петок, февруари 10, 2006

"Акцијашките" бараки ги стоплија бездомниците

Долго време работам со бездомници. Работам со нив континуирано - разговарам, ги евидентирам, истражувам.. Досега се обидував да им помогнам, но немав мегдан, немав вакво нешто, сега е поинаку - вели координаторот на прифатилиштето за бездомници во Катланово, додека пиевме чај, откако ја смести новата група од 35 луѓе, во бараките подигнати за младинците од некогашната акцијашка населба.

Васко МАРКОВСКИ
ФОТО: А. ИВАНОВСКИ

Знаевме дека денот ќе биде студен и долг уште пред да тргнеме кон Катланово. Синоптичарите веќе неколку дена прогнозираа дека токму овој ќе биде најстудениот. Прогнозираа 25 степени под нулата и - не згрешија. И самите веднаш го забележавме тоа, чекајќи ја новата група бездомници пред Центарот за социјални работи и автобусот што требаше да ги одведе во прифатилиштето за бездомни лица во Катланово. Додека си ги греевме рацете и чевлите на "парното" во службената "лада-нива", вртејќи ги станиците на радиото за да го чуеме најновиот временски извештај, погледите ни беа насочени кон влезот на Центарот. Не можевме да го тргнеме погледот од луѓето кои надоаѓаа, носејќи го сиот свој имот в торба, и по некое дете в раце.

- Доцниме малку. Сега ми јавија, автобусот не пали. Луѓево се собраа, кај да е, за десетина-петнаесет минути ќе тргнеме - најави нашиот денешен патеводител Љупчо Цветковски, координатор на Домот во Катланово.

Така и беше. Црвен автобус, полека-полека влезе во дворот. Додека луѓето се качуваа, ние побрзавме кон Катланово, за да ги пресретнеме на влезот на прифатилиштето.

Не беше тешко да се најдат бараките. Приближно знаевме каде се, а брзо се уверивме дека сме на вистинскиот пат, откако препознавме некои познати фаци од скопските бездомници како ги разодуваат нозете врз асфалтот покриен со снег. Се паркиравме во дворот. На радио, лекар советува надвор да се излегува само при неизбежна потреба, со шал преку лицето. Автобусот пристигна.


- Срамота е што ме пикнаа овде - одеднаш пред нас се појави човек кој штотуку слезе од автобусот. Лесно беше да се забележи дека не е среќен што доаѓа тука. Не ни беше јасно зошто, но подоцна ни стана појасно, откако и Љупчо ни даде "ишарет" дека станува збор за специфичен случај.

- Имав стан кај кино "Вардар", имав жена, деца.. и ме пикнаа во дом за бездомници - не можело да се пренесе станарско право од баба на внук и - ми го зедоа станот, ме испратија во болница во Бардовци, не ми кажаа зошто. Имам машина за правење пуканки, правам пуканки пред кино "Вардар", од тоа ќе живеам, само да се затопли времето - раскажа тој.

По кусата прозивка, му се придруживме на нашиот домаќин Љупчо и на неговиот колега, шеф на техничката екипа на прифатилиштето. Ни раскажа дека со денешната тура пристигнале 35 луѓе, главно поранешни жители на некогашните картонски колиби кај поштата на влезот во Ново Лисиче.

- Без гајле, се ќе ставиме! - Ќе дојдам со мајсториве... ќе ставиме и радијатор, да ги сместиме еднаш луѓево - го чувме главниот техничар, на аголот зад една од бараките, како се објаснува со еден од станарите дојден пред некој ден, со претходната група. Накусо поразговараме, разгледувајќи ги собите.

- Кој работи на овие температури - само ние и вие - се пошегува.

Додека мајсторите ги редеа креветите, ни раскажа дека во една барака се сместуваат по неколку фамилии - пет до седум, зависно од просторијата.

- Главно, се обидуваме да сместиме едно семејство во една соба. Во собите имавме послано теписони, но вчера, кога беа да ги видат, не им се допадна, навикнати се поинаку. Им даваме повеќе ќебиња, за да можат да се завиткаат, како што спиеле во колибите. Гледаме да им наместиме како што сакаат. Обично бараат по еден кревет за родителите, а на децата им прават постела на подот. Вчера беа собите компет наместени, со кревети на кат, но не сакаат - раскажува малку разочарано.

Тука некаде се појави и домаќинот, го познавме по гласот од зад нас. Помислувам - и нему не му е лесно:

- Ама да се намести, бе Љупчо, па, како така, богати?

- Важи... Абе, сега, кога ти давам збор, немај гајле. Толку време се знаеме..

- Молим те...

Накусо чувме дел од разговорот со новодојдените.

- Не ни е лесно - ни се пожали, и ним и нам:

- Како, бе, така, браќа сте, а не сакате заедно да живеете?

- Не, сакам Љупчо, брат, сакам со шурата. Не можам со брат ми, немирни му се децата, ги тепаат моите, кој ќе се расправа? - се пожали Сељадин, кој најде рамо за плачење кај стариот познајник од Центарот за социјални грижи.

Во меѓувреме, тркнавме до ресторанот, каде што се подготвуваше ручекот.

- Аирлија работа, што готвите за денеска? - го прашавме готвачот, кого го најдовме кај фиоката со кујнски алатки. Раскажа дека во казанот се готви грашок со месо, а со јадењето ќе се служи туршија и лути пиперчиња. Вели кујната нуди идеални услови за готвење, опремата е одлична, ја оставиле војниците од НАТО, кои до пред некоја година биле сметени во бараките. Храната, како што ни раскажа, се служи во ресторанот. Појадокот почнува во 8, од 12 до 13 е ручекот, вечерата е од 17 до 18.

- Сепак, имаме разбирање ако некој не сака да јаде во трпезаријата. Студено е, некои не сакаат да ги носат децата по студот надвор - им даваме храна во тенџериња, им даваме чинии и прибор за јадење, па јадат во собите. Има и стари луѓе, може да се слизнат на снегот - вели готвачот.

Додека разговарамве, дојде и домаќинот.

- Ај, направи по едно чајче, да ги стоплиме новинариве - му порача на шефот на кујната, а нас не покани да седнеме, покрај греалката. Ќе ти покажам една жена, вели, ја најдовме на автопат, не можеш да поверуваш како изгледаше - легната, полумртва. Ја зедовме, викнавме лекар, ја искапивме, и дадовме лекови - не верував дека ќе преживее. Сега да ја видиш, нема да ја познаеш. Добила руменило на образите, живнала, почнала да си ја негува косата. Кога ја најдовме не беше контактибилна, сега резонира, разговара- мислам Снежана се викаше, раскажува задоволен од резултатите.

Со оваа група вкупно во прифатилиштето има околу 150 луѓе. Законската обврска на социјалните работници е да ги згрижат шест месеци до една година. Во тој периот се работи на враќање на "чувството за дом и семејство", враќање на навиките за живеење во заедница, оние што немаат лични документи ги добиваат првите лични карти.

- Долго време работам со бездомниците, пет-шест години. Имам правено истражувања, работам со нив континуирано, ги евидентирам. Досега се обидував да им помогнам, но немав мегдан, немав вакво нешто - сега е поинаку, вели координаторот на Центарот, кажувајќи дел од идеите.

- Близу до бараките има државно земјиште. Планираме да го земеме под концесија и да направиме сопствена економија, работилници - да можеме да ги ангажираме луѓето. Така најлесно ќе се ресоцијалицираат. Има услови, може да се работи - земјоделство, пчеларство, може да се набават ситни машини, за производство на "спајалици".

Полека дојде времето за ручек. Додека луѓето се движеа кон ресторанот, ние тргнавме кон "ладата". Одеднаш пред нас се истави човекот што ни пристапи кога се симнуваа од автобусот.

- Не можам овде да седам. Ќе направите ли едно место да ме вратите во Скопје. Не сум јас за овде. Само, причекајте ме да јадам, веднаш ќе дојдам - не замоли, со истата разочараност од разговорот што го почнавме кога дојдовме.

Сместувањето е доброволно, нема да направиме грев, ако го вратиме, помислив. Додека јаде, ќе имаме можност и ресторанот да го фотографираме. Надвор, навистина беше најстудениот ден оваа зима.