград-Скопје-Солун, во 1874 г. почнува масовен извоз на виното и грозјето во Србија и се формираат првите големи семејни визби.

Меѓу нив најпрочуена е винаријата Тиквеш, основана од кавадарчанецот Александар Велков во 1885 г. Во визбата на Велкови се произведувале огромни количини врвни црно и бело вино, ракии и ликери, за што имале големо признание од солунска визба Метакса од Солун, со која имале голема размена на пијалаци.

Се појавиле и други фамилии што произведувале големи количини грозје и вино, но целиот развој наеднаш бил прекинат во времето по Балканските војни и по Првата светска војна, кога се појавувила болеста филоксера, или рак на виновата лоза, како што ја нарекуваат тиквешани. Потребни биле десетина години планско обновување на лозовите насади за да може оваа традиција да го продолжи својот пат. Но, само што зачекорило во новиот живот, лозарството повторно било пред ново искушение - национализацијата и основањето на големите винарски гиганти, врз темелите и со опремата на некогашните семејни винарии.

ВЕЛКОВИ Таму каде што застанале неговите претци, основачи на некогашната семејна винарија Тиквеш, продолжил кавадарчанецот Коле Велков, кој денес како шумарски инженер во пензија го следи аманетот на неговиот прадедо (Александар) Сандо Велков. Во подрумите на семејната винарија, од која подоцна бил формиран комбинатот-гигант Тиквеш, ни ги раскажа основните работи што треба да ги знае секој што сака да се занимава со винарството.


"Виното не трпи хемикалии. Се лаже секој оној што ќе помисли дека со хемикалии ќе го подобри квалитетот на виното. Виното е сунгер и затоа не смее да има ништо друго во просторијата каде што стојат бочвите со вино. Виното има свој јазик и треба да знаеш да го слушаш - буквално, со увото врз бочвата. Тоа ќе ти каже кога што треба да направиш - кога да го пресечеш, кога да го преточиш.. Црвено вино секој може да направи - белото е мајторл'к. Основно нешто за квалитетно вино е - користи чисти садови", ни откри дел од семејните винарски тајни Коле Велков.

За среќен пат не’ испрати со чаша годинашна кратошија. Тоа мора да се проба. Вкусот, бојата и густината на лекот, како што го нарекуваат Велкови, долго се паметат.

http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=172&EditionID=156&ArticleID=4852&Page=1

0 comments: