понеделник, септември 17, 2007

Ни на небо, ни на земја


Како се живее на највисоките катови на скопските висококатници. Што им е на тие луѓе нормален пејзаж низ прозорецот. Се чувствуват ли далеку од земјата, од луѓето, од животот на градот. Нивниот одговор најчесто е "стан како стан, се’ едно ми е дали сум на 5-ти или на 15-ти кат".

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографија: Милан СТРЕЗОВСКИ


Сигурно веќе ви е нормално околу себе да гледате згради што имаат 10, 15 или повеќе катови. Сигурно веќе се’ поретко погледнувате нагоре кога поминувате покрај зградите на МРТ, на поранешна Нова Македонија, покрај кулите со фасадна цигла во Капиштец, трите воени кули во Стар Аеродром, покрај Трите убавици во скопски Карпош 4, но зарем не останала во вас загатката како е да се живее таму, на врвот на градот, на 15-тиот кат во "црната кула" во Кисела Вода, на 12-ти кат во кулите од Градски ѕид, во Ново Лисиче или во некоја од трите кули во населба Железара. Одговорот ќе го дознаете ако некогаш решите да живеете во некоја од нив, а дотогаш за чувството нека ви раскаже некој од вашите познаници што веќе живеат на високо.

БЛИСКУ ДО НЕБОТО Обиколката на скопските облакодери ја почнавме во Карпош 4, кај трите кули до Мостот Обединети нации. На 15-тиот кат во едната од нив, зграда со 17 ката, живее охриѓанецот Веле Таневски. Тука се доселил пред 8 години, кога се запишал на студиите по енергетика на Електротехничкиот факултет. Пред тоа живеел во ниска куќа во Охрид.

"Баравме да купиме стан за да не морам да плаќам кирија додека студирам. Разгледавме два-три стана, но, престанавме да бараме други кога го видов овој. Решив да го земеме овој стан и не би го менувал за друг", ни раскажа Веле.

Вели дека ништо не му менува тоа што живее на 15-ти кат и оти најважно му е што станот е квалитетен и комотен.

"Навистина ми е се’ едно што сум 15-ти кат. Стан како стан. Најважно ми е што просторот е добро ортанизиран и има добар распоред, а и населбата е добро организирана. Тоа ми е најважно. Меѓу луѓето владее мислење дека често се расипуваат лифтовите, па поради тоа треба да се качувам 15 ката по скали, но во 8 години, колку што сум овде, можеби ми се случило само 5 пати да не работи лифтот. Некои се плашат од земјотреси, па понекогаш ќе се јави некој да праша дали сум почувстувал земјотрес, а јас првпат да слушнам од нив дека имало земотрес", раскажува Веле.

Од друга страна, како што вели, му се допаѓа што живее на високо зашто таму е потивко, далеку од вревата над асфалтот, но и поради убавиот поглед низ прозорците.

"Имаме убава глетка, со поглед накај Вардар, Влае и Матка, па имам обичај да се напијам кафе на балконот и да разгледувам наоколу, да уживам во панорамата, гледајќи го градот, птиците, улиците. Наоколу често се бркаат соколи и јастреби, а одвреме навреме ќе дојдат гугутки на балкон, па им фрлам торшки и ги хранам. Има луѓе што се плашат кога треба првпат да ми дојдат на гости, но бргу се навикнуваат на висината и не можат да се одделат од глетката што ја нуди балконот", ни раскажа Веле, кој ни призна дека станот би го сменил само за поголем стан, кога ќе дојде редот да формира семејство.

УБАВИНА И СКРИЕН СТРАВ На 11-тиот кат во соседната зграда живеат актерот Ѓорѓи Тодоровски - Трупче, естрадната пејачка Росана Сариќ Тодоровска и нивната ќерка Ивана. Во станот живеат 18 години. И Ѓорѓи и Росана пред да се доселат таму живееле на ниски катови, но брзо се навикнале на живењето на високо, а на Ивана тоа и’ е првиот дом, уште од раѓањето и за неа нема ништо необично во тоа што живее на 11-тиот кат.

"Самото чувство во станот е исто и на 1-ви и на 11 кат. Самото живеење е исто и на 50-ти и на 1-ви кат, барем така е во добро организирани земји. Кај нас разликата е што на највисоките катови не функционира ништо. Во нашата зграда имаше голем пожар и тогаш не беа доволни храброста и пожртвуваноста на пожарникарите, затоа што цревата за гаснење не беа доволно долги и не дофрлуваа повисоко од 5-ти кат, а противпожарните возила не можеа да се приближат до зградите од паркирани возила и од узурпиран простор околу дуќаните. Сум живеел во Канада и имам братучед кој живее на 36-ти кат, но таму се’ функционира. Нема од што да се плашиш, не може да се случи да нема вода, да нема струја, да не работи лифтот, да нема противпожарни скали, да не работат хидрантите или да нема сензори за чад. Поради тоа, и покрај убавите работи, секогаш во вас има доза на страв, особено ако сте родител", ни раскажа Ѓорѓи.

Но, сепак, како што вели, вискокиот кат знае да биде и предност, како што биле убавините што ги забележал уште со првото будење во станот.

"Се будиш ни на небо, ни на земја, немаш хоризонт, гледаш птици, гледаш небо, а за да видиш што се случува на улица треба да се наведнеш. Имаш мир, не мораш да ставаш завеси или ролетни, имаш комоција, зашто никој не те гледа. Самото чувство е убаво - ги гледаш авионите на дофат, со дедо Господ си на Добро утро! Кога се доселивме, кај Росана имаше мал страв, малку беше стегната кога излегуваше на балкон, а и денес се нема целосно ослободено од тој страв. На Ивана ова и’ е прв дом и нејзе тоа и’ е најнормално", ни раскажа Тодоровски.

Сакајќи да ни го опише стравот, ни се довери дека решиле да ги сменат висечките лустери, за да не гледа Росана колку се затресла зградата кога ќе има земјотрес.

На 13-тиот кат во истата зграда 22 години живее фоторепортерот Ѕвонко Плавевски, кој пред тоа живеел на прв кат во Карпош 3.

"Многу убаво се живее. Станот ми е на западната страна, свртен е накај Вардар и уживам во глетката. Тоа мене ми е нормален пејзаж, што најдобро го почувствував неодамна во Мостар додека ги разгледувавме мостовите со еден колега. Од горе тој гледаше со страв, а мене тоа ми беше нормално, се чувствував како дома. Од друга страна, тоа знае да биде и незгодоно, особено зиме, кога е моногу студено поради струењето на воздухот над Вардар", ни раскажа Плавевски.

Незгодно, како што рече, знае да биде и кога ќе се расипе лифт, , особено ако е време кога се враќаат луѓето од работа.

"Од луѓе што чекаат лифт тогаш се прави ред до Карпош 3, а знае да биде незгодно и ако ќе ти се расипе лифт кога се враќаш од журка, со последните сили", се пошегува.

ДИЈАЗЕПАМ На другиот крај од градот, во една од кулите на булевар Видое Смилевски - Бато во Ново Лисиче живее Кети Мазнева, апсолвентка на Филолошкиот факултет "Блаже Конески". Неколку години откако се родила живеела во Кисела Вода, во зграда на понизок кат, но, вели многу малку памети од тоа и има впечатокт дека животот и’ почнал во Ново Лисиче, каде што живее 19 години, на 14 кат.

"Се сеќавам дека кога се доселивме се случуваше да не работат лифтовите, па татко ми мораше да ме носи во раце 14 ката. Но, веќе немаме такви проблеми и воопшто не ми прави проблем тоа што живеам на 14-ти кат. Толку многу сум навикната, што понекогаш ми е чудно кога ќе отидам на пониско. Кога сум на гости, во пониски згради, визуелно ми е чудно. Навикната сум на перспектива од високо. Оваа височина ми дава мир, особено кога треба да учам, зашто сум оддалечена од вревата што ја прават сообраќајот или луѓето што се дружат околу зградите. Од балконот го гледам цело Ново Лисиче, дел од Јане Сандански и цела Скопска Црна Гора, од крај до крај.

Често пати, додека учам, имам навика да излезам на пауза на балкон. Со сестра ми знаеме да се пошегуваме: ќе излезеш на дијазепам?“, ни раскажа Кети.

0 comments: