четврток, јули 27, 2006

Дојран како во златните времиња


Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографии: Ирена АТАНАСОСКА

„Водата е живот“. Ова е првата порака што ќе ве пречека на крајпатните табли уште на влезот на Нов и на Стар Дојран. Ако подолго време не сте ги посетиле, уште веднаш ќе можете да го почувствувате тоа. Ривиерата е живната, улиците се исполнети со минувачи, а туристичките работници, како што велат и официјалните податоци, веќе ги тријат рацете.
Кого и да прашате, ќе ви рече дека еколошките црни денови поминале, се враќа водата во езерото, а со неа се враќа и животот во градот.

Пријатно добредојде

Веднаш ќе почувствувате ведрина, уште со првиот чекор по асфалтот, но не можете веднаш да сфатите што е тоа што ве исполнува со пријатни чувства. Нешто како да лебди во воздухот, покрај брегот, на шеталиштето, или по главната улица, додека ги набљудувате убаво уредените дворови, и доминантната розова боја на расцунетните леандри. Погледот ви се спушта и кон автомобилите, сакајќи да видите од каде се се дојдени туристи. Меѓу регистарските таблички ќе забележите велешки, кумановски, скопски, гостиварски, штипски, па дури и охридски. И, не е случајно.

- Овде сум две недели и ако можам да одложам некои обврски ќе останам до 15 септември. Како ни е погодено, не ми се оди во Скопје. Кога ќе ми текне само колку е таму се забрзано, натуткано, не ми се враќа назад. Видете колку е мирно, тивко, слушаш инсекти, гледаш птици, водата е одлична за „бањање“. Одлично!

Не беше тешко да се увериме во зборовите на скопјанката Софија Граматикова, кога се обиде да ни пренесе дел од нејзиното секојдневие во Стар Дојран, каде што, заедно со нејзината сестра Ана и со неколку другарки, секоја година престојуваат во куќата на нивните предци, членови на една од најстарите дојрански фамилии.

- Градот почна да се полни пред недела-две, кога почна да пристигнуваат поголем бран туристи, но најголемиот бран се очекува во август - ни раскажа Софија.

Таа ни ја откри тајната зошто токму тогаш и зошто дури и од Охрид, каде што има поголемо езеро, луѓето доаѓаат во Дојран.

Лековитиот цут на алгите

- Август е идеално време за одмор во Дојран. Тогаш водата е најтопла и тогаш почнуваат да цутат алгите. Од нив испарува јод, што е одличен лек за подобрување на имунитетот, за лекување настинки и проблеми со дишењето, и токму поради тоа најголемиот дел од гостите се семејни луѓе со мали деца - раскажува Софија.


Покрај лековитоста на алгите, дојрани ќе ви кажат и за лековитото дејство на калта од езерото, за лекување на проблеми на коскено-мускулниот систем. На многу места на плажите ќе видите луѓе како „се печат на сонцето“ премачкани со кал.

- Убаво е за децата. До пред некоја година, преку цела година кашлаа, настинуваа, но откако се врати водата во езерото, откако почнавме да доаѓаме, имунитетот им е подобар. Можеби плажите не изгледаат убаво како охридските, но ниедно друго езеро не може да ви го даде ова - вели една скопјанка, која заедно со сопругот втора година летува во Дојран.

Сместени се во приватна соба и плаќаат по 250 денари од кревет за ноќевање. Велат она што го добиваат не е од врвен квалитет, но не можат многу ни да се пожалат

- Плажите се уредени, има туш-кабини и кабини за пресоблекување, во близина има каде да се пазари - раскажува таа.

Палачинки на полноќ

На Градската плажа го сретнавме и скопјанецот Стево, кој дошол на десетдневен одмор со неговата пријателка.

- Плаќам 300 денари, за соба блиску до автобуската станица. Задоволен сум од сместувањето и ми се допаѓа што ми е се тука, блиску. Има во близина и ресторани и клубови за младите, градската плажа е веднаш тука. Убаво е - ни раскажа Стево.

Вели дека е задоволен од понудата и од цените на рестораните и на кафулињата.

- Со 500 денари двајца можат да ручаат во еден од најдобрите ресторани во Дојран, со предјадење, а за околу 600 денари можете да ручате дојранска риба - раскажува тој.

Веќе е минато времето кога во градот немаше каде да ги купиш и основните дневни артикли, велат нашите домаќинки Софија и Ана Граматикови.

- Откако се врати водата, се е поинаку, живнато. Има луѓе на плажите, се инвестира во нови апартмани, хотели, казина. Може да ви звучи неверојатно, рестораните не можат да си најдат персонал. Младите се ангажирани, главно во грчките казина, каде што се добро платени и нема кој да работи на другите места - раскажува Ана Граматикова.

Веќе, како што вели, има одлични клубови и кафулиња, во кои можете по неверојатни ниски цени да ја поминете вечерта.

Сега има места, во кои можеш и во 12 часот на полноќ да порачаш палачинки и да те послужат - вели таа, повторно додавајќи дека Дојран е идеално место за одмор за луѓе што сакаат вистински да се одморат, да се тргнат од урбаното живеење, од вревата што ја прави сообраќајот и од забрзаниот живот.

Сместување од 250 до 1.000 денари

Цените за ноќевање се движат од 250 до 300 денари за кревет во приватно сместување, а пансионите се движат од 900 до 1.200 денари. Во моментов посетеноста е 3.000 до 4.000 луѓе, колку што е и капацитетот на градот - вели Бранко Георгиев од Туристичкото-информативно биро на општина Дојран.

Капацитетот на општината е околу 2.000 легла во приватно сместување, 1.500 за сместување во работничките одморалишта и околу 600 легла во комерцијалните хотели. По цена од 1.000 денари можат да се изнајмат и луксузни апартмани во приватни вили, опремени со фрижидер, клима-уред и со веце.

http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&EditionID=29&ArticleID=721

четврток, јули 13, 2006

Македонија на Yahoo!

Васко МАРКОВСКИ

„Ова е навистина возбудливо. Дефинитивно ќе ги посетам сите споменати места. Ви благодарам за прекрасните репортажи, штотуку научив нови работи за земјата во која сум роден, Македонија“.

„Живеам во соседна Албанија. Би сакал да посетам некои од овие места следниот пат кога ќе одам во Македонија“.

„Ти благодарам Бенгс за исклучителната презентација и прекрасната промоција на Македонија. Ова е вистинска авантура за мене, откако го имам ова богатство од факти и од извонредни приказни. Ви посакувам топло добредојде на сите, повелете и посетете ја Македонија“.

Овие неколку реченици се само првите реакции на посетителите на веб-страниците Yahoo Adventures (Јаху Адвенчерс), во чиј централен простор од понеделникот се објавува серијалот „Мистериите на Македонија“.

Репортажите се мултимедијални и содржат статии, видео и фото-галерии, изработени од светски прочуениот патувач Ричард Бенгс, кој неодамна заедно со својот тим престојуваше во Македонија.

Најновите репортажи од серијалот „Авантурите на Ричард Бенгс“ ги промовираат туристичките атракции на Австралија, Јордан, Руанда и Панама, а страниците преку директни линкови се поврзани со главните портали за туризам на земјите што се претставени.

Репортажите за Македонија се „линкувани“ на националниот портал за туризам Exp­lo­ring­Ma­ce­do­nia.com, каде што се уверени дека ефектот ќе биде голем и ќе донесе многу нови туристи во земјава.

- Ова е навистина одличен бесплатен публицитет за Македонија - оценува Дик Голдман, директор на мисијата на УСАИД во Македонија, во информацијата што ја објави агенцијата МИА.

Според соопштението на УСАИД, со чија помош беше отворен порталот „Експлоринг Маседониа“, се очекува на овој начин веб-сајтот да го посетат околу милион посетители, кои оттука ќе можат директно да добијат информации за туристичката понуда и да резервираат аранжмани за одмор.

Според проценките, веб-сајтот на „Експлоринг Маседониа“ на овој начин би требало да го посетат околу милион посетители.

„’Светите мистерии на Македонија’ е наше истражување на една од најинтригантните држави на земјината топка, која некогаш била најсилното место на земјата, домот на Александар Велики. Тоа е место каде што се појавува интересот на луѓето за религијата и за науката, место во кое се родиле разни вештини на лекување, во кое Православното христијанство и Исламот живеат едно покрај друго во мир. Но, Македонија не живее во минатото. Таа е денес една од првите земји во светот кои се целосно покриени со безжичен интернет“, пишува во воведниот текст на серијалот.

Во досегашните три репортажи, тимот на Ричард Бенгс ги посетува Охрид и древната опсерваторија Кокино и ги истражува духовните богатства и реликвии на верските заедници во Македонија.

Централна личност на првата репортажа, „Откривање на маската од Македонија“, е охридскиот археолог Паско Кузман, кого авторот го нарекува „харизматичен археолог“, кој носи три часовници и патува слободно меѓу археолошкото минато, модерната сегашност и иднината“.

Разговорот со Паско Кузман на посетителите им ја пренесува историјата на Македонија, од времето на Олимписките игри на античките Грци до откривањето на златната маска во 2002 година.

„Македонија е грчка“, вели еден од коментарите на оваа статија, но меѓу нив има и пораки кои со воодушевеност зборуваат за она што го виделе кога ја посетиле.

„Еднаш ја посетив Република Македонија и потоа ја посетив уште шест пати. Многу се убави природата и истористките споменици, но она што најмногу прави да се враќам назад се луѓето. Дајте им шанса, станете нивни пријатели и ќе дадат се што им е вредно во животот“, вели еден посетител на страницата.

„Мистериите на карпите и ѕвездите“ е насловот на втората репортажа, која посетителите ги води Кумановско, во древната мегалитска опсерваторија Кокино.

„Кокино е антички свет храм, од каде што почнуваат науката и религијата. Тоа е македонскиот Стоун Хенџ, кој го формираат засечените гранитни карпи и рачно изделкан трон. Кокино е една од најголемите праисториски опсерватории во светот, единствената што е досега откриена во Источна Европа“ - вели Ричард Бенгс во предговорот за втората репортажа.

Вчерашната репортажа е насловена „Скриените тајни и духовното богатство“ и го истражува културното наследство од верските и сакралните објекти на сите религиозни групи во Македонија. Во неа е се опфатени археолошките остатоци од периодот пред појавата на христијанството, а завршува со 365-те цркви во Охрид, по една за секој ден во годината.

Репортажите ќе бидат на почетната страница на „Јаху Адвенчерс“ најмалку две недели, а во тој период на другите страници на „Јаху“ ќе бидат поставени банери кои ќе упатуваат кон нив.

Додека посетителите очекуваат да откријат што ќе донесе денешната авантура на Ричард Бенгс, канцеларијата на УСАИД во Скопје и „Експлоринг Маседониа“ се уверени - заедно со рекламата на „Си-ен-ен“ ова ќе биде една од најдобрите промоции на Македонија.

Факти за Македонија

- нација сместена меѓу границите на Грција, Бугарија, Србија и Црна Гора и Албанија
- дел од поранешна Социјалистичка Југославија
- површина нешто поголема од Вермонт
- население 2.050.554 жители
- дом на Александар Велики
- Клеопатра потекнувала од Македонците
- Родно место на кирилското писмо
- прва земја во светот целосно покриена со безжичен интернет

(ИЗВОР: Ya­hoo Ad­ven­tu­res)


http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&EditionID=17&ArticleID=157

вторник, јули 11, 2006

Тргнал на печалба, изгради музеј, лекува со молитва..


Облачно пладне, штотуку застанавме на сретсело во кумановско Режановце. Звукот на автомобилот в час го заменија мрзеливото џивкање на две-три врапчиња, довикување на две-три комшиски кучиња, и горделивото квачење на квачките. Додека седиме под ѕитчето на селската чешма, единствената сенка за на раат да се изеде симитпогачата со јогурт, тек-тук минува по некој трактор, влечејќи приколка со балирана слама. Забележувајќи нови лица, девојче, нерешително минува со топка в раце, одејќи кон сенката на комшиската куќа.

Пристигнуваме пред црквата „Свети Јован Опсечен“, надалеку прочуена по лековитите води и исцелителските молитви на батко Злате, дворот со илјадници цвеќиња и со богатиот етно -музеј, создаден од него и од посетителите.

Ова сигурно ќе потрае, помисливме со фоторепортерот, кога забележавме друга новинарска екипа, која стигнала пред нас и веќе на големо разговара со домаќинот. Времето го искористивме да влеземе во храмот и да запалиме свеќи. Црквата, како што разбравме подоцна, била изградена во периодот од 1941 до 1956 година, на стари темели, од римскиот период. Фреските изгледаа свежо живописани, а од записите под секоја од нив разбравме дека се дар од верници од Кумановско, Кривопаланечко, Струмичко, и од Прилепско. Меѓу светителите доминираат оние чии житија говорат дека имале силна вера и исцелителски способности - Свети Кузман и Дамјан, Свети Пантелејмон, Свети Климент и Наум Охридски.

- Повелете, посетете го музејот, додека да завршиме ние работа - ни порача домаќинот.

Го послушавме. Уште пред да тргнеме од Скопје, чувме многу за грижливо собираната збирка на народни носии, предмети од домаќинството и разноразни стари ситнурии, кои додека се меткаат низ фиоките личат неважни и ни пречат, но кој би рекол дека можат толку достоинствено да изгледаат кога ќе станат дел од една богата ризница.

Првото што ве плени, кога ќе влезете таму, е трудот што е вложен сето тоа да се собере, да се изгланца и да се изложи, но не без ред, туку во строго осмислен ред.

Ѕидовите се покриени со народни носии, наредени една до друга, дел од вкупно 600 носии, или „600 носии на оро“, како што подоцна ни објасни домаќинот.

Ги има од сите краишта на Македонија - гостиварски, тетовски, паланечки, влашки од Кочанско, струшки од Јабланица... Сте помислиле ли некогаш како изгледа носијата на бабите од Демирхисарско, знаете ли каква е носијата на жените од Македонска Каменица - збирката на Златко Давитковски е вистинското место да научите.

Пред нив, наредени на масички, илјадници други експонати - ќилимчиња, ткаени торби, дрвени кујнски алатки, стари часовници, метални пазарџиски ваги, котли и ѓумови, бакарни тави, стари народни инструменти, садови за вода и за ракија, матарки, стари пари, стари пегли и машини за шиење... не може се да се наброи.

Конечно, дојде и нашиот момент. Додека далдисано ја разгледувавме книгата на впечатоци, од надвор го чувме поздравувањето. Колегите заминаа, дојде нашиот ред да седнеме под вишновото дрво, на кафе и муабет, накусо, колку што ни остана од времето.
- Црква се вика „Свети Јован Опсечен“, посветена е на отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител. Го слави 11 септември, денот кога била отсечена главата на Свети Јован, а летна слава е Павловден, кога е ставен темелот на сегашниот храм - ни раскажа нашиот домаќин, откако се договоривме кој какво кафе пие.

Неговиот пат до Режановце почнал пред околу 35 години. Родум е од село Дренак, Кривопаланечко, а во Режановце дошол, како што вели, по Божја промисла.

- Бев млад, на 25 години. Живеев во Дренак и штотуку отслужив војска, 18 месеци во Осиек. Накусо поработев во Паланка и решив да заминам за Чехословачка, на печалба. Но, не било така пишано. Извадив пасош, но три дена пред да тргнам паднав во десетчасовна агонија, постојано извикувајќи „Исус, Исус“ - раскажува.

Слична агонија го повторила и следните денови, кога побарал помош од гатач во Младо Нагоричане. Тогаш, како што ни раскажа, имал видение. Му се јавила Богородица и му кажала дека не му е пишано да оди на печалба, туку дека е предодреден животот да го посвети на Бога. Тогаш му се јавил и Свети Јован, кој му порачал да оди во село Режановце, кај Куманово, и да ги побара Петре и Олга Спасовски. Оттогаш, неговиот живот е врзан за овој храм, а гласот на светителите му порачал дома да оди само два дена во два месеца.

- И, ете, оттогаш сум тука. Дворов што го гледате, не беше поплочен како сега, низ него шетаа свињи и магариња, но, со Божја помош се се направи - вели Златко покажувајќи кон жолто-црвениот плочник, со цветни дезени.

Селото и храмот набргу станале прочуени по неговата посветеност и по исцелителската моќ, за која сведочат многу луѓе, во книгата на посетители, на македонски, бугарски, српски и на англиски. Жителите на Режановце му ја изразиле благодарноста и со две спомен плочи, едната на влезот на кладенците, другата на ѕидот пред трпезаријата.

- Сега се подготвуваме за Павловден, на 13 јули, сега в четврток. Секоја година е врвулица од луѓе. Има општо-народна веселба, го посетуваат музејот, даваат дарови, а редовен гостин е и владиката Кирил. Годинава нема да биде, ќе биде на хиротонисувањето на епископ Иларион, игуманот на Лесновскиот манастир - вели Златко.

Го прашавме како почнал да го создава музејот.

- Се почна со подарокот од мојата сестра, која ми ја подари невестинската носија на нашата покојна мајка. Бев воодушевен од носијата, а за мојата радост кажав на многу луѓе што доаѓаа. Полека, полека самите почнаа да ми носат носии на подарок. Некои зашто знаат колку им се радувам, некои како благодарност што сум им помогнал да се излекуваат или да најдат спокојство и духовен мир - ни раскажа.

Полека дојде времето да заминеме. На испраќање ни раскажа дека му е желба на местото на сегашната трпезарија да се изгради нов објект, кој ќе ги прибере сите експонати од ризницата. Со помош на државните институции би сакал збирката да се заштити, да се проучи и да се изложи според музејските прописи. Вели дека е многу разочаран што и покрај многуте ветувања и од институции и од поединци ништо не било направено. Инсистира да ја објавиме неговата благодарност до доктор Предраг од кумановската болница, кој му помага барем еднаш во годината просториите да се испрскаат со инсектицид, за да не ги изедат молци носиите. Збирката на етномузејот ја истражувале и е дел од научните трудови на фолклористите доктор Марко Китески и магистер Јасминка Писковска Пиличкова, а секојдневни гости се новинарите.

Се поздравивме и заминавме.

Веднаш под црквата, од десната страна на патот се трите кладенци, од кои, според верувањата на луѓето, извираат лековити води. Секој кладенец има свои заштитници - Свети Јован Крстител, Свети Кузман и Дамјан, и Светите апостоли Петар и Павле. Слеговме до нив, да се измиеме за добар пат.

Грмежите и темните облаци најавија невреме. Нема да е најзгодно за патување, но добро ќе ги полее цвеќињата на Златко. Ги има илјадници, насекаде по дворот, во кој некогаш шетале свињи и магариња.

ТРИ ЛЕКОВИТИ ВОДИ

Лековитоста на водите, како што велат народните преданија, ја открила Софија Светапеткарка од Куманово, која била прочуена како видовита жена, посветена на Бога. Нејзиното име се врзува за изградбата на пет храмови во Кумановско и во Скопско и била чест посетител на „Свети Јован Опсечен“, се до нејзиното упокојување, во 60-те години на минатиот век. Домаќинот на храмот, Златко Давитковски, раскажува дека водите досега направиле да проговорат неми, да прогледаат слепи и донеле деца во домовите на многу неротки. Истото го напишале и многуте посетители, во книгата со впечатоци.

РИЗНИЦАТА НА ЗЛАТКО

- Музејот зафаќа седум простории, а како што тргнало и тие ќе бидат малку. Досега имаме 600 комплети носии од сите делови на Македонија и дел од Јужна Србија. Некои од нив се стари и по 120-130 години. Во збирката има околу 200 килими, 150 скутници и 800 експонати.