Со изучување на структурата на материјалите би можеле да научиме како да ги контролираме нивните физички својства, би можеле да најдеме начин својствата на материјалите да ги приспособуваме на нашите потреби.Оваа идеја во последниве пет години е главната преокупација на доктор Панче Наумов, млад научник по потекло од Штип, кој живее во градот Цукуба, во Јапонија. Работи во јапонскиот Национален институт за наука за материјата, кој важи за една од водечките научни институции во светот, а за неговите постигнувања Кристалографската асоцијација на Јапонија неодамна му ја додели наградата за најдобра презентација, за достигнувања во областа на структурната хемија, за научници на возраст до 35 години.
- Наградата ми беше доделена на годишното собрание на асоцијацијата, што оваа година се одржа во Химеџи, познат по истоимениот замок, заштитен од УНЕСКО, и кој како еден од поранешните главни градови претставува многу важен дел од јапонската историја. На истата конференција награда за долгогодишни остварувања му беше доделена и на професорот Филип Копенс од САД, кој се смета за еден од сериозните кандидати за Нобеловата награда. Интересно е дека беше доделена на научник по потекло од Европа и покрај тоа што најголемиот број учесници беа од Јапонија - раскажува доктор Наумов.
По завршувањето на студиите на Природно-математичкиот факултет во Скопје работел како стручен соработник на Институтот за хемија. Дипломирал со просек 9,94 и бил прогласен за студент на генерацијата. Паралелно со работењето, се запишал и на пост-дипломски студии на Институтот за хемија, што за него било прилика да соработува со еминентни научници од петнаесетина земји од Европа и од Азија. Во 2000 година, на 25 години возраст, ја добива престижната стипендија за студии во Јапонија што ја доделува јапонското Министерство за наука и студиите ги продолжува на Институтот за технологија во Токио.
- Работев во лабораторијата на професорот Јуџи Охаши, еден од најеминентните светски кристалографи, актуелен претседател на Светската кристалографска унија. По препорака на професор Охаџи, се запишав директно на докторски студии, без вообичаената магистратура, кои ги завршив во 2004 година. Истовремено го изучував и јапонскиот јазик, што е неопходен предуслов за живеење и за научна комуникација во Јапонија. По докторирањето, бев одбран како еден од петнаесетте кандидати селектирани помеѓу околу 700 од целиот свет за новоформираниот Центар за млади научници при јапонскиот Национален институт за наука за материјалите.За околу една година, во Центарот ја формирав лабораторијата за испитување на ултрабрзи феномени во цврста состојба. Тука имав можност да контактирам со многубројни еминентни колеги, светски научници од скоро целиот свет. Меѓу нив би ги издвоил сер Харолд Крото од Велика Британија - добитник на Нобеловата награда за хемија во 1996 година и професор Хајнрих Рорер од Швајцарија - добитник на Нобеловата награда за физика во 1996 година. Бев почестен кога во нивна чест одржав неколку специјални предавања - се сеќава.
Работи во повеќе научни области, кои што би можеле со еден термин да се означат како структурна хемија. Предмет на изучување на структурната хемија се молекулската и атомската структура на материјата, а методите што најчесто ги користи се примена на рентгенски зраци за изучување на структурата, во комбинација со интензивно ласерско зрачење.
- Рентгенските зраци ни овозможуваат практично директно да го „гледаме“ движењето на атомите и молекулите. Идејата во основата на оваа истражувачка проблематика е дека структурата е нераскинливо сврзана со својствата на материјата, што значи, преку изучување на структурата би можеле да научиме да ги контролираме физичките својства на материјалите. Тоа, пак, значи дека би можеле да најдеме начин за подобрување или контрола на својствата ан материјалите на начин на кој што ни одговара. Работам на материјали кои ја менувааат структурата под влијание на светлина, така што се многу перспективни за примена во идните ултрабрзи фотооптички мемории и прекинувачи во оптишки кабли - вели Наумов.Најголемиот дел од времето го поминува во организирањето на работата и експериментирање во неговата лабораторија во јапоснкиот Национален институт. Живеејќи далеку од дома, вели дека понекогаш му е непријатно што медиумите не покажуваат голем интерес за достигнувањата на научниците по потекло од Македонија, како што известуваат за успесите на уметниците и музичарите. За воведувањето во научната работа особено им е благодарен на професор Глигор Јовановски, академик Бојан Шоптрајанов и на колегите од Институтот за хемија во Скопје.
- Научните истражувања се интересна и креативна работа, но, особено оние од нивото на светската наука, бараат од тој што работи големи жртви, во смисол на време, посветеност и упорност. За да се истрае во тоа неопходно е да се има поддршка од колегите и најблиските, а особено кога се живее во странство, во Јапонија, земја со многу различна култура од нашата. Овде би ја истакнал континуираната соработка со д-р Коста Балабанов, почесниот конзул на Јапонија во Македонија, кој, несомнено, е еден од најзаслужните за промоцијата на македонската култура во Јапонија, и обратно, на јапонската во Македонија - порачува македонскиот доктор од неговата лабораторија во земјата на изгрејсонцето.
